13 July 2013

„Ти и јас никогаш заедно“


Постои едно место каде што одамна ги зафрлив сеќавањата и спомените кои ме потсетуваа на него. Го затворив и заклучив и си ветив дека еден ден кога ќе помине се, ќе го отворам пак.
Како што минуваше времето така и тие чувства оставени длабоко почнаа да фаќаат прашина, сеќавањата почнаа да добиваат црно бела боја, спомените мирис на минато..
Помислив време е.. Време е да се соочам со нив како што требаше тогаш, да ја отворам таа страница и да ја скинам од книгата на мојот живот, да не ми носи повеќе болка. И се обидов.. барем собрав храброст. Го отворив ормарот од сеќавања, го вперив погледот во се што сум оставила таму..
Се беше како порано, ништо не се сменило.. Тој црно бел свет одеднаш повторно доби боја,
тие слики повторно оживеаја во моите мисли, тој сеуште беше таму.. закотвен во срцето како и првиот ден. Ги отворив спомените и тие глуви ноќи одеднаш почнаа да добиваат звук, го слушав неговиот глас, неговиот кикот.. зборовите ми одѕвонуваат во главата како стара мелодија. Тој беше тука.. поприсутен во мене од кога и да било, се сеќавав дури и на неговиот мирис, алиштата, кожата ми мирисаше на неговите бакнежи.. Очите ми пливаа во тој сјај кој го имав додека го гледав него.. Се беше како некогаш, сурово и тажно.
Одеднаш минатото и сегашноста добија иста димензија, живееја ист живот но во различно време. Ништо не се промени, јас сеуште му припаѓав само него, а тој сеуште не ми припаѓаше мене. Посакав да одлетам до него и да ги направам тие минато и сегашност повторно да живеат заедно, но беше невозможно.
Во животот ништо не се случува два пати, а ни таа љубов нема никогаш да има реприза, може само да се потсетуваме на оние убави моменти, со некој напор можеби ќе успееме да вратиме дел од нив.. како филм.. но залудно. Крајот секогаш ќе биде ист. Ти и јас никогаш заедно.



No comments:

Post a Comment