Љубовта со него беше како илузија, како привидување на невозможното, реалност каква што само јас сакав да видам. Бев сама. Сама со своите соништа кои како кула од карти се распаѓаа пред моите очи а јас пак се надевав дека повторно ќе се издигнат.
Како низ пустина да чекорев и да го барав изворот на љубовта, со пресушена душа и со жедно срце умирав полека но не застанував. Како да се надевав на дожд среде Сахара, како да барав сонце на среде олуја, како да барав топлина во студен камен, барав цвеќе среде тврд бетон.
Така љубев јас. Со крв на нозете изморена од трнливиот пат кој водеше до него. Со жив пекол во мене кој распламтуваше оган и пустошеше дел по дел. Со бура во очите и мрак од кој немаше излез. Со рана која крвареше во градите, со неговото име врежано на усните.
Ден по ден се гледав себеси како се распаѓам од таа љубов која беше како едносмерна улица, не постоеше излез, не постоеше мост кој водеше до него, не постоеше ни мал премин кој водеше до неговото срце.
Бев заробена во сонот за нас двајца заљубени, но беше сон од кој тој одамна беше се разбудил.
No comments:
Post a Comment