Една мајска ноќ под темниот чаршав на љубопитните ѕвездички, четири очи во мракот и отчукувања на две срца во ист ритам. Видов како една ѕвезда згаснува, тоа беше мојата желба.. вечерва тука се исполна, да бидам до него.
Заљубена и посреќна од кога и да било, го имав во моите прегратки.. сега и никогаш.
Знаев дека утредента ќе биде веќе нова приказна, знаев дека овие насмевки наредниот ден ќе бидат претопени во солзи.. знаев и го бакнував, се додека усните не ми прокрварија.
Само таа ноќ за прв пат го немаше неспокојот што го чувствував, за прв пат ги немаше тие болни мисли каде е.. беше тука, до мене. Во главата ми се вртеше една позната мелодија, му ги стегнав дланките и го повлеков да танцуваме.. тивко ја пеев мелодијата додека бавно тонев во длабочината на неговите очи.
Тие знаеа се.. во нив спиеше нашата приказна, во нив се криеше и нашиот крај.. го шепотеа кришум.. го знаев и јас, но имаше нешто што не ми даваше да се соочам со него, секој пат кога ќе го насетев дека полека ми го одзема.. се втурнував во неговите прегратки и го држев цврсто. Таа ноќ беше само мој, иако не ми припаѓаше мене..
Збогум љубов, врискаше разумот.. а срцето не го пушташе да си оди. Ние сме само двајца под ова небо кои имале нешто заедничко, страст можеби.. Тајни љубовници за кои само месечината е сведок. Збогум љубов.. носи ме понекогаш во мислите, те сакав повеќе од се.. знај јас ќе те носам во градите.
И онаа ѕвезда што сега паѓа, ќе биде мојата нова желба. Да се вратиш пак.. Некогаш.
No comments:
Post a Comment