01 December 2014

„Боемот и Дамата“

И од сите нив таа се заљуби во мене. Јас боемот со залутано срце, искинати фармерки и бушава коса. Не живеев за да преживеам туку да доживеам.. Сум видел се.. И небо без ѕвезди, и облаци без дожд, и чаршави од студ и утра без сонце.Што имав да и понудам освен поезија начкртана на парче салфетка секое утро до нејзиното врело кафе, колачи од бакнежи и будење со старите хитови од ‘80тите.. Не сум видел посреќна девојка од неа.. Како да пронашла кофчег со богатство а не едно момче со џебови полни неостварени соништа. Ме сакаше до лудост.. таа мала разгалена палавка..
Нашите светови не припаѓаа во иста галаксија, ма не не..
ниту во ист универзум. Кога ќе ја видев како доаѓа облечена во лелеав црвен фустан, накитена со бели бисери и со немирните златни локни кои паѓаа ноншалантно на нејзините заруменети образи срцето ми се кинеше.. Каде би ја однел јас таква совршена..
Во најпознатиот музеј каде што припаѓа ремек дело како неа или во некој заскитан крај во нашиот град.. Не, не.. Таа не припаѓаше на моето поднебје, таква ѕвезда мораше да сјаје онаму каде што сите ќе ја видат но таа и покрај се прифаќаше да биди единствена ѕвезда во моето мрачно небо.. И во ноќите кои ги поминувавме на некое место од каде се гледаше сјајот на целиот град, и' немаше крај на радоста која и' пламтеше во очите.
„Зошто ме сакаш?“ - прошепотив.. „Погледни каде те доведов, ваква убавина скриена од сиот свет.. На тие штикли а знаеш дека секаде одиме пеш, треба да изодиме безброј улици додека да стигнеме до дома.. А и од ова ефтино вино утре ќе имаш главоболки..“
Во истиот миг ги намршти ангелските очи и ме прегрна како мало дете на кое сакаат да му ја одземат омилената играчка. „Ти не ме скри од сиот свет, ти мене ми го покажа како да го гледам со други очи. Со тебе би чекорела дури и петиците не ми прокрвариле, зошто тебе секој ден срцето ти крвари што мислиш дека неможам да бидам среќна покрај тебе.. Но напротив.. посреќна девојка од мене нема, а ако оваа љубов е горко вино.. тогаш прифаќам да сум пијана целиот свој живот!



01 October 2014

„Љубов како од романите“

Не знаеше што значи да биде оставена. Таа сама знаеше кога беше вистинско време да замине. Немаше драми нити премногу монолог. Секогаш доследна на својот лик. Таа беше ѕвезда. Начинот на кој зборуваше криеше длабока страст, чекореше како да го поседува светот.. Очите и сјајеа како сафири, со еден нејзин поглед префрлен преку рамо сите остануваа хипнотизирани. Само тој беше доследен за неа, жесток и неуморен, како од љубовен роман.
Таа луда за него, тој опиен за неа. Како да беа створени да траат до бескрај.
Секој посакуваше барем за миг да влезе во нивната бајка.. да ја открие тајната на таа нивна неопишлива среќа. Гледајќи ги нив беше невозможно да не веруваш во судбина..
Такви ликови можат да бидат заедно само во романите..  но што би биле тие без некој суров заплет.. И во еден миг здивот ни застана. На никој не му беше јасно што се случи таа есен.. Како птиците да ја однесоа со себе некаде далеку вистината за тие безвременски љубовници.
Него го среќававме често на станицата, ќе одмавнеше така растревожено и ќе го снемаше во толпата.. А неа.. неа ја немаше со денови. Ја сретнавме случајно во еден бар.. сеуште беше многу убава, но како нешто да недостигаше.. Во очите и беше спласнал огнот, зборуваше со некоја лажна среќа и даваше некои нејасни одговори. Во очите сафирите и се претвориле во пепел, здивот и се одземаше кога ќе го промрморевме неговото име..
Молчејќи гледавме едни во други и го знаевме одговорот.
Тие беа главни ликови, но во две различни приказни.

