30 June 2013

„Судено било така“


Така е секогаш во животот. Еден доаѓа друг си оди, и секогаш ќе постои таа реченица:
„Судбина било!“. И ете, ќе ги собереш сите твои распаднати парчиња од срцето и ќе му ги подариш нему, надевајки се дека можеби тој е тој кој ќе успее да ги состави. И повторно како дежа ву ќе живееш се од ново. Како во круг се вртат тие емоции, добро познати.. секое чувство ти е толку добро познато но секој пат го чувствуваш како да е нешто ново, си викаш се заљубив, но не, веќе ништо не е исто.
Таа иста приказна се повторува но со различен интензитет на емоциите, секој пат кога од ново сфаќаш дека таа личност не била вистинската повторно се навикнуваш на тоа разочарување, на таа изгубена надеж.. пак таа празнина во тебе останува неисполнета, пак си сама и разочарана во својот свет изграден од надеж и илузии. И ете.. се се случува од ново, ама исто е.
И така секој ден, од ново и од ново.. Среќаваш нови луѓе, случајно или не.. ќе си речеш
„Ништо не е случајно, судбина е.“
Еден по друг, секој различен.. но никој вистински. Продолжуваш и понатаму.. одиш по патот и на секоја попатна станица оставаш парчиња од твоето срце, секаде по малку. И како се приближуваш до крајот сфаќаш дека веќе си се изгубил себеси засолнувајќи се во погрешни прегратки, крајот е блиску а ти веќе си се изморила. Веќе се потрошила сета љубов, се потрошила и надежта..
И тогаш се случува тоа, кругот кој одамна требаше да се сврти.. ти и тој, вистинскиот..
но овој пат немаш веќе што да дадеш, си изгубила се.. љубовта дошла пак, но во погрешно време, во погрешно место, со погрешна личност.. Попусто.
„Судено било така!“



27 June 2013

„Така ме научи тој“


Јас од секогаш бев сама, сама бев и кога сите беа покрај мене. И кога постоеше некој да ми ги стегне дланките, да ме обвие во прегратки и да ме стопли со бакнежи. Сама бев и кога ќе почувствував нечие присуство на другата страна од креветот, и таа топлина за мене беше по студена и од камен. Никој од нив не можеше да ми ја пополни таа празнина во душата која тој ми ја остави. Како да откина дел од мене засекогаш, и сега кој и да проба да го пополни тоа место од таму засекогаш ќе дуваат ветрови.
И да ми ја подари најголемата среќа на овој свет, и да ми подари љубов каква што од секогаш барав мене нема да ме задоволи, затоа што тој ме навикна поинаку. Ме навикна да ми дава љубов а потоа да ми ја одзема за да барам уште. Ме навикна да ме зема во прегратки и веднаш потоа да исчезне, ме навикна да ми симнува ѕвезди а потоа да ме остави во темнина.. Ете така научив да живеам јас, така ме научи тој. Ме научи да бидам сурова, да гледам на љубовта како на игра во која оној кој сака секогаш губи.. затоа сега други ќе патат поради мене, на други ќе му ја продавам таа скржава љубов и потоа скапо ќе му ја наплаќам.Други ќе ги леат неговите солзи, други ќе ја трпат казната за неговите грешки.. Затоа што јас бев таа која секогаш даваше повеќе и пак остануваше должна, сега јас ќе земам се без да давам ништо.. затоа што така ме научи тој!

26 June 2013

„Соништа“


Соништа во боја, соништа црно-бели
сите по еден како низа од слики,
низа од сеќавања и чувства.
Во еден миг толку блиски, во друг веќе далечни
Што ли се тие?
Дали сонуваме желби или сонуваме стварност
едно од нив сигурно е.
Дали сонот е она каде што срцето ни спие,
каде што ни спијат надежта и мечтите.
Дали се тајна која ја криеме и од самите ние,
можеби вистина која и лагата ја крие.
Соништа кои заоѓаат во копнеж,
а изгреваат во разочарување..
Нешто кое потоа ќе го нема.
Ако во ноќта заспиваме мечтаејќи,
во утрото половина во рацете ни стига.
..Сонот е само чекор до целта..



