27 July 2013

„Девојка на Светот“


Бев сама и препуштена на ветрот, во градите криев еден немир кој ме равлекуваше на сите страни, во очите криев една бездна каде што бев ги потонала сите болки и рани со кои бев се здобила. Бев залутан патник, паднат борец, имав се а сепак немав ништо.
Бев сама со моите мисли кои понекогаш ми правеа толку бучава што посакував да избегам од себеси. Постоеше еден раздор во мене, помеѓу разумот и срцето, тие двата непрекинато војуваа. А трагав по љубов. Само малку љубов. Ја носев во себеси, ми беше врежана во кожата како лузна а сепак ми недостигаше толку проклето.
Еден дел од мене секогаш припаѓаше таму далеку, заколнато му припаѓаше само нему, а веќе другиот дел од мене му припаѓаше на светот. Можев да љубам како да нема утре, а веќе потоа да умрам ако почувствувам туѓ допир.
Знаев дека ако се завртев назад и го погледнев минатото тоа немаше да ми донесе ништо ново, и затоа чекорев напред.
Јас живеев во иднината но срцето ми живееше во минатото, живееше кај него.
И лутав насекаде, лутав и го барав него.
Го барав неговиот поглед, неговиот глас, неговата насмевка.
Го барав во сечии очи, во сечии усни, се додека не сфатив дека таму некаде имаше илјада како него, со дури и поубави очи, и поубави насмевки, но разликата беше што јас не бев заљубена во нив.
И затоа никогаш не почувствував среќа. Никогаш не успеав да бидам среќна.
Бев жив мртовец кој само лутајќи по светот го копаше својот гроб додека љубовта ја имаше пронајдено одамна, некаде далеку, но беше премногу доцна, во погрешно време.
Мојата и неговата љубов постоеја во различно време, затоа што ако постоеја во исто немаше да бидат толку совршени, толку проклето болни, а без тоа немаше да сфатиме дека биле вистински..

No comments:

Post a Comment