12 September 2014

„Твоето се' “

И оваа ноќ сакам да ти сум мракот кој те покрива, да ти сјаам како месечина во мислите кога заспиваш. Сакам да ти влезам во сон облечена во фустан од магнолија.. да ти ги допрам усните шепотејќи ти за љубовта. И утрото сакам да ти сум светлоста кој те буди, да ти бидам сонце кое ќе те милува и мирис кој ќе те магепсува, да сум твојата една и единствена.
Сакам да ти бидам рај за кој секој ден ќе умираш, да ти бидам пекол за кој бестрашно ќе грешаваш.
Сакам да ти сум зрак во темнина, да ти сум капка дожд сред пустина,сакам да ти сум свод под кој ќе бараш утеха, јас да ти ја цртам секоја солза и насмевка.
Сакам да ти сум муза за која ќе раскажуваш, радост за која ќе наздравуваш и тага за која ќе се опиваш. Сакам да ти сум се.
Да ти бидам парче здив кој ќе те оживува и болест која бавно ќе те убива.
Да ти течам низ вените се до портите на срцето и внатре во окови да ти векувам.
Да сум твоја Господарка и робинка.
Не сакам да ти сум прва, но сакам да ти сум последна.
Единствена за која ќе сториш грев во љубовта.. и ќе ја чуваш како икона.
Да бидам твоја љубов, вера, надеж и религија.
Од Бога дадена. Само твоја смртно потпишана.

„Посебната Таа“

Немој да и веруваш кога ќе ти каже дека веќе се откажала, баш во тој момент таа е по упорна.
Таа е верена за својот инат, го носи на главата гордо како круна. Понекогаш кажува бесмислици и верува во нив толку наивно. Вели дека мрази дожд и врнежливи улици, а не пропушта прилика да ги облече високите потпетици и да прошета додека капките и се тркалаат врз нејзините образи, тогаш таа е најспокојна.
Не и верувај кога ќе ти каже дека мрази романтики, со вечери ја гледав како плаче на патетични филмски сцени. Ах само колку е заљубена. Во очите и познавам, иако го сокрива тоа шарајќи со погледот на сурова рамнодушност.
Таа е толку кревка, како да Бог и вдахнал душа од кристал.. само стравот и е вечен сопатник.
Се сокрила себеси помеѓу глутница волци и глуми дека е волчица а во себе крие срце од срна.
Тоа е таа.. Прави чекор назад и го врти грбот, ја мислиш заминува а таа заобиколува од другата страна и те пресретнува во лице. Не можеш да и побегнеш.
Таа нема да ти признае дека те сака, хах што е тоа љубов? Тоа го има само во бајките ќе ти рече.. И ќе ти ја покаже на тој начин што нема никогаш да ја заборавиш.
Ќе те смее со своите итри досетки и урнебесни палавштини..
Таа е како малечко дете, нескротлив авантурист и префинета дама..
Слободна како птица и дива како олуја, таа е се што никогаш не би очекувал.
Ослободи ја да лета каде ќе посака и да биде она што е тогаш ќе биде само твоја.
Биди нејзин, само нејзин.. и таа ќе ти ја покаже другата димензија на животот.
Не ја растажувај, така само и стануваш непријател,многу и оставиле солзи во очите,
но ти биди и насмевката која ќе ја носи со гордост на лицето.