„Празнина“


Се најдов себеси срушена лежејќи на подот толку пати додека во крвта ми зовриваше нескротливиот бес и очајот од пропаднатите соништа. Се најдов себеси како тонам во сопствените солзи, како се давам во тагата која секој пат ме повлекуваше се по длабоко.
Се најдов себеси како си ги преслушувам во мислите неговите зборови, еден по еден..
сите зборови за кои мислев дека биле вистини полека почнале да стануваат лаги.
Се најдов себеси толку пати фрлена во бездната на очајот каде ја сокривав вистната за лажната љубов.. ја криев од сите, ја криев и од себеси, и пак продолжував.
Секој пат кога ќе се најдев на раскрсница помеѓу светлата иднина и темното минато јас избирав да го следам минатото, затоа што таму беше тој..
Одбирав да одам по пат од трња наместо по пат од рози само за да бидам среќна, па макар и петиците да ми крварат барем срцето да ми цвета.
Надежта ме водеше додека очите ми беа преврзани од љубов, не верував никому, му верував него. Ме скрши толку пати но секогаш постоеше некој мал дел во мене кој мислеше дека наредниот пат повторно ќе ме состави, и затоа повторно му се враќав.. и тој ме кршеше повторно, и повторно.. се додека еден ден не ме направи пепел.
Се најдов себеси пак како лежам врз урнатините од мојата љубов, таа во која се колнев и се молев да не заврши. Таа за која мислев дека посовршена не постои, беше пепел во кој беа претопени сите солзи,зборови и празни ветувања.. во нив беа сите делови од мене, во нив беше и срцето.. Го нема веќе.
Сега чекам повторно да дојде тој, повторно да ме натера да му верувам, затоа што сега веќе немам што да изгубам. И ќе му се вратам пак.. помина се, овој пат нема што да боли,ми остана само празнина.



21 June 2013

„Дежа ву“


За мене тој секогаш остана ист, секогаш. И после сите лаги и солзи не успеав да го гледам со други очи. Сеуште пред него треперам како исплашена срна, сеуште зениците ми пламнуваат кога ке го видам од далеку, сеуште неговиот допир ми ја зоврива крвта.
Не се промени ништо. Или можеби уште повеќе го засакав, зошто којзнае.
Можеби затоа што знам дека никогаш нема да биде само мој, можеби затоа што никогаш не ме засака онака како што го сакав јас. Можеби затоа што со него секогаш постоеше таа дистанца, тој немир дали утре ќе не има повторно. Со него секогаш бев на раскрсница помеѓу враќањето во минатото и продолжувањето кон иднината. Тој секогаш стоеше помеѓу нив, но никогаш не остануваше засекогаш.
И ете го, повторно не е тука. Повторно ме остави сама, како дежаву повторно се кршат илјадниците парчиња во мене, повторно ми го прободуваат срцето и пак не крварам. Пак не чувствувам гнев, не чувствувам ни болка, се ми е исто, како никогаш да не се променало. Зошто? - Затоа што љубовта ме направи слепа. Чудна е на моменти, знае така да ме воздигне високо што во еден момент се станува бесконечно, се е безгранично и совршено.
А во друг момент да ме сруши врз студената земја. И тогаш се станува реално, дури тогаш сфаќам дека се било плод на фантазијата, на таа љубов која ја гледам онака како што ми одговара. Тогаш ми е јасно дека уствари се било уште одамна срушено само додека се рушело јас сум гледале кон облаците, наместо кон земјата..
Јас одамна сфатив дека нема ништо да се смени, ни со него, ни со мене.
Тој нема да научи да ме сака, а јас нема да научам да го заборавам!

„Мојот свет Лага“


И тогаш и сега. И пред него и после него. И денес и утре. Ништо не се промени, нема ни да се промени. Јас сеуште сум истата таа. Во душата и на лик, на моменти знам да одглумам друга личност.. знам да ги заледам очите и да изгледам по студена и од карпа, ама таа сум..
сеуште ме боли, сеуште срцето ми крвари.Сеуште истите чувства, истата љубов, истиот тој, сеуште може со една лага да ме купи, да ме маѓепса со една насмевка, со тие два збора да ми го преврти светот наопаку, и јас пак да му поверувам.. пак како мало девојче кое живее со розовите очила да живеам повторно во таа совршена бајка како ништо да не се случило.
Како да не сум била скршена на парчиња, како да не умирав секогаш по малку кога ке ме оставеше сама, како да не сум заспивала на мокра перница, како да не сум си ветила себеси дека нема да дозволам пак да ме повреди.. Ете во тоа сум иста, и порано кога бев мало девојче.. верував секому и во сешто, затоа и толку пати сум се разочарала од светот дури и од себеси, и еве ме и денес.. тоа мало наивно девојче го носам во мене, секаде..
Но барем сега знам да го сокријам, можеби сега нема да им простам, можеби ќе им вратам ако ме повредат, можеби сум свесна дека светот е суров.. можеби на моменти знам да бидам бездушна и безчувствутелна.. но јас сеуште верувам во љубовта, во таа слатка лага... сеуште се лажам дека е вистинска.. затоа што ја прифатив таква каква што е, затоа што мислам дека таква ја заслужувам.И затоа се лажам, целиот свој живот,
и сеуште се лажам.. се лажам дека пак ќе се врати, се лажам дека се ќе биде како порано, дека пак ќе постоиме ние, се лажам дека можеби повторно... можеби ќе ме засака. баш онака како што јас го сакам него.. Се лажам, за да не бидам скршена уште еднаш.. вака е се поубаво!



