04 December 2016

„Каде згасна пламенот?"

„Градите ми се празни,
не е воздух ова кое го вдишувам, 
ами пепел..
Пепелта на нашите коски 
уморени од копнеж.
Немам пулс,
сеуште во мене бие тресокот 
на затворените врати 
а твојата сенка сеуште стои
одлушната на ѕидот.
Усните ми пресушиле,
вкусот на јагодите
избледи со последното Збогум..
Зборовите се срамат од своето незначење
кога ги изговaраме предоцна.
Не гледаме веќе во нас,
ами низ нас..
Каде одиме после смртта?
Каде одиме после љубовта?“


23 November 2016

„Прашања“

„Ти сакаш тишина но само кога тој молчи.
Сама се бориш против сите,
би го убила секој кој би те допрел
но ги лижеш раните оставени од него..
И кога ќе ти дојде со студена кожа,
облечен во мириси на туѓа пролет
и вината во неговите очи зборува се
не слушаш, не гледаш..
Го мразиш за сите оние нешта
кои те прават да го сакаш уште повеќе.
И кога во зорите заминува удирајќи ја вратата,
се давиш во празнината на неговата перница
дланките ти треперат со часови 
но знаеш дека ќе се врати,
затоа што оние кои не се враќаат 
не оставаат траги.
И стоиш пред прагот прашувајќи се,
дали е љубов тоа што и покрај се'
не можеш да заминеш,
дали е љубов што и покрај се'
тој повторно се враќа кај тебе?“



07 November 2016

„Копнеж"

„Не се сетив дека ми недостига
се додека не ме пречека утро и изгрејсонце
на празна перница,
на масата видов едно кафе,
и нема тишина.
на која и фалеше нечие кикотење.
Не се сетив дека ми недостига
се додека молчењето ми стана подраго,
зошто зборовите кои сакав да ги изустам 
немаше кој да ги чуе..
Не се сетив дека ми недостига
се додека не заборавив
каква боја имаше неговиот глас,
и како звучеше кога го изговараше моето име.
Не се сетив дека ми недостига
се додека не му ги видов дланките
испреплетени во нечија друга кожа,
и студот во очите
со кои ме гледаше како туѓинец.
Не се сетив дека ми недостига
додека не почувствував празнина 
на десната страна
која ме стегаше како чевел со помал број,
и дури тогаш се сетив дека во неговата отсутност 
беше поприсутен од било кој.“



17 October 2016

„Вербата во нас"

„Ти се смееш како да ја знаеш мојата душа,
како да пееш песни за неа,
ми се доближуваш тивко на прсти
ме галиш по вратот со врвот на дланките
како да се збогуваш..

Знам тивко венееш, но не се откажуваш.
Зарем љубовта треба да биде таква?
Не знам, не сум се заљубил
но го љубам начинот на кој ме љубиш ти.
Ме гледаш како преплашена срна,
како да ќе испарам, ќе изгнијам
ако го изустиш она што јазикот ти го гребе.

Ги стегаш усните да не заплачеш
а јас те расплакав многу повеќе,
но ти ми велиш дека сите девојки плачат
тие се вљубени во горките солзи
а момчињата кои молчат 
секогаш биле многу добри во тоа.

Чекорам по овој пат од барут и оган
но не помислувам да се вратам..
Можеби се' што правам е погрешно,
но можеби и е' вистинско..
Не знам за љубовта, треба ли да боли?
Треба ли да биде чудна? 
Несфатлива?
Како ли ќе знаеме?

Можеби понекогаш она што му дава смисла на се'
е неоткажувањето.. 
Вербата, 
дека се ќе биде многу убаво 
еден ден.“



27 September 2016

„Непобедени“

„Јас и понатаму верувам во љубовта,
во онаа невозможната.
Верувам во љубовта на водата и огнот, 
оние секунди кога тие се сплотуваат и љубат се додека не се претворат во пареа..
Верувам во љубовта на сонцето и месечината, 
тие далечни љубовници кои се среќаваат ретко, но нивната љубов сеуште опстанува.
Верувам во љубовта на ветрот и прашината, 
нивниот танц е најубавиот што постои.. 
Верувам во љубовта на небото и морето,
сродните души чии очи вечно се гледаат но никогаш не успеваат да се допрат..
Верувам во љубовта помеѓу мракот и светлината,
тие никогаш не се запознале но секогаш мечтаат еден за друг.
Верувам во онаа љубов која може да не убие, 
зошто ако за неа не вреди да се умре
тогаш зошто би вредело да се живее? “


