30 July 2016

„Те љуби ли таа?“

„Замина.
Затишје.
Каде си?
Молк.
Која е таа која ти потпира 
топли дланки на градите?
Се смее ли како мене
додека и виреат солзи 
како небо среде Декември?
Го врти ли погледот 
кога ќе ја гледаш во очи долго?
Трeснува ли врати додека сеуште го носи
твојот вкус на усните?
Молчи ли толку убаво 
како јас додека заминуваш?
Дали се топат ледови и цутат мајски јасмини 
кога се насмевнува?
Оживеа ли во нејзината топла пролет
или сеуште умираш во мојата бескрајна зима?
Умее ли да ти каже „Те сакам“
онака како што јас никогаш не знаев?
Те моли ли да останеш
онака како што јас никогаш не се осмелив?
Те љуби ли 
онака како што јас никогаш не покажав?“





16 July 2016

„Раздвоени“

„ -„Заминувам наскоро.“
Предупредување за да ти останам далечна,
да останам далечна колку дланката,
да ми дозволиш да останам недопрена и нескршена.
Ќе биде полесно вака, или барем јас така мислам..

Но ти ми дојде со тие зелени очи
и кога се насмевна поверував - 
Можеби овој пат се ќе биде добро.

Одеднаш дистанцата се претвори во неколку инчи
кои ги разделуваа нашите заспани тела.
Дистанцата колку испружена рака беше незамислива,
затоа што како би можеле да бидеме толку далечни
кога срцата ни се испреплетија толку цврсто?
И да, ти ме допре..
Ме запалија твоите скитнички усни, само за да ги угаснат 
морниците кои лазеа по мојот грб, и ме милуваа нежно во самракот.

Глумевме дека го имаме она „засекогаш“
Те молев да престанеш да пушиш цигари
а ти секогаш ме наведуваше да започнам..
„Само кога ќе се опијам“ - ќе кажев.
Ќе се насмевнеше и ќе ми кажеше дека сум слатка,
зборлеста и весела.
Ти воопшто не знаеше дека не сум се почувствувала така одамна,
дека ме изваде од под темниот облак кој ме давеше во дожд долго
а ти ми го покажа изгрејсонцето повторно.

Времето дојде.

Ја прочита таа порака кога се качи во авионот..
„Ќе успееш, се гледаме наскоро“
Но шест месеци и не се така скоро кога ги бројам часовите во кои не сум со тебе.
И ти си високо во облаците, сигурно е прекрасно,
но јас не сум до тебе, нема со кого да го споделиш тоа чувство.

Моите пријатели ме убедуваат дека ќе заборавам и дека ќе бидам среќна.. 
И сум, но сум без. 
Што знаат тие?

Сакам да се смеам на твоите дланки додека ме скокоткаш 
да ги кажувам твоите глупави шеги со надеж дека ќе те насмевнам.
Да ти кажам дека си ми доволен, 
и наместо да мислиш дека си проклетство
да те убедам да поверуваш дека всушност си благослов.

Не велам дека сум заљубена,
но не го сметам ни за страст.
Чувствувам нешто што дошло во лошо темпирано време..
Раздалечени сме 4172 милји.

И ти ми даде се што посакав.
Не е ли тоа најдоброто од се?
Далечината стана колку неколку света наместо неколку граници преку,
должината на раката стана сон како ме повлекуваш назад во креветот,
а собата се полни со утринската светлина додека ме молиш да лежам покрај тебе 
уште малце подолго..

Сакам да бидам таа кај која ќе се вратиш во вистинско време.“


10 July 2016

„Ние не сме херои“

„Сеуште ме прогонуваат
сенките на болните души
кои не успеав да ги љубам.
Ги слушам како вриштат 
и го проколнуваат моето име.
И не сакам да живеам со вина,
но ние не сме херои 
не можеме да бидеме повеќе од само
души жедни за малку блискост..
Не можеме да бараме премногу,
не смееме да бидеме толку скржави.
Не можеме да очекуваме
другите да имаат чувства за нас
само затоа што 
ние имаме чувства за нив..
Не, не смееме да сме толку сурови!“


08 July 2016

„(Не)Заборавени“

„Дојди, да заборавиме,
горчливи вкусовии 
и зборови кои гребат.
Патишта по кои сме чекореле
а срцата ни се враќале назад.
Да заборавиме цела една вечност
кога ги замолкнавме гласовите
и ја почувствувавме крвта
како врие до точка на пулсирање.
Ајде дојди да заборавиме,
ти бојата на нејзините усни
а јас на неговите очи.
И тие мириси кои никогаш немаа смисла,
пропратени од слепи искушенија
ние не бевме тие грешници.
Дојди да заборавиме,
да заборавиме дека ти заборави да се вратиш
а јас заборавив да те чекам..
Да заборавиме што заборавивме на нас.“



Поеми