14 June 2013

„Ноќи..“


Има ноќи кога спијам со солзите на мојата перница, ноќи кога заборавам на сиот свет и потонувам длабоко во сонот каде што сме само ние. Има ноќи кога срцето ми се разделува на два дела од тага од спомените.. има ноќи само кога тој ми е во мислите..
Една по друга се нанижани..
Понекогаш така посакувам... да не изгрее сонцето, да не заврши ноќта.
Посакувам да не дојде утрото.. да не ме разбуди таа тага повторно.
Се плашам ноќта повторно да ме обвитка во постела од самотија, се плашам од солзите повторно да ги пролеам.
Секој ден со тој ист страв, да не се повторува минатото.. секоја измината ноќ.
Се плашам дека нема да можам да издржам, дека нема каде повеќе да барам утеха..
Секое утро ми ја носи надежта, а потоа ноќта ми ја одзема. Се будам со празнина, со празнина и заспивам. Тој ми недостига.
Секој ден одново горам во огнот на оваа сурова љубов, горам и од пепелта повторно се раѓам.
Се плашам од иднината.. дека ништо нема да се смени. Дека сеуште ќе бидам истата јас живеејќи во мојата тажна приказна. Затоа не сакам ноќта да заврши.. не сакам ѕвездите да изгаснат.. Барем тука да ги оставам сите таги, сите солзи и болки. И да нема веќе ноќ за мене..
Да можам да оставам се во ноќта, да ја испратам и да го дочекам утрото со мирис на среќа.Да не ме смрзнува таа празна постела..  Ако постои барем малку утеха нека не ме враќа пак таму..
таму јас нема да преживеам. Ако постои сонце, ако постои светлина..ако постои надеж,
нека постои и за мене.



13 June 2013

„Крај!“


Тмурна ноќ. Затишје. Молкот како да навестуваше некој крај кој одамна веќе пристигнал на прагот само се двоуми дали да влези. Јас и тој, погледите беше ни се закотвиле еден во друг. 
Се гледавме како да имаме нешто да си кажиме, но ниту еден од нас не можеше да се осмели.
Во грлото ми навираше горчина која упорно ја потиснував во себе. Знаев дека е ова наша последна ноќ, знаев по неговите бакнежи, по неговите прегратки во кои постоеше некоја носталгија.. притаен трепет кој криеше толку емоции. 
Не сакав ништо друго на светот туку само да вриснев на сиот глас и да му кажев дека го сакам и потоа да се втурнев во неговите прегратки и да го преколнував да не оди. 
Но знаев.. залудно ќе беше. Затоа и премолчив. Ја премолчив сета таа љубов која можеше да донесе повеќе болка одколку утеха. Знаев дека повеќе не е мој, повеќе во гласот ја немаше таа милозвушност, во очите го немаше тој пламен.. Залудни беа и илјада зборови кога неговиот еден беше посилен од нив.
Крај. Си прошепотив во себе и го прегрнав силно. Солзите ми капнаа на неговото рамо но брзо ги сокрив, не сакав да ме види скршена, не сакав да мисли дека ме боли. 
Го ставив безгрижното насмеано лице над лицето распарчено од тага и тивко му прошепотив:
„Барем сеќавај се на мене, секогаш.. вака насмеана.“
И го пуштив..Замина пред моите очи, замина без еднаш да се заврти. Го чекаше овој момент одамна.. ете и го доби. Си реков, и да не ме сака.. барем насмевната ќе ме запамети, и ќе се присети.. понекогаш.. на девојката која го сакаше повеќе од се.



