25 September 2013

„Болки“

Човек цел живот се соочува со тагата, живее со неа.. се навикнува.
Детството беше првиот пат кога ја запознав болката. Во животот немав пролеано погорки солзи од кога на омилената кукла ќе и се скинеше раката, тагував зошто мислев дека никогаш повеќе нема да можам да си играм со неа. А веднаш потоа мајка ми од стар партал ќе и сошиеше нова и ќе измамеше насмевка на моето лице.
А крвавите колена беа најстрашната болка која едвај ја преживував, и за да ме утешат ми велеа дека од Бог ќе добијам нешто многу вредно.
Не знаев ни за скршено срце, тоа најверојатно беше некоја болест од која патеа возрасните, само се молев еден ден кога и јас ќе бидам дел од нив да немам такво срце затоа што мислев дека од тоа се умира. Не знаев дека причина за тоа била љубовта, мислев дека таа е секогаш прекрасна и најубава, во која двајца неизмерно се сакаат.

Но кога пораснав сфатив дека ништо не било така како што гледав низ моите детски очи.
Се уверив дека љубовта вистина била болест од која се умира,
И таа болка од која срцето се распарчува многу повеќе боли од крвавите колен и скинатата кукла.
Само што никој до сега не пронашол парче кое ќе го закрпи тој откинат дел, и таа утеха дека Бог ќе ми прати нешто повредно е само празна утеха. Дури ни насмевката не можеше да ги упие тие солзи кои извираа од душата, од таа болест од која се плашев и полека умирав..
И сега да би можела би се вратила назад и би го заменила скршеното срце за крвавите колена..
би ги заменила пролеаните солзите за него за солзите по искинатата кукла..
Јас секогаш ќе ја разбирам љубовта како прекрасна и најубава, и се додека не стане таква..
подобро да не ја доживеам.



21 September 2013

„Блиска далечина“

Молкум се љубеа со поглед, со допир, со воздишка. Тоа растојание меѓу нив сведочеше за таа блискост која ја имаа нивните срца, стравуваа дека еден до друг би можеле да се предадат,
да му потклекнат на вистината пред која и двата се криеа позади маската на рамнодушноста.
Но баш тоа растојание беше сведок за таа љубов.
Секогаш наоѓаа миг во темнината да погледнат еден во друг, преку очите да си ги соголат душите, да си го издадат шепотот на срцата,и да се пронајдат себеси во нив.. сеуште живи, сеуште вљубени. Божем случајно во толпата да налетаат еден на друг и скришум да се допрат со врвовите на прстите, да го почувствуваат тој трепет на кожата.. таа топлина која им ги грееше телата секој пат кога ќе беа блиску. И тие воздишки кои им се искраднуваа од душите беа само зрак светлина која им го покажуваше патот кон надежта.
Живееа во сон, живееа од копнежи.. Се криеа во туѓи прегратки, самуваа во туѓи постели..
Секоја се по студена, секоја се подалечна.
И бегаа од себеси иако во сржта си беа врежани. Но понекогаш е така..
ни една блискост која ја имаат телата, не може да се спореди со онаа во срцата.



13 September 2013

„Децата со исти очи“

Пурпурно небо и громогласна тишина. Две бледолики силуети се топеа под вжаренана светлина која ја разголуваше ноќта. Во етерот се чувствуваше слаткаст вкус на опојни мириси.
Таа со стиснати дланки под своите колена бледо и занесено ја набљудуваше месечината додека ветрот низ своите прсти и ја галеше свиленкастата коса со медова боја. Зениците беше и пламнале во темносин жар кој полека и ја одземаше ориентацијата и за миг ја губеше од реалноста. Гласот и беше тивок и милозвучен, нежно пееше некоја позната мелодија која за миг и носеше некоја притаена свирепа насмевка на усните.
Тешки воздишки доаѓаа од два чекори непосредно покрај неа. Силуета на момче кое во прстите го премотуваше речиси допушениот џоинт испуштајќи неколку дима. Погледите им се сретнуваа неколку пати и само заблудено ќе го отпревртеа погледот кон небото и повторно ќе започнеше нивното патешествие на мислите. Летаа далеку, живееа во друг свет. Тоа беше нивното бегство од реалноста. Бегаа од секојдневието. Таа од секојдневните осудувања и забрани, а тој од проблемите и незадоволството од светот. И двата имаа толку заеднички а сепак толку спротивни работи.
Таа никогаш не успеваше да го сфати светот, да го гледа онака како другите. Беше премногу софистицирана за нив, имаше длабок поглед во кој можеше човек да потоне и засекогаш да се изгуби. Таа беше налик совршенство, налик перфекционист кој очајно трагаше по нешто несовршено кое ќе и докажеше дека светот е едно совршено несовршенство. Не сакаше некој кој беше совршена копија на нејзиниот Дон Жуан од фантазиите. Неа и требаше спасител кој ќе успее без предрасуди да ја извади нејзината бесна страна на површина, таа несовршеност која успешно ја криеше. А тој.. не беше ни принц од бајките ни осмислен Дон Жуан. Само обично урбано момче кое пораснало без предрасудите на општеството. Во свој филм и своја средина. Тоа беше тој. Со бесмислени соништа и налудничави идеи кои и самиот не ги разбираше. Со нескротлив дух кој бестрашно го покажуваше и живееше. Навидум беа како небото и земјата.. но во себе беа многу слични. А тоа попречуваше се, или тоа им даваше вистинска смисла на нивните различни битиа.
Размислуваа далеку, за големи светови, за далечни патеки.. за иднина која ни малку не им изгледаше како реална. Понекогаш не можеа да пронајдат компромис помеѓу нивните карактери и сфаќања кои беа како црно и бело, но веднаш потоа знаеа да ги избришат тие општи гледишта кои им ги наметнуваше животот и повторно беа бесконечни.
Нивната љубов и лудост немаше граници, и поради тоа на моменти изгледаше страшна.
Како сон, како илузија. Ним им требаше повеќе од соништа, им требаше реалност каде што соништата можеа да оживеат.
Таа не можеше да живее со некој чиј живот нема смисла, а тој не можеше да опстане во место каде постоеа ограничувања. Затоа нив никој никогаш не ги разбра.. не успеа да ги погледне од страната од која тие се гледаа меѓусебно. Нив ги раздвои реалноста, тоа што не успеаја да живеат во неа.. Затоа што таа не беше шарена како нивните соништа.
Што им сторија?
Неа и ги скршија крилјата, и ја ставија во златен кафез каде никогаш не ќе можи да ја отвори својата душа и да полета кон висините кои можеше да ги достигне. А него.. Тој ги имаше крилјата, но сам не знаеше да го обиколи светот. Беа совршено несовршенство, кое не успеа да опстане.. само остана во спомените. Имаа исти очи.. но различни погледи.




