01 December 2014

„Боемот и Дамата“

И од сите нив таа се заљуби во мене. Јас боемот со залутано срце, искинати фармерки и бушава коса. Не живеев за да преживеам туку да доживеам.. Сум видел се.. И небо без ѕвезди, и облаци без дожд, и чаршави од студ и утра без сонце.Што имав да и понудам освен поезија начкртана на парче салфетка секое утро до нејзиното врело кафе, колачи од бакнежи и будење со старите хитови од ‘80тите.. Не сум видел посреќна девојка од неа.. Како да пронашла кофчег со богатство а не едно момче со џебови полни неостварени соништа. Ме сакаше до лудост.. таа мала разгалена палавка..
Нашите светови не припаѓаа во иста галаксија, ма не не..
ниту во ист универзум. Кога ќе ја видев како доаѓа облечена во лелеав црвен фустан, накитена со бели бисери и со немирните златни локни кои паѓаа ноншалантно на нејзините заруменети образи срцето ми се кинеше.. Каде би ја однел јас таква совршена..
Во најпознатиот музеј каде што припаѓа ремек дело како неа или во некој заскитан крај во нашиот град.. Не, не.. Таа не припаѓаше на моето поднебје, таква ѕвезда мораше да сјаје онаму каде што сите ќе ја видат но таа и покрај се прифаќаше да биди единствена ѕвезда во моето мрачно небо.. И во ноќите кои ги поминувавме на некое место од каде се гледаше сјајот на целиот град, и' немаше крај на радоста која и' пламтеше во очите.
„Зошто ме сакаш?“ - прошепотив.. „Погледни каде те доведов, ваква убавина скриена од сиот свет.. На тие штикли а знаеш дека секаде одиме пеш, треба да изодиме безброј улици додека да стигнеме до дома.. А и од ова ефтино вино утре ќе имаш главоболки..“
Во истиот миг ги намршти ангелските очи и ме прегрна како мало дете на кое сакаат да му ја одземат омилената играчка. „Ти не ме скри од сиот свет, ти мене ми го покажа како да го гледам со други очи. Со тебе би чекорела дури и петиците не ми прокрвариле, зошто тебе секој ден срцето ти крвари што мислиш дека неможам да бидам среќна покрај тебе.. Но напротив.. посреќна девојка од мене нема, а ако оваа љубов е горко вино.. тогаш прифаќам да сум пијана целиот свој живот!