Не, не си ми спомен.. ти си ми сон. Сон кој го сонував со отворени очи и раздвоени усни. Сонот бледее, како и твоите отисоци на мојот врат, испарува како и твојот парфем од моите дланки. Ти беше само задоволството на мојот очаен крик за нова возбуда.
Ми го стопи мразот од усните кој полека навлекуваше вечна зима врз моето срце, ми протна радост во очите каде одамна се нижеа бисери од солзи. Ми запали оган во најголемиот мрак од мојот живот.
Ти беше мојот ангел кој полека се претвори во уште еден од оние кои носеа и крилја и рогови на себе. Да, ти ми беше раката подадена во бездната каде умираа болните од пропаднати љубови. Те сретнав во најголемата зима во мојот живот, таа која никогаш не си отиде.
Можеби тоа е доказ дека после тебе доаѓа пролетта.
Онаа убава пролет во која шепотејќи долетува гласот на ветената љубов.. онаа која одамна ја чекав. А ти ќе останеш зимскиот сон кој со мирисот на пролетните јорговани ќе избледи од моето сеќавање, ќе те снема како сувите лисја после мајскиот ветар. Ќе останеш најсуровата зима во мојот живот и најстудениот воздух кој продрел до моите гради и не сум можела да го издржам, за да ме присетуваш колку ја сакам пролетта и колку љубов можам да вдишам без да ми застане здивот.