24 June 2014

„Последната љубовна зима“

Ти си само горчлива прашина која ќе ме присетува на една избезумена ноќ и едни тапи чекори кои талкаа низ улиците во потрага по уште една скршена душа.
Не, не си ми спомен.. ти си ми сон. Сон кој го сонував со отворени очи и раздвоени усни. Сонот бледее, како и твоите отисоци на мојот врат, испарува како и твојот парфем од моите дланки. Ти беше само задоволството на мојот очаен крик за нова возбуда.
Ми го стопи мразот од усните кој полека навлекуваше вечна зима врз моето срце, ми протна радост во очите каде одамна се нижеа бисери од солзи. Ми запали оган во најголемиот мрак од мојот живот.
Ти беше мојот ангел кој полека се претвори во уште еден од оние кои носеа и крилја и рогови на себе. Да, ти ми беше раката подадена во бездната каде умираа болните од пропаднати љубови. Те сретнав во најголемата зима во мојот живот, таа која никогаш не си отиде.
Можеби тоа е доказ дека после тебе доаѓа пролетта.
Онаа убава пролет во која шепотејќи долетува гласот на ветената љубов.. онаа која одамна ја чекав. А ти ќе останеш зимскиот сон кој со мирисот на пролетните јорговани ќе избледи од моето сеќавање, ќе те снема како сувите лисја после мајскиот ветар. Ќе останеш најсуровата зима во мојот живот и најстудениот воздух кој продрел до моите гради и не сум можела да го издржам, за да ме присетуваш колку ја сакам пролетта и колку љубов можам да вдишам без да ми застане здивот.

30 March 2014

„Зборови со поминат рок“

„Те сакав“ - Два збора изустени по безброј мрачни изгрејсонца и безброј оглувени ноќи од тивок плач. Како ехо ми одѕвонуваа во главата.. Зарем мислеше дека ќе бидат доволни да ја искупат сета болка која се собрала како данок во срцето, или можеби ќе ја покријат тагата со надеж наговестувајќи дека сеуште тлее некое недогорено жарче кое ќе пламне повторно.
Некогаш повеќе ме болеше молкот, тој задржан здив кога жедно ги исчекував тие два збора да протечат од твојата уста и да ми вдахнат парче живот. Некогаш повеќе ме болеше тишината и празнината до мене кога ќе го видев твојот завртен грб како се губи од хоризонтот.
Некогаш повеќе болеа тие неизречени збогувања и неискажани чувства..
Повеќе болеше празнината покрај мене одколку таа во мене..
И сега одкако се навикнав на твоето одсуство, одкако се спријателив со таа празнина ти отвори една уште подлабока во мене, и сега се обидуваш да ја пополниш, со што?
Со задоцнетите зборови кои некогаш немаше храброст да ги изустиш, или со твоето сегашно присуство кое веќе нема никакво значење.
Со што ќе ги надохнадиш пролеаните солзи и безбројните ноќи поминати во исчекување..
Кога беше маж да заминеш и оставиш пустош зад себе зошто се враќаш пак на местото на злосторот? Она што еднаш се срушило нема никогаш повеќе да се издигне.
Ниту твојата силуета пред мене веќе не ми дава надеж дека можеме да продолжиме од каде што застанавме, зошто во тебе не го гледам веќе човекот во кого бев вљубена.
Гледам само задоцнет патник кој одамна го пропуштил последниот воз а сега се враќа на добропознатата станица  Не, не го гледам човекот во кого бев вљубена, на него не се ни сеќавам.. Тој човек одамна сум го заборавила одкако за последен пат ми остави куфер полн со молк и прашања без одговор и ме испрати во самотија. Тој човек никогаш не научи да се простува.
А сега кој си ти и со кое право ми зборуваш за љубов? Јас не те познавам..
Тој човек немаше храброст да ги кажи тие зборови, ниту во минато време. Тој се плашеше од љубовта и бегаше од неа како од мрачна сенка.
Кој си ти да ми зборуваш за некоја одамна заборавена љубов?
„Те сакав“ - Толку ли тежеа тие два збора што неможеше да го издржиш нивниот товар во душата па мораше сега да ми ги проговориш.
И крајот на тој збор назначува само уште еден крај.
Не можеш да си играш со минатото и сегашноста користејќи ги едно против друго,
минатото е господарот а сегашноста негов роб.
Ти ја уби љубовта и ја закопа во минатото, а сега и вдахнуваш живот но веќе е доцна, она што умрело не оживува повеќе.
Заврши. Знаеш.. и зборовите имаат рок на траење, и за нив постои одредено време до кога треба да бидат кажани. Отпосле може да немаат никакво значење.
А сега е премногу доцна за љубовни признанија, рокот на нашата љубов одамна помина.



