02 February 2014

„Срце од оган и вода“

Понекогаш помислувам на него, каде ли е што прави..има ли некоја..
Така низ две-три чашки алкохол мислите ќе ми се настројат против главната заповед дека останал во минатото и ќе пролутаат во тие забранети ходници на носталгија. И знам да се расприкажам со часови, за што сум поминала со него, како го оставав да чека во студените ноќи, како намерно заборавав да му одговорам на повиците, како вешто ја мамев љубовта да не ја откријам.. да не му признаам. Како на моменти станував најголема глупача и правев драми од ништо.. а тој ќе се насмевнеше и ќе ми речеше „Еј малечка.. смири се, јас само се шегував.“
Понекогаш доволен ми беше и неговиот молк, а некогаш посакував да врисне на сиот глас само да не замини без збор.. викаше, се лутеше, но стално знаев која беше причината.. се додека еден ден не замина молчејќи и дури тогаш сфатив дека тишината беше онаа која болеше најмногу од се.
Сеуште не бев си опростила на себеси а веќе очекував прошка од него,
очекував да ме разбере, мислев дека беше се навикнал на мојот карактер каде денот и ноќта владееа заедно. Превртливата природа во која ни јас не успевав да се снајдам.
Знам дека никогаш не поверува во мојата љубов, не пронајде топлина да го стопи ледениот штит кој бев си го изградила врз себеси.. но тој не знаеше дека баш позади најцврстите ѕидини се кријат најубавите рајски градини.
Ете таква бев и јас.. само една овошка која израснала на срцето на едно дрво каде сонцето не успевало да продре, но тоа не значеше дека внатрешноста ми беше кисела и трула..
Бев се сокрила во темнината стравувајќи од болката, гледајќи како некои страдаат и болуваат поради љубов..и баш во тоа го пронајдов спасот.
А да бев само малце посмела, да умеев да го издадам шепотот на моето срце без да стравувам дека ќе биде повредено, можеби сега ќе имав многу повеќе.
И без тоа, јас секогаш ќе се обвинувам себеси.. што не знаев како да му ја покажам љубовта која ја чувствував спрема него, зошто бев свесна дека таа беше мојата слаба точка од која се плашев најмногу. Стравував дека дури ни таа немаше да биде доволна да го задржи покрај мене.
Ете, си велев.. некои луѓе биле родени да гаат оган и вода во себе, оној кој ќе им се доближи..
или ќе го изгорат или ќе го потопат.





No comments:

Post a Comment