15 August 2016

„Ти, мојот делириум"

Бегам од празнината на овој свет безумно заљубена во шупливоста на твоето живеење. Не ги слушам криците на разумот од жиците кои свират некој електричен блуз. Ми велиш на крајот на овој пат има само улични светла и еден бог кој живее во стаклено шише. Што знаам јас за богови и грешници.. 
Можеби на другата страна од креветот спие провалија, но знам дека рајот се протега помеѓу твоите клучни коски. Ми велиш дека љубовта е само фарса за искупување од гревовите додека ми рецитираш стихови од Синатра. Не знаеш дека одамна ми изгореa витлите на заслепената љубов и се хранам само од трошките на распаднатите илузии. Срцево се навикна да престојува во хотели за скршени души, одамна престанав да се бунтувам. 
И ова утро нека осамне низ звуците на плачливата гитара, а телата кои ноќва се топат како свеќи утре ќе се претворат во суров восок...Гости сме каде и да одеме, 
па ајде да го направиме овој престој малку позабавен!



04 August 2016

„Исповеди“

„Ми зборуваш за девојките 
кои си ги држел за дланките,
и си им ги кажувал најубавите лаги,
и огнометот во нивните очи..
Јас се смеам, 
знам дека се ќе биде во ред,
евентуално, и ти.. еден ден.
Му верувам на твоето срце.
Ти зборувам за него,
и како срцето ми трепереше
додека го гледав кога заминува
како месечина која не знае 
дали ќе се роди повторно во мракот
и огризите на вратот кои ми ги остави.
И ти се смееш,  но имаш тага во очите,
одеднаш молк.
Не се смееш повеќе, ниту јас..
Знам што премолчуваш,
до кога ли ќе биде вака се прашуваш..
Не избираме во кого ќе се заљубиме,
но избираме кого ќе повредиме..“