12 September 2014

„Твоето се' “

И оваа ноќ сакам да ти сум мракот кој те покрива, да ти сјаам како месечина во мислите кога заспиваш. Сакам да ти влезам во сон облечена во фустан од магнолија.. да ти ги допрам усните шепотејќи ти за љубовта. И утрото сакам да ти сум светлоста кој те буди, да ти бидам сонце кое ќе те милува и мирис кој ќе те магепсува, да сум твојата една и единствена.
Сакам да ти бидам рај за кој секој ден ќе умираш, да ти бидам пекол за кој бестрашно ќе грешаваш.
Сакам да ти сум зрак во темнина, да ти сум капка дожд сред пустина,сакам да ти сум свод под кој ќе бараш утеха, јас да ти ја цртам секоја солза и насмевка.
Сакам да ти сум муза за која ќе раскажуваш, радост за која ќе наздравуваш и тага за која ќе се опиваш. Сакам да ти сум се.
Да ти бидам парче здив кој ќе те оживува и болест која бавно ќе те убива.
Да ти течам низ вените се до портите на срцето и внатре во окови да ти векувам.
Да сум твоја Господарка и робинка.
Не сакам да ти сум прва, но сакам да ти сум последна.
Единствена за која ќе сториш грев во љубовта.. и ќе ја чуваш како икона.
Да бидам твоја љубов, вера, надеж и религија.
Од Бога дадена. Само твоја смртно потпишана.

„Посебната Таа“

Немој да и веруваш кога ќе ти каже дека веќе се откажала, баш во тој момент таа е по упорна.
Таа е верена за својот инат, го носи на главата гордо како круна. Понекогаш кажува бесмислици и верува во нив толку наивно. Вели дека мрази дожд и врнежливи улици, а не пропушта прилика да ги облече високите потпетици и да прошета додека капките и се тркалаат врз нејзините образи, тогаш таа е најспокојна.
Не и верувај кога ќе ти каже дека мрази романтики, со вечери ја гледав како плаче на патетични филмски сцени. Ах само колку е заљубена. Во очите и познавам, иако го сокрива тоа шарајќи со погледот на сурова рамнодушност.
Таа е толку кревка, како да Бог и вдахнал душа од кристал.. само стравот и е вечен сопатник.
Се сокрила себеси помеѓу глутница волци и глуми дека е волчица а во себе крие срце од срна.
Тоа е таа.. Прави чекор назад и го врти грбот, ја мислиш заминува а таа заобиколува од другата страна и те пресретнува во лице. Не можеш да и побегнеш.
Таа нема да ти признае дека те сака, хах што е тоа љубов? Тоа го има само во бајките ќе ти рече.. И ќе ти ја покаже на тој начин што нема никогаш да ја заборавиш.
Ќе те смее со своите итри досетки и урнебесни палавштини..
Таа е како малечко дете, нескротлив авантурист и префинета дама..
Слободна како птица и дива како олуја, таа е се што никогаш не би очекувал.
Ослободи ја да лета каде ќе посака и да биде она што е тогаш ќе биде само твоја.
Биди нејзин, само нејзин.. и таа ќе ти ја покаже другата димензија на животот.
Не ја растажувај, така само и стануваш непријател,многу и оставиле солзи во очите,
но ти биди и насмевката која ќе ја носи со гордост на лицето.