28 November 2013

„Двајца што не постоеле“

Ајде дожду, измиј ја тагата од моето лице
овие очи никогаш не плачеле,
овие солзи никогаш не потекле.
Ајде ветру однеси ми ги спомените,
нароси пепел врз таа љубов,
ние никогаш не постоевме.
Ајде небо направи бура,
нека го избрише од минатото, 
нека го искорне од срцево,
тој не припаѓа таму.. таму не смее да живее.
Ајде ѕвезди заборавете,
скријте се низ маглата.. вие нашата љубов не ја видовте.
Ајде месечино изгасни, како што згасна неговиот копнеж,
избриши ги неговите траги од мене.
Ајде огну разгори се,
нека гори душава што по него страда,
нека гори срцево што по него бие,
нека горам и јас со нив..
велат кој еднаш се изгорел, 
втор пат тој оган ќе биде.





26 November 2013

„Како беше љубовта?“

И веќе ми е сеедно. Да сосема сеедно. Не се ни сеќавам кога за последен пат криев бес во градите, кога за последен пат ја голтав горчината од солзите, кога го стегав срцето да не ми писне, да не му се налутам на него, на сиот свет, на ноќта што останав пред прагот на празните ветувања. Не се сеќавам... Не се сеќавам ни кога за последен пат се насмевнував на тмурните утра, на сивите облаци и наросените улици.. не се сеќавам кога сета таа меланхолија за мене беше радост. Не се сеќавам кога за последен пат му се радував на секое заоѓање на сонцето, 
кога со нетрпение ја чекав ноќта да поитам кон улиците кои ме водеа до среќата.. во едно скриено ќоше каде што ме чекаше тој, само мене.. облечена во љубов и негов мирис.
Не се ни сеќавам кога за последен пат образите ми беа накитени со бакнежи, наместо со солзи. 
Кога дланките ми трепереа од неговите допири а јас упорно го обвинував студот.
Не се ни сеќавам на она чувство во градите, кога срцето ми отчукува во грлото.. 
од неспокој, во исчекување да го видам како се приближува накај мене.
Не се сеќавам на тоа чувство кога светот околу мене запира, кога се престанува да се движи, 
да живее.. кога постои само тој пред моите очи.. само мој, вечно припиен до мене.
Не се ни сеќавам како е да бидам изгубена во нечиј поглед, да тонам длабоко и да ги наоѓам сите загубени парчиња од мојата душа.. да се пронаоѓам себеси.
Не се сеќавам какво е чувството кога ќе ми речеше „Те сакам“.. како добивав излив на емоции кои не успевав да ги скротам, како сакав да вриснам на сиот свет и да му покажам колку сум среќна што имам љубов, што го имам него..
Не се сеќавам како е да плачам од радост, како е да се смеам на нив како мало дете, 
да заборавам на сета тага само кога ќе го чујам неговиот глас, кога ќе го видам неговото име на повикот. Не се сеќавам... Не се сеќавам како е да бидеш вљубен толку наивно, како е се да е совршено иако околу тебе светот се руши, како е да не го чувствуваш тлото под нозете.. 
Како е да сакаш безрезервно и таа љубов да ти биде возвратена.
Не се сеќавам, беше одамна.. Многу одамна одкако престанав да бидам малечка, негова малечка. Почнав да се кријам од љубовта која како да ме демнеше во секој агол,
престанав да барам љубов одкако ја изгубив неговата. 
И нема да поверувам во неа се додека од очиве ми врнат солзи..
Љубовта не е создадена да не повредува, туку да не усреќува. 
Јас само таква љубов познавам!
А оваа нашата?? Ха.. потсети ме уште еднаш како беше љубовта?




05 November 2013

„Што е човек без љубов“

И наеднаш како светот да се превртува наопаку. 
Како се да почнува да губи боја. 
Се е само време кое стои во место и како вртлог те заробува во спомените 
кои сеуште мирисаат на сегашност. 
И насмевката боли, како оштрици да ти се зариваат на лицето 
секогаш кога ќе се обидеш лажно да ја провлечеш. 
А во градите дуваат празни ветрови, 
го равлекуваат телото низ места каде мислејќи дека се крие заборавот. 
Дланките не треперат веќе од возбуда, треперат од студ.. од самотија. 
Во стомакот веќе бурата ги убила сите пеперутки, 
пролетта веќе одамна се преточила во крволочна зима. 
 И телото е само леш.. а душата е само празнина.. 
Таква е таа судбина на оној кој тагува.. 
На оној чие срце пресушило од солзи и станало пепел.. 
 Затоа што човек без љубов, меѓу живите не се вбројува.