„Тој гори додека јас мрзнам.
На една педа од него
како да ме нема во мојата кожа.
Се вртам на другата страна,
небото повторно крвари
за него осамнува утро,
за мене уште еден мрак.
Земам здив но не дишам,
колку е долго тоа долгоочекување?
Никој никогаш не знае..
Ова тело е како мапа
на сите загубени битки со разумот,
губам уште една, овој пат со срцето.
Неговите отисоци како палисади
обележуваат забранета територија.
Нека..
Ако сака може да го запали и ова тело,
и да го гледа додека гори
како Рим пред очите на Неро,
нема никогаш да го поседува
она кое тој го освои
и без да остави трага..
Сѐ има крај, дури и вечноста,
се насмевнувам, а тој знае..
Молкот кажува сѐ што не сака да чуе
„Живеј илјада животи,
во никој од нив нема да те сакам,
како што во овој еден го сакав него.““
No comments:
Post a Comment