06 February 2014

„Крал во сенка“

Брат секој ден ја засакувам се повеќе и повеќе. Времето од како сме разделени работи против нас, наместо да ми помага да ја заборавам, се повеќе ми ја вплеткува во срцето.
Знам дека згреши.. знам дека не е ангелот кој потсвесно го гледав во неа, но и јас не сум ништо подобар. Луѓе сме, обични смртници судено ни е правиме грешки.. не требаше да завршиме вака, со толку зборови во мислите а молк на усните.
Еве ме уште очајно го барам патот по кој се изгубив, да се вратам назад во времето каде се беше добро. Се будам и заспивам со една помисла, како да преживеам и како да пронајдам нешто што ќе направи да не мислам на неа.
Болката ме носи на места од кои порано се згадував. Ме тера да праваш нешта од кои стравував, ме тера да бидам човек каков што не сакав никогаш да станам.
Не сакав да имам срце, јас се плашам од него.. начинот на кој отчукува, на кој запира и почнува, и како забрзува кога ќе помислам на неа ме плаши.
Што ако не можам никогаш да ја извадам од таму, што ако ми остани за на век?
Почнав дури и буден да сонувам.. како ми го довикува името, како ми се смее и полека ме допира со прстите.. и одеднаш се заборавам, сето лошо што ме демни.
Не можам да и се лутам, не можам да ја мразам ме боли.. Повеќе ме боли фактот дека неможам ништо да променам, дека и кога би и опростил за се нема повеќе да има никакво значење.
Се плашам дека сум задоцнил премногу.. Знаеш времето работи различно за сите, ако за мене застанало за неа сигурно веќе одамна поминало.
И лутината има цена, колку повеќе ја држиш во себе толку повеќе се зголемува.
Да и кажев, да и викнев ќе се расплачеше.. не знам како и беше неа, можеби и таа имала некоја причина поради која така постапи. А бев маж со гордост, еј жена да ме изигра.. ме симна од тронот. Каков трон бе? Вистински крал е оној кој излегува на бојно поле и сам војува, а не седи со круната и се радува. Таа сакаше да се борам за неа, а јас само молчејќи ја пуштив да оди.
Не сум бил крал, туку обична кукавица.




02 February 2014

„Срце од оган и вода“

Понекогаш помислувам на него, каде ли е што прави..има ли некоја..
Така низ две-три чашки алкохол мислите ќе ми се настројат против главната заповед дека останал во минатото и ќе пролутаат во тие забранети ходници на носталгија. И знам да се расприкажам со часови, за што сум поминала со него, како го оставав да чека во студените ноќи, како намерно заборавав да му одговорам на повиците, како вешто ја мамев љубовта да не ја откријам.. да не му признаам. Како на моменти станував најголема глупача и правев драми од ништо.. а тој ќе се насмевнеше и ќе ми речеше „Еј малечка.. смири се, јас само се шегував.“
Понекогаш доволен ми беше и неговиот молк, а некогаш посакував да врисне на сиот глас само да не замини без збор.. викаше, се лутеше, но стално знаев која беше причината.. се додека еден ден не замина молчејќи и дури тогаш сфатив дека тишината беше онаа која болеше најмногу од се.
Сеуште не бев си опростила на себеси а веќе очекував прошка од него,
очекував да ме разбере, мислев дека беше се навикнал на мојот карактер каде денот и ноќта владееа заедно. Превртливата природа во која ни јас не успевав да се снајдам.
Знам дека никогаш не поверува во мојата љубов, не пронајде топлина да го стопи ледениот штит кој бев си го изградила врз себеси.. но тој не знаеше дека баш позади најцврстите ѕидини се кријат најубавите рајски градини.
Ете таква бев и јас.. само една овошка која израснала на срцето на едно дрво каде сонцето не успевало да продре, но тоа не значеше дека внатрешноста ми беше кисела и трула..
Бев се сокрила во темнината стравувајќи од болката, гледајќи како некои страдаат и болуваат поради љубов..и баш во тоа го пронајдов спасот.
А да бев само малце посмела, да умеев да го издадам шепотот на моето срце без да стравувам дека ќе биде повредено, можеби сега ќе имав многу повеќе.
И без тоа, јас секогаш ќе се обвинувам себеси.. што не знаев како да му ја покажам љубовта која ја чувствував спрема него, зошто бев свесна дека таа беше мојата слаба точка од која се плашев најмногу. Стравував дека дури ни таа немаше да биде доволна да го задржи покрај мене.
Ете, си велев.. некои луѓе биле родени да гаат оган и вода во себе, оној кој ќе им се доближи..
или ќе го изгорат или ќе го потопат.





