27 July 2013

„Девојка на Светот“


Бев сама и препуштена на ветрот, во градите криев еден немир кој ме равлекуваше на сите страни, во очите криев една бездна каде што бев ги потонала сите болки и рани со кои бев се здобила. Бев залутан патник, паднат борец, имав се а сепак немав ништо.
Бев сама со моите мисли кои понекогаш ми правеа толку бучава што посакував да избегам од себеси. Постоеше еден раздор во мене, помеѓу разумот и срцето, тие двата непрекинато војуваа. А трагав по љубов. Само малку љубов. Ја носев во себеси, ми беше врежана во кожата како лузна а сепак ми недостигаше толку проклето.
Еден дел од мене секогаш припаѓаше таму далеку, заколнато му припаѓаше само нему, а веќе другиот дел од мене му припаѓаше на светот. Можев да љубам како да нема утре, а веќе потоа да умрам ако почувствувам туѓ допир.
Знаев дека ако се завртев назад и го погледнев минатото тоа немаше да ми донесе ништо ново, и затоа чекорев напред.
Јас живеев во иднината но срцето ми живееше во минатото, живееше кај него.
И лутав насекаде, лутав и го барав него.
Го барав неговиот поглед, неговиот глас, неговата насмевка.
Го барав во сечии очи, во сечии усни, се додека не сфатив дека таму некаде имаше илјада како него, со дури и поубави очи, и поубави насмевки, но разликата беше што јас не бев заљубена во нив.
И затоа никогаш не почувствував среќа. Никогаш не успеав да бидам среќна.
Бев жив мртовец кој само лутајќи по светот го копаше својот гроб додека љубовта ја имаше пронајдено одамна, некаде далеку, но беше премногу доцна, во погрешно време.
Мојата и неговата љубов постоеја во различно време, затоа што ако постоеја во исто немаше да бидат толку совршени, толку проклето болни, а без тоа немаше да сфатиме дека биле вистински..

18 July 2013

„Сам“


Ех драг пријателу мој, не ти го имав ова кажано до сега, затоа што те сакав како брат,
ама сега кога и самиот си свесен што изгуби, епа пати пријателу само тоа ти преостана. Што мислеше, зарем некоја друга девојка ќе засака ваков невиден гад како тебе? Зошто и е? Да ја натажува секој ден? Да ја остава во постела од солзи секоја ноќ? Ги има таквите како тебе многу. Лесно е да ја повредиш и да си заминеш, тешко е да ја сакаш и цел живот да и се извинуваш.
Многу лесно си се продал бе пријателе, ја продаде неа за илјада слични како неа. Таа те сакаше вистински, ти се верува ли? Ако постоеше некоја која ти се враќаше без да бара причина зошто си заминал, без да праша каде си бил и зошто си ја оставил во солзи тоа беше таа. И ти се лизна од рацете, па која будала ќе ти простува сто пати? Таа го заслужуваше најдоброто и фала богу го најде, среќна е, заљубена е, има некој до неа кој знае да го цени тоа. А ти? Што имаш ти освен досие на љубовници како телефонски именик, и каде ти се? Епа самувај сега. Среќата не чука два пати на иста врата, чекај си ја сега можеби во наредниот живот, а до тогаш ќе си живееш сам, каков што секогаш беше.



16 July 2013

„Ноќ за збогум“


Една мајска ноќ под темниот чаршав на љубопитните ѕвездички, четири очи во мракот и отчукувања на две срца во ист ритам. Видов како една ѕвезда згаснува, тоа беше мојата желба.. вечерва тука се исполна, да бидам до него.
Заљубена и посреќна од кога и да било, го имав во моите прегратки.. сега и никогаш.
Знаев дека утредента ќе биде веќе нова приказна, знаев дека овие насмевки наредниот ден ќе бидат претопени во солзи.. знаев и го бакнував, се додека усните не ми прокрварија.
Само таа ноќ за прв пат го немаше неспокојот што го чувствував, за прв пат ги немаше тие болни мисли каде е.. беше тука, до мене. Во главата ми се вртеше една позната мелодија, му ги стегнав дланките и го повлеков да танцуваме.. тивко ја пеев мелодијата додека бавно тонев во длабочината на неговите очи.
Тие знаеа се.. во нив спиеше нашата приказна, во нив се криеше и нашиот крај.. го шепотеа кришум.. го знаев и јас, но имаше нешто што не ми даваше да се соочам со него, секој пат кога ќе го насетев дека полека ми го одзема.. се втурнував во неговите прегратки и го држев цврсто. Таа ноќ беше само мој, иако не ми припаѓаше мене..
Збогум љубов, врискаше разумот.. а срцето не го пушташе да си оди. Ние сме само двајца под ова небо кои имале нешто заедничко, страст можеби.. Тајни љубовници за кои само месечината е сведок. Збогум љубов.. носи ме понекогаш во мислите, те сакав повеќе од се.. знај јас ќе те носам во градите.
И онаа ѕвезда што сега паѓа, ќе биде мојата нова желба. Да се вратиш пак.. Некогаш.



