30 March 2014

„Зборови со поминат рок“

„Те сакав“ - Два збора изустени по безброј мрачни изгрејсонца и безброј оглувени ноќи од тивок плач. Како ехо ми одѕвонуваа во главата.. Зарем мислеше дека ќе бидат доволни да ја искупат сета болка која се собрала како данок во срцето, или можеби ќе ја покријат тагата со надеж наговестувајќи дека сеуште тлее некое недогорено жарче кое ќе пламне повторно.
Некогаш повеќе ме болеше молкот, тој задржан здив кога жедно ги исчекував тие два збора да протечат од твојата уста и да ми вдахнат парче живот. Некогаш повеќе ме болеше тишината и празнината до мене кога ќе го видев твојот завртен грб како се губи од хоризонтот.
Некогаш повеќе болеа тие неизречени збогувања и неискажани чувства..
Повеќе болеше празнината покрај мене одколку таа во мене..
И сега одкако се навикнав на твоето одсуство, одкако се спријателив со таа празнина ти отвори една уште подлабока во мене, и сега се обидуваш да ја пополниш, со што?
Со задоцнетите зборови кои некогаш немаше храброст да ги изустиш, или со твоето сегашно присуство кое веќе нема никакво значење.
Со што ќе ги надохнадиш пролеаните солзи и безбројните ноќи поминати во исчекување..
Кога беше маж да заминеш и оставиш пустош зад себе зошто се враќаш пак на местото на злосторот? Она што еднаш се срушило нема никогаш повеќе да се издигне.
Ниту твојата силуета пред мене веќе не ми дава надеж дека можеме да продолжиме од каде што застанавме, зошто во тебе не го гледам веќе човекот во кого бев вљубена.
Гледам само задоцнет патник кој одамна го пропуштил последниот воз а сега се враќа на добропознатата станица  Не, не го гледам човекот во кого бев вљубена, на него не се ни сеќавам.. Тој човек одамна сум го заборавила одкако за последен пат ми остави куфер полн со молк и прашања без одговор и ме испрати во самотија. Тој човек никогаш не научи да се простува.
А сега кој си ти и со кое право ми зборуваш за љубов? Јас не те познавам..
Тој човек немаше храброст да ги кажи тие зборови, ниту во минато време. Тој се плашеше од љубовта и бегаше од неа како од мрачна сенка.
Кој си ти да ми зборуваш за некоја одамна заборавена љубов?
„Те сакав“ - Толку ли тежеа тие два збора што неможеше да го издржиш нивниот товар во душата па мораше сега да ми ги проговориш.
И крајот на тој збор назначува само уште еден крај.
Не можеш да си играш со минатото и сегашноста користејќи ги едно против друго,
минатото е господарот а сегашноста негов роб.
Ти ја уби љубовта и ја закопа во минатото, а сега и вдахнуваш живот но веќе е доцна, она што умрело не оживува повеќе.
Заврши. Знаеш.. и зборовите имаат рок на траење, и за нив постои одредено време до кога треба да бидат кажани. Отпосле може да немаат никакво значење.
А сега е премногу доцна за љубовни признанија, рокот на нашата љубов одамна помина.