21 January 2014

„Жртва“

И ќе ја видиш низ град, таква каква што длабоко посакуваш да е.. но на површина срцето не ти ја прифаќа - Среќна!
И за миг ќе посакаш да не веруваш во тоа, да и погледнеш во очите и да и прочиташ тага.
Да и пронајдиш некој скриен копнеж со кој го извикува твоето име длабоко во грлото, а сепак се воздржува и се смее гласно. Таа гласна насмевка ти одѕввонува постојано,
те буди во ноќите.. Посакуваш да отрчаш кај неа и да ја прегрнеш, да ја заробиш во прегратки како некогаш, но потоа се сеќаваш дека не е веќе твоја.. и тие нејзини прегратки сега припаѓаат на друг. Ги мразиш утрата а ги мразиш и ноќите. И чашите прелиени со жестоки пијалоци,
имаат само вкус на очај и ништо друго. Ги поливаш раните на срцето кои само повеќе ти разгоруваат.
Очи без боја, усни без вкус, тела без топлина.. ти се провлекуваат низ прстите како ветар,
ни една различна а ни најмалку слична на неа.
А која е таа..? Само уште една како нив.. но што ја издвојува?
Тоа што не научи како да биде роб на твоите желби и барања, тоа што не успеа да ја задржиш како резерва во твојот златен кафез додека драгоценото време секогаш припаѓаше во некои постели каде добиваше само тела без душа. Таа ти ја даде својата, а ти копнееше по други на чија кожа беше само број.
И што направи? Ја изигра? ..Не! Се изигра сам!
Направи од себе слуга на туѓо задоволство, наместо да бидеш крал на една единствена љубов која само таа ти ја пружеше.
И пати, стегај ги дланките и стисни ги забите кога ќе помине покрај тебе со друг.
Молчи, во тоа од секогаш најдобар беше.
Молчеше кога ја губеше,а сега ни илјада зборови нема да ти помогнат да ја вратиш.
Не прозборе ни збор кога ја виде како заминува, помисли пак ќе се врати.. каде би била по среќна ако не тука, а покрај тебе имаше се само не среќа..
Знаеш, си имал многу погрешно сфаќање за тоа што е среќата, за девојка каква што беше таа беше доволно само да си покрај неа.
Остана сам, сам со сите. Тоа е најлошото чувство, кога сите покрај тебе се среќни и имаат некој кај кого секогаш можат да се наслонат, а ти што имаш?
Осаменоста, лажната насмевка, и гордоста..
Ах гордоста. Зарем толку ли кошта таа гордост, повредна ли е од неа?
Знаеш.. љубовта и гордоста не одат заедно, од едното мораш да се откажиш..
Љубовта бара жртви, кога даваш.. таа ти возвраќа дупло.
А кај гордоста, единствена жртва си само ти!