„Продолжи напред“


Што ти кажав мила моја? Не е љубов се што почнува со „Те сакам..“ Сега гори во таа твоја љубов, гори се додека не изгориш.. се додека срцето не ти стани пепел, оти поинаку никогаш нема да бидеш среќна. Живеј, радувај се, лудувај.. заборави кога заборавил и тој.
Утре е нов ден, и не му го врти грбот на среќата.. чекори напред, но се додека погледот ти е свртен кон минатото.. никогаш нема да видиш што има во иднината. Тој е можеби првиот кој го отклучи твоето срце, но нема да е последниот.. твоето срце е големо, бери уште многу љубов.. Не наведнувај ја главата, не плачи.. така никогаш нема да ја видиш бистрината на некои нешта. За твое добро.. среќа што барем научи дека љубовта која ги остава очите суви не е љубов.. сега барем знаеш како. И ајде, избриши ги солзите, тргни го тоа натажено лице.. таква никој нема да те сака. Ајде стави ја таа твоја насмевка која зрачи како пролетно сонце, нека блеснат тие твои сафирни очи во тој сјај како некогаш, вдиши длабоко погледни надвор во илјадниците лица, веќе некој се вљуби во тебе.



13 July 2013

„Ти и јас никогаш заедно“


Постои едно место каде што одамна ги зафрлив сеќавањата и спомените кои ме потсетуваа на него. Го затворив и заклучив и си ветив дека еден ден кога ќе помине се, ќе го отворам пак.
Како што минуваше времето така и тие чувства оставени длабоко почнаа да фаќаат прашина, сеќавањата почнаа да добиваат црно бела боја, спомените мирис на минато..
Помислив време е.. Време е да се соочам со нив како што требаше тогаш, да ја отворам таа страница и да ја скинам од книгата на мојот живот, да не ми носи повеќе болка. И се обидов.. барем собрав храброст. Го отворив ормарот од сеќавања, го вперив погледот во се што сум оставила таму..
Се беше како порано, ништо не се сменило.. Тој црно бел свет одеднаш повторно доби боја,
тие слики повторно оживеаја во моите мисли, тој сеуште беше таму.. закотвен во срцето како и првиот ден. Ги отворив спомените и тие глуви ноќи одеднаш почнаа да добиваат звук, го слушав неговиот глас, неговиот кикот.. зборовите ми одѕвонуваат во главата како стара мелодија. Тој беше тука.. поприсутен во мене од кога и да било, се сеќавав дури и на неговиот мирис, алиштата, кожата ми мирисаше на неговите бакнежи.. Очите ми пливаа во тој сјај кој го имав додека го гледав него.. Се беше како некогаш, сурово и тажно.
Одеднаш минатото и сегашноста добија иста димензија, живееја ист живот но во различно време. Ништо не се промени, јас сеуште му припаѓав само него, а тој сеуште не ми припаѓаше мене. Посакав да одлетам до него и да ги направам тие минато и сегашност повторно да живеат заедно, но беше невозможно.
Во животот ништо не се случува два пати, а ни таа љубов нема никогаш да има реприза, може само да се потсетуваме на оние убави моменти, со некој напор можеби ќе успееме да вратиме дел од нив.. како филм.. но залудно. Крајот секогаш ќе биде ист. Ти и јас никогаш заедно.



