14 May 2017

„Втора кожа“

„Те носам сеуште,
како валкана облека на моето тело
која едвај чекам
да ја соблечам од себе.
Сеуште си тука
си продрел и до мојата кожа,
капка по капка
водата ја пие мојата крв
додека ја тријам 
секоја твоја дамка од мене.
Но ти си уште подлабоко,
си продрел низ моите коски,
низ мојата срж како отров.
Ти си ми грешка
која ја носам како втора кожа.
Се погледнав себеси во илјада огледала,
те пронајдов во секое.
Те носам како горчлив вкус 
од слатко научена лекција,
и ќе те носам се додека
не пронајдам нова кожа
во чиј мирис ќе се удавам
заедно со секој спомен од тебе.“


03 May 2017

„Најмила“

„Еј најмила моја,
каде си кога сите ѕвезди ќе се угаснат, 
каде си кога сите реки ќе дотечат..
Под чии сводови се вгнездуваш,
во чии крилја заспиваш?

Каде си кога горам во бесни огнови,
каде си кога ми се рушат во пепел спомени..
Каде си кога гробови ми се туѓи постели,
каде си кога сум леш во страни прегратки..

Најмила моја,
каде си кога ниту утрото ми е ден, 
каде си кога ниту мракот ми е ноќ.
Во чие сонце со топлина да се угреам,
во чија месечина светлина да пронајдам..

Во чии облаци тага да измијам, 
во чии градини рози да помилувам,
Во мене душа гола како пустина,
во гради одамна пролет не расцутела.

Еј најмила моја..
Во град преполн со илјадници лица 
чукам на врати од празни срца,
но ни едно како твоето не ме вдомува.

Ниту едни очи како твоите не ме гледаат,
ниту душа ми разголуваат, ниту мрак ми осунуваат.
Ниту едни раце како твоите не ме допираат, 
ниту крв ми зовриваат, ниту кожа ми растреперуваат..“


01 March 2017

„Преродена“

„Се додека не се појави ти,
и со себе ја донесе сета светлина,
не знаев дека сум живеела во мрак,
и сум била само сенка.
Се додека не ми дојде ти 
со сите свои шаренила,
не знаев дека сум била 
само црно бела монотонија.
Се додека не те слушнав
како ми раскажуваш за своите соништа,
не сфатив дека всушност
никогаш не сум заспала.
Се додека ти 
не ми покажа како се живее,
не знаев дека всушност 
досега никогаш не сум живеела.“