26 November 2013

„Како беше љубовта?“

И веќе ми е сеедно. Да сосема сеедно. Не се ни сеќавам кога за последен пат криев бес во градите, кога за последен пат ја голтав горчината од солзите, кога го стегав срцето да не ми писне, да не му се налутам на него, на сиот свет, на ноќта што останав пред прагот на празните ветувања. Не се сеќавам... Не се сеќавам ни кога за последен пат се насмевнував на тмурните утра, на сивите облаци и наросените улици.. не се сеќавам кога сета таа меланхолија за мене беше радост. Не се сеќавам кога за последен пат му се радував на секое заоѓање на сонцето, 
кога со нетрпение ја чекав ноќта да поитам кон улиците кои ме водеа до среќата.. во едно скриено ќоше каде што ме чекаше тој, само мене.. облечена во љубов и негов мирис.
Не се ни сеќавам кога за последен пат образите ми беа накитени со бакнежи, наместо со солзи. 
Кога дланките ми трепереа од неговите допири а јас упорно го обвинував студот.
Не се ни сеќавам на она чувство во градите, кога срцето ми отчукува во грлото.. 
од неспокој, во исчекување да го видам како се приближува накај мене.
Не се сеќавам на тоа чувство кога светот околу мене запира, кога се престанува да се движи, 
да живее.. кога постои само тој пред моите очи.. само мој, вечно припиен до мене.
Не се ни сеќавам како е да бидам изгубена во нечиј поглед, да тонам длабоко и да ги наоѓам сите загубени парчиња од мојата душа.. да се пронаоѓам себеси.
Не се сеќавам какво е чувството кога ќе ми речеше „Те сакам“.. како добивав излив на емоции кои не успевав да ги скротам, како сакав да вриснам на сиот свет и да му покажам колку сум среќна што имам љубов, што го имам него..
Не се сеќавам како е да плачам од радост, како е да се смеам на нив како мало дете, 
да заборавам на сета тага само кога ќе го чујам неговиот глас, кога ќе го видам неговото име на повикот. Не се сеќавам... Не се сеќавам како е да бидеш вљубен толку наивно, како е се да е совршено иако околу тебе светот се руши, како е да не го чувствуваш тлото под нозете.. 
Како е да сакаш безрезервно и таа љубов да ти биде возвратена.
Не се сеќавам, беше одамна.. Многу одамна одкако престанав да бидам малечка, негова малечка. Почнав да се кријам од љубовта која како да ме демнеше во секој агол,
престанав да барам љубов одкако ја изгубив неговата. 
И нема да поверувам во неа се додека од очиве ми врнат солзи..
Љубовта не е создадена да не повредува, туку да не усреќува. 
Јас само таква љубов познавам!
А оваа нашата?? Ха.. потсети ме уште еднаш како беше љубовта?




No comments:

Post a Comment