11 July 2013

„Пеколот во мене“



Љубовта со него беше како илузија, како привидување на невозможното, реалност каква што само јас сакав да видам. Бев сама. Сама со своите соништа кои како кула од карти се распаѓаа пред моите очи а јас пак се надевав дека повторно ќе се издигнат.
Како низ пустина да чекорев и да го барав изворот на љубовта, со пресушена душа и со жедно срце умирав полека но не застанував. Како да се надевав на дожд среде Сахара, како да барав сонце на среде олуја, како да барав топлина во студен камен, барав цвеќе среде тврд бетон.
Така љубев јас. Со крв на нозете изморена од трнливиот пат кој водеше до него. Со жив пекол во мене кој распламтуваше оган и пустошеше дел по дел. Со бура во очите и мрак од кој немаше излез. Со рана која крвареше во градите, со неговото име врежано на усните.
Ден по ден се гледав себеси како се распаѓам од таа љубов која беше како едносмерна улица, не постоеше излез, не постоеше мост кој водеше до него, не постоеше ни мал премин кој водеше до неговото срце.
Бев заробена во сонот за нас двајца заљубени, но беше сон од кој тој одамна беше се разбудил.





06 July 2013

„Само моја“


Од таа ноќ веќе не постоеја утра за мене. Веќе сонцето не изгреваше врз моето лице, бев се затворил себеси во четирите ѕида на самотијата и чекав да дојде ноќ за да ја видам пак.
Заспивав со помислата дека можеби ќе ја пронајдам таму, во моите соништа.
Не ја видов повеќе.. како да исчезна, како сенка која ја осветли зракот на изгрејсонцето..
Ја немаше повеќе, а бев толку очаен да ја видам.. ми требаше повеќе од воздухот кој го вдишував, од мирисот на пролетта кој личеше на нејзиниот. Навидум.. се ме потсеќаше на неа, или се почнуваше да наликува на неа. Таа не беше пролет, пролетта беше како неа..
нејзините очи не беа како сафири, туку сафирите го крадеа нивниот блесок.
Имаше насмевка на која и совршенството паѓаше на колена, ми го грееше срцето кога во него пустошеше и најстудената зима. Таква беше таа.. девојка како и сите други,но беше единствена..
Можеби не беше најубава, ама за мене беше божество, најмилото и најпрекрасно нешто на овој свет.  Ја сакав затоа што не можев да ја мразам..
Како можиш да го мразиш сонцето кое те грее, како можиш да ја мразиш водата која ја пиеш..
како можеш да ја мразиш месечината која ти го покажува патот кога одиш лутајќи..
Како? Како можам да ја мразам неа кога таа сама по себе беше љубов, како ангелите да беше ја створиле. Ех.. кој ли сум јас сега да зборувам вака за неа, кој сум јас да го изговарам нејзиното име толку чисто.. да зборувам за љубов која сам ја уништив, јас бев тој кој реков дека не постои. Ја изгубив засекогаш. Јас сум крив. Сега ќе ми треба цела вечност да ја избришам од мене, од срцево.. таа љубов која ја имаше преливајќи се. А толку ме сакаше..
ме сакаше толку што не можам да си поверувам на самиот себеси.
Зарем заслужувам ли јас љубов? Зарем беше можно баш мене да ми ја подари Бог?
И еве ме сега, дојде ред на мене да ја сакам. Понекогаш мислам ќе ми откажи срцево од овој копнеж, од оваа љубов која од ден на ден како да се преплавува во мене.
Абе џабе ми е.. ваква љубов таа не заслужува.. јас не знам да сакам како што треба да биде сакана девојка како неа, јас можам само да ја расплачам и да ја повредам..
Тоа знам јас, бедник без нималку совест.
И сега што да правам? Каде да одам да ја заборавам, каде? Сум видел многу.. сум љубел многу.. ама џабе ми се.. ни илјада такви нема да ја заменат. Неа ја нема, не се враќа веќе. Доцна е за нас двајца, многу доцна. Јас ја оставив сега јас ќе си патам. Ако ми е.. нека е таа здрава и жива,
сега сигурно е пресреќна што му отстапив место на некој подобар. На некој кој ќе знае да ја цени, некој кој ќе ја чува како капка вода на дланка. Затоа што таков бисер не се остава за празна школка.
И еве ме сега мене... пак чекам.. чекам да падне ноќ да ја сретнам пак, можеби..во соништата.
Барем таму за миг ќе биде се како порано. барем таму повторно ќе биде само моја.

