23 November 2016

„Прашања“

„Ти сакаш тишина но само кога тој молчи.
Сама се бориш против сите,
би го убила секој кој би те допрел
но ги лижеш раните оставени од него..
И кога ќе ти дојде со студена кожа,
облечен во мириси на туѓа пролет
и вината во неговите очи зборува се
не слушаш, не гледаш..
Го мразиш за сите оние нешта
кои те прават да го сакаш уште повеќе.
И кога во зорите заминува удирајќи ја вратата,
се давиш во празнината на неговата перница
дланките ти треперат со часови 
но знаеш дека ќе се врати,
затоа што оние кои не се враќаат 
не оставаат траги.
И стоиш пред прагот прашувајќи се,
дали е љубов тоа што и покрај се'
не можеш да заминеш,
дали е љубов што и покрај се'
тој повторно се враќа кај тебе?“



07 November 2016

„Копнеж"

„Не се сетив дека ми недостига
се додека не ме пречека утро и изгрејсонце
на празна перница,
на масата видов едно кафе,
и нема тишина.
на која и фалеше нечие кикотење.
Не се сетив дека ми недостига
се додека молчењето ми стана подраго,
зошто зборовите кои сакав да ги изустам 
немаше кој да ги чуе..
Не се сетив дека ми недостига
се додека не заборавив
каква боја имаше неговиот глас,
и како звучеше кога го изговараше моето име.
Не се сетив дека ми недостига
се додека не му ги видов дланките
испреплетени во нечија друга кожа,
и студот во очите
со кои ме гледаше како туѓинец.
Не се сетив дека ми недостига
додека не почувствував празнина 
на десната страна
која ме стегаше како чевел со помал број,
и дури тогаш се сетив дека во неговата отсутност 
беше поприсутен од било кој.“