11 September 2013

„Љубовта за која нема да признаам“

Не ја сакам, тоа го знам. Ама има нешто посебно во неа. Нешто што не ме остава рамнодушен. Во начинот на кој ме гледа.. Во тие нејзини немирни сини очи, има нешто што не ми дава мир.. некој копнеж кој ми го преплавува срцето.. престанувам да дишам. Понекогаш мислам дека крвта ми зоврива во вените, ќе ме отруе. Понекогаш знам да залутам и да се изгубам во тие очи, знам да се удавам во тој океан полн со бури и тајни.
Има нешто во тој нејзин притаен глас.. кога со кревок шепот ќе го изговори моето име јас се губам себеси.. не се препознавам низ нејзините усни. Јас умирам.. секој пат и повторно се раѓам кога ќе ја почувствувам топлината на нејзините бакнежи. Заборавам на се.
Има нешто во начинот на кој ме допира, како да ми ја жигосува кожата со нејзината нежност..
Само таа го може тоа. Но не ја сакам.. знаеш!
И кога ќе го видам тој нејзин лик имам чувство како таа да е мојот вечен сон. Мојата притаена радост, мојата изгубена љубов. Тогаш имам се и не ми треба никој друг.
Ама знаеш... не ја сакам јас. Љубовта е бесмислица, не сум се заљубил и никогаш нема да се заљубам! Ама неа никогаш нема да ја заборавам. Таа е љубовта на која никогаш нема да и се предадам, или барем... нема да признаам!


06 September 2013

„Кога љубиш сам“

Знаеш ли како е да се чувствуваш празен додека во тебе вријат илјада емоции кои не успеваш да ги контролираш, ти се замотуваат околу градите како јазли, те дават..
Знаеш ли како е да се чувствуваш сам и додека светот е опркужен околу тебе?
Стоиш во место, бараш излез, бараш спас, бараш лик кој ќе те одведе далеку каде таа самотија ќе престане. Тониш во толпата, се завиваш во очај,талкаш помеѓу илјадниците лица, сите ти изгледаат толку непознато, чудно. Се губиш помеѓу нив барајќи го тој лик.
Халуцинираш, го гледаш насекаде и потоа сфаќаш дека го нема.
За миг посакуваш да избегаш од сите, дури и од себеси. Да ја откиниш душата, да го распараш срцето, да ги снема сите тие чувства. Да те снема и тебе.
И повторно бараш..
Бараш место под небото во кое припаѓаш, но ни едно место не ти припаѓа тебе. Ни едно делче од земјата не ти дава топлина и љубов како тоа каде што си бил со некој кој го сакаш..
И тогаш сфаќаш..
Земјата е студена, небото е мрачно, воздухот нема мирис, цвеќињата немаат боја кога си сам.
Се е пусто и празно, без никаква смисла кога си сам.
И тогаш се ти станува познато..
Онаа болка кога не си повреден а душата те боли.
Кога немаш рана а чувствуваш дека крвариш.
Кога очите ти се суви а срцето ти плаче.
Кога вдишуваш длабоко а ти снемува воздух.
Кога врискаш на сиот глас а не испушташ ни крик,
се ти станува јасно.
Тоа е таа болка кога се' во тебе се крши а не слушаш звук, чувствуваш.
Тоа е таа смрт која те убива бавно, ден по ден, минута по минута, но никогаш до крај.
Се вика љубов. Тоа е кога љубиш некого, но љубиш сам.