„Последната надеж“


Тој замина и зеде се со себе. Секој дел од мене. Нема веќе враќање назад, нема нов почеток..
Нема ништо кое би можело да врати барем дел од она што е сега изгубено. Така е секогаш во љубовта, најтоплиот почеток секогаш завршува со најстуден крај. И ние завршивме. Јас тука, тој таму. Не дели еден живот во кој нема да припаѓаме еден на друг. Веќе заборавот ни се заканува, ќе уништи се што имавме, секој бакнеж, секоја прегратка, секој спомен кој остана како залог во нашите срца. Понекогаш така е најдобро,велат ќе помине.. времето ќе го избрише..
Но што ми вредат и илјада години, што ми вреди и вечност кога не постои гума за спомените. Нив никој и ништо нема да ги избрише. Велат ќе боли сега ама утре ќе помине. Да, но лузната ќе остане.. Ќе остане горчината која ќе ме труе полека секој пат кога ќе помислам дека сме разделени но под исто небо. А најповеќе ме боли тоа што не знам како му е нему, дали и тој го чувствува истото ко и јас. Дали и тој заборави. Таа дистанца секогаш ќе ги крие одговорите на прашањата од кои ќе зависи љубовта, од кои ќе зависиме ние.. дали ќе има утре некогаш, дали ќе не има повторно.
И додека чекам да пронајдам одговор, се повеќе ме боли тишината.. Ме боли тој молк кој не ми кажува што треба да направам.
И изгледа секогаш ќе биде така, ќе се прашуваме каде застанавме а потоа ќе се сетиме дека крајот одамна почнал, а ние пак ќе се прашуваме кој и зошто е крив.
Јас барем знам дека го чувам во срцето, знам дека никој и ништо не можи да ми го оттргне од таму, а тој.. нема никогаш да дознаам.
И ќе го слушам тоа болно „Ќе помине“ се додека не сфатам дека него веќе го нема, и дека нема да се врати.
Но до тогаш сеуште ќе верувам, макар и лага да е, макар и да сонувам.. Во љубовта кога се завршува, надежта е секогаш единственото што преостанува!

03 July 2013

„Нашите светови“


Грешка беше, да грешка бевме уште од почетокот. Но не знам зошто толку настојувавме да пронајдеме нешто кое ќе го докажи токму спротивното. Јас и онака никогаш не те разбирав потполно, никогаш не успеав да пронајдам сигурно место во тој твој свет каде што имаше и многу други. Уште по фатална грешка беше што мислев дека можам да сменам нешто, дека барем со љубов ќе успеам да те променам.. барем малку. Така викаа сите.. човекот само кога е заљубен можи да се промени. И не знам од каде ми падна на памет таа идеа дека беше заљубен во мене. Изгледа сум ги помешала страста и љубовта. Не се исто.. страста трае мигови, но љубовта е вечна. Ти никогаш не научи како е некој да те сака, никогаш не научи да бидеш покрај некој кој избрирајќи помеѓу  сите места на овој свет каде би можел да биде тој избрал да биде токму покрај тебе.. не правејќи ништо, затоа што му e повеќе од доволно само твоето присуство. Ете таква бев јас, можеби не умеев со зборови да ти опишам колку те сакам, но доволен беше еден поглед во моите очи и да ми го прочиташ срцето.
Не, не се навикнав на тој твој свет кој имаше милион влезови и излези..
секогаш пристигнуваше некој нов, и некој заминуваше.. Јас секогаш останував некаде на средина, не знаев дали е време да одам или да се обидам повторно.
И ти никогаш не научи да останеш, или јас не научив да те задржам. Ама не се ни трудев, барем во тоа останав достојна на мојата гордост што никогаш не те влечев за ракав да останеш покрај мене.. Ете така јас знаев да сакам, да те пуштам да одиш и тогаш да те засакам уште повеќе.. затоа што љубовта и надежта одат заедно, таа ми беше утеха дека пак ќе се вратиш.
Изгледа и двата бевме залутале во погрешни светови, јас во твојот барав љубов.. а ти во мојот утеха. Но барем едно е сигурно, ти целиот свој живот ќе бегаш од себе си и од љубовта, затоа што никогаш не си можел да живееш со тие окови, а јас барем ќе знам дека оној кој вистински сака, не му се ни потребни.