09 August 2013

„Само уште една“


Ти никогаш нема да го запаметиш она кое што јас никогаш нема да го заборавам.
Се вративме на почетокот, од каде што почнавме.. како двајца странци.
Ти чекориш напред, а јас назад.. Ти кроиш иднина а јас крпам судбина.
Некогаш ја мешам реалноста со соништата, мислам дека уште си таму.. и ништо не се променило, но времето не чека.. Не чекаше ни за мене ни за тебе. Ти немаше време да го чекаш времето, а јас немав трпеливост. А во љубовта не постои време, затоа што се` е вечност.
Секој ден делче по делче го составувам мозаикот од распаднатите желби, соништата кои ти ми помогна да ги изградам а потоа ти самиот ми ги сруши. Живеев во нестварност, живеев во лага која ме кошташе многу повеќе од вистината. Јас и понатаму лутам и барам.. но залудно..
Кога човек ќе го изгуби она што му е драго, не може да го замени ни она што е повредно.
А вредеше ли ти? Вредеа ли сите исплакани солзи по тебе? Вредеа ли сите непреспани ноќи мислејќи во чија прегратка си? .. Не вредеа знам. Да вредеа ќе најдеше начин да ги поправиш..
Изгледа после се, јас ќе сум само уште избледена слика во твојот албум..
Ама знаеш, јас секогаш ќе сум подобра од тебе.. Секогаш ќе бидам над тебе..
И колку да сум паднала ниско што поверував на ништожник како тебе, јас имам нешто кое ти нема да го имаш никогаш. Јас имам срце само за еден, а ти за секоја..
Покрај мене секој ќе биде љубен до болка, тој ќе го има моето срце цело. А ти..?
Каква љубов ќе добиеш за возврат ако го делиш срцето на парчиња?
Таа љубов никогаш нема да ти биде доволна затоа што човек не може да се засити од трошки.
И ете.. времето полека си го прави своето, се гради ѕидот на заборавот.
Наскоро ќе ме нема ни во твоите мисли, а во твоето срце.. Ех не успеав да пронајдам место таму.. Зошто? Од секогаш се прашував.. секогаш си мислев дека не бев доволно убава и добра, или доволно интересна за да те задржам.. Но јас никогаш не се запрашав колку беше лош ти.. Но така е кога некого болно сакаш, мислиш секоја грешка во љубовта е само твоја.
А каде погрешив јас? Погрешив ли што те сакав искрено, што ти го отворив патот до моето срце и ти врачив куршум затоа што имав безрезервна доверба дека ти никогаш нема да ме погодиш.. и ти ме уништи. Но јас повторно живеам, живеам со пустош во мене, таму не остана ништо.. Живеам само со своите мисли, со моите желби и посакувања.. Живеам со спомените..
Со секој збор, секој допир..  Врежани се на мене и си ги носам како лузни. Твоите бакнежи, допирите.. можеби ти не ги гледаш ама јас ги чувствувам, ми ја горат кожата.. ме печат.
Обележана сум од твојата сурова љубов, како клетва ќе ја носам во мене цел живот.. И од неа ќе учам, таа ќе ме потсетува дека секој не ја заслужува таа безрезервна љубов.
Ти си мојата прва лузна, прва рана.. А јас, само уште една твоја жртва.
Ти за мене секогаш ќе бидеш единствен, а јас... само уште една.
Нека.. тркалото се врти, и ти ќе сфатиш еден ден како е да се биде.... само уште еден.