20 September 2016

„Таа мојот почеток и крај"

После неа почнав да заборавам како да дишам.
Гледајќи ги нејзините усни како се потпишуваат на туѓи образи а нејзините прсти како ги закрпиле празнините со нечија страна кожа, заборавам како да дишам. Додека телото и се топеше како восок под неговите пазуви јас ги чувствував капките крв од дланките како се лееа врз мојата бела кошула.. Влегов во преполната просторија од каде одекнуваше музиката на проклетото танго кое го учев со месеци само за да ја направам среќна, и белата кошула која таа ми ја подари вториот месец кога ме запозна со нејзината мајка.
Крвта течеше како штотуку распарано небо среде Септември, црвена и врела како нејзините усни кои сега ги вкусуваше тој. И додека звукот на здравицата на нивните чаши бело вино вриштеше во мојата глава, на подот се тркалаа празните шишиња виски со кои се обидував да го отстранам горчливиот вкус кој таа ми го остави откако замина. Додека тој го гужваше нејзиниот сатенски фустан на задното седиште, јас струев 100 км на час гледајќи си ја смртта пред очите вртејќи на острите кривини како што неговите дланки се спуштаа по нејзините бедра, заборавав како да дишам.. И додека во џебот го чував златниот прстен за кој поминав толку непреспиени ноќи, таа своите му ги препиша него.
На вратот како јазол ја чувствувам нејзината последна прегратка, секој ден се повеќе ме стега.
И сега кога ја проколнувам да е заробена илјада метри длабоко во пеколот и чувствувам како сите мои органи се згрозени од неа, јас сеуште толку проклето ја посакувам и само од помислата на неа јас ....заборавам како да дишам...




15 August 2016

„Ти, мојот делириум"

Бегам од празнината на овој свет безумно заљубена во шупливоста на твоето живеење. Не ги слушам криците на разумот од жиците кои свират некој електричен блуз. Ми велиш на крајот на овој пат има само улични светла и еден бог кој живее во стаклено шише. Што знаам јас за богови и грешници.. 
Можеби на другата страна од креветот спие провалија, но знам дека рајот се протега помеѓу твоите клучни коски. Ми велиш дека љубовта е само фарса за искупување од гревовите додека ми рецитираш стихови од Синатра. Не знаеш дека одамна ми изгореa витлите на заслепената љубов и се хранам само од трошките на распаднатите илузии. Срцево се навикна да престојува во хотели за скршени души, одамна престанав да се бунтувам. 
И ова утро нека осамне низ звуците на плачливата гитара, а телата кои ноќва се топат како свеќи утре ќе се претворат во суров восок...Гости сме каде и да одеме, 
па ајде да го направиме овој престој малку позабавен!



04 August 2016

„Исповеди“

„Ми зборуваш за девојките 
кои си ги држел за дланките,
и си им ги кажувал најубавите лаги,
и огнометот во нивните очи..
Јас се смеам, 
знам дека се ќе биде во ред,
евентуално, и ти.. еден ден.
Му верувам на твоето срце.
Ти зборувам за него,
и како срцето ми трепереше
додека го гледав кога заминува
како месечина која не знае 
дали ќе се роди повторно во мракот
и огризите на вратот кои ми ги остави.
И ти се смееш,  но имаш тага во очите,
одеднаш молк.
Не се смееш повеќе, ниту јас..
Знам што премолчуваш,
до кога ли ќе биде вака се прашуваш..
Не избираме во кого ќе се заљубиме,
но избираме кого ќе повредиме..“



30 July 2016

„Те љуби ли таа?“

„Замина.
Затишје.
Каде си?
Молк.
Која е таа која ти потпира 
топли дланки на градите?
Се смее ли како мене
додека и виреат солзи 
како небо среде Декември?
Го врти ли погледот 
кога ќе ја гледаш во очи долго?
Трeснува ли врати додека сеуште го носи
твојот вкус на усните?
Молчи ли толку убаво 
како јас додека заминуваш?
Дали се топат ледови и цутат мајски јасмини 
кога се насмевнува?
Оживеа ли во нејзината топла пролет
или сеуште умираш во мојата бескрајна зима?
Умее ли да ти каже „Те сакам“
онака како што јас никогаш не знаев?
Те моли ли да останеш
онака како што јас никогаш не се осмелив?
Те љуби ли 
онака како што јас никогаш не покажав?“





16 July 2016

„Раздвоени“

„ -„Заминувам наскоро.“
Предупредување за да ти останам далечна,
да останам далечна колку дланката,
да ми дозволиш да останам недопрена и нескршена.
Ќе биде полесно вака, или барем јас така мислам..

Но ти ми дојде со тие зелени очи
и кога се насмевна поверував - 
Можеби овој пат се ќе биде добро.

Одеднаш дистанцата се претвори во неколку инчи
кои ги разделуваа нашите заспани тела.
Дистанцата колку испружена рака беше незамислива,
затоа што како би можеле да бидеме толку далечни
кога срцата ни се испреплетија толку цврсто?
И да, ти ме допре..
Ме запалија твоите скитнички усни, само за да ги угаснат 
морниците кои лазеа по мојот грб, и ме милуваа нежно во самракот.

Глумевме дека го имаме она „засекогаш“
Те молев да престанеш да пушиш цигари
а ти секогаш ме наведуваше да започнам..
„Само кога ќе се опијам“ - ќе кажев.
Ќе се насмевнеше и ќе ми кажеше дека сум слатка,
зборлеста и весела.
Ти воопшто не знаеше дека не сум се почувствувала така одамна,
дека ме изваде од под темниот облак кој ме давеше во дожд долго
а ти ми го покажа изгрејсонцето повторно.

Времето дојде.

Ја прочита таа порака кога се качи во авионот..
„Ќе успееш, се гледаме наскоро“
Но шест месеци и не се така скоро кога ги бројам часовите во кои не сум со тебе.
И ти си високо во облаците, сигурно е прекрасно,
но јас не сум до тебе, нема со кого да го споделиш тоа чувство.

Моите пријатели ме убедуваат дека ќе заборавам и дека ќе бидам среќна.. 
И сум, но сум без. 
Што знаат тие?

Сакам да се смеам на твоите дланки додека ме скокоткаш 
да ги кажувам твоите глупави шеги со надеж дека ќе те насмевнам.
Да ти кажам дека си ми доволен, 
и наместо да мислиш дека си проклетство
да те убедам да поверуваш дека всушност си благослов.

Не велам дека сум заљубена,
но не го сметам ни за страст.
Чувствувам нешто што дошло во лошо темпирано време..
Раздалечени сме 4172 милји.

И ти ми даде се што посакав.
Не е ли тоа најдоброто од се?
Далечината стана колку неколку света наместо неколку граници преку,
должината на раката стана сон како ме повлекуваш назад во креветот,
а собата се полни со утринската светлина додека ме молиш да лежам покрај тебе 
уште малце подолго..

Сакам да бидам таа кај која ќе се вратиш во вистинско време.“


10 July 2016

„Ние не сме херои“

„Сеуште ме прогонуваат
сенките на болните души
кои не успеав да ги љубам.
Ги слушам како вриштат 
и го проколнуваат моето име.
И не сакам да живеам со вина,
но ние не сме херои 
не можеме да бидеме повеќе од само
души жедни за малку блискост..
Не можеме да бараме премногу,
не смееме да бидеме толку скржави.
Не можеме да очекуваме
другите да имаат чувства за нас
само затоа што 
ние имаме чувства за нив..
Не, не смееме да сме толку сурови!“


08 July 2016

„(Не)Заборавени“

„Дојди, да заборавиме,
горчливи вкусовии 
и зборови кои гребат.
Патишта по кои сме чекореле
а срцата ни се враќале назад.
Да заборавиме цела една вечност
кога ги замолкнавме гласовите
и ја почувствувавме крвта
како врие до точка на пулсирање.
Ајде дојди да заборавиме,
ти бојата на нејзините усни
а јас на неговите очи.
И тие мириси кои никогаш немаа смисла,
пропратени од слепи искушенија
ние не бевме тие грешници.
Дојди да заборавиме,
да заборавиме дека ти заборави да се вратиш
а јас заборавив да те чекам..
Да заборавиме што заборавивме на нас.“



Поеми