12 June 2013

„Јас - девојката од памук “


„-Рано ти е за љубов, малечка.. Премногу си млада за таа болка“ - ќе ми речеа. А јас навидум не ја разбирав длабочината на тие зборови, тежината на тие срца кои со болка ме советуваа.. 
Не знаев да гледам низ сјајот на нивните очи, не знаев да им прочитам од усните.. не знаев ништо за таа љубов.. а толку копнеев по неа. И понекогаш ќе ги затворев очите и ќе одлетав во едно мало ќоше каде постоев само јас и мојот сакан. Не знаев кој е.. ама знаев дека еден ден ќе се појави,таму некаде и ќе биде мое парче душа.. ќе бидеме едно срце во две тела, и ќе си речам дека вредело да го чекам. Знаев, го чувствував тоа.. и го чекав.
На моменти мислев дека срцето ќе ми застанеше од копнеж да го пронајдам, но не го барав.. туку сакав тој да ме пронајде мене. И се случи, кога најмалку очекував... а не ни бев свесна за тоа. Бев убедена дека не е тој. Ги имаше сите мои спротивни карактеристики, тој црно јас бело, тој есен јас пролет.. И ете некако патиштата ни се вкрстија. Тој со срце од челик, а јас со срце од памук. Реков не е за мене, реков нема да се заљубам.. и токму тогаш се случи,се вљубив за прв пат.
Тоа чувство како полека да ме опседнуваше, полека продираше во моите вени и потекуваше до срцето. Знаев... се заљубив, тоа беше тој. Секој пат кога ќе го погледнев.. ѓаволот со ангелски очи. Тоа што  бевме толку различни не правеше како да сме створени еден за друг.
Покрај него ги добивав тие мои ангелски крилја и можев да го опколам небото, можев да го освојам светот. Не можев да се борам против себе, против него во мене.. против срцето кое откажуваше послушност и полека му се покоруваше него. Немоќна бев. 
А тој знаеше се... ја имаше прочитано мојата душа уште од првиот пат кога ме погледна. И не попушти да ја допре со неговите валкани раце. Не пропушти да го извалка секој кристално чист дел од неа, да го ми го згмече срцето без ни малку грижа и срам. 
Сакаше да биде првиот кој ќе остави трага врз мене... кој ќе го претвори невиниот ангел во грешник За сега да сум ова што сум...
Првата љубов ми донесе и прва болка, и први солзи... го скрши тоа порцеланско лице, тие бистри ангелски очи.  Не сум веќе малечка, не сум веќе кукла од порцелан.. 
Се скршив, тој ме скрши. И сега сваќам, љубовта не била за слабите.. 




11 June 2013

„Време“


Време. Само тоа беше одговорот на секое прашање, само тоа беше лекот, само таму се криеше заборавот. Велеа само тоа ги има одговорите на секое прашање, и само тоа може да не спаси од се. Секоја рана, секоја лузна.. секој јад само тоа можеше да ја избрише. Но никој не знаеше каде е, што е, никој не знаеше колку..никој не знаеше каде почнува и каде завршува.
Колку треба да се испие од тој лек за да почне да дејствува. Еве поминува..
А дали вредеше да се чека да помине, дали тоа време навистина ќе ми го даде одговорот... или ќе биде премногу доцна. Велат, ќе помине... со себе ќе однесе се.. ама болката не можи да чека, тука е.. во градиве, полека се продлабочува.. како да длаби делови од мене.
Секое утро се будам со таа помисла дека треба да помине време да заборавам.И еве.. минуваат денови, минуваат недели, месеци... а како да било вчера. Тоа време скапо ме кошта,
ме кошта солзи, ме кошта разочарувања, ме кошта надеж која полека тони во таа тага која ја чувствувам. Тоа минува.. ама љубовта не. И илјада години да поминат, времето нема да ги избрише спомените.. нема да заборавам ни една секунда среќа, ни една насмевка, ни еден бакнеж.. врежани се во моето тело и во моите мисли.
Како да заборавиш некој кој ти дарил толку за паметење, како да ги избришеш од себе сите тие нешта кои ти ги оставил... па и ранетото срце.. како да го утешиш, со што..
Времето нема да го замени него..и илјада да се појават, ништо нема да биде исто како порано..
Времето минува, но тоа не ја лечи раната од болната љубов.. таа секогаш ќе стои таму, врежана во срцето. Неа ја лечат новите шанси, новите надежи, новата љубов..
можеби..



09 June 2013

„Еден поглед, Илјада зборови“


Знаев дека го изгубив од моментот кога го видов како ја гледа неа. Тој длабок огнен поглед, тој нескротлив пламен кој допираше до сржта како да ги соблекуваше неговите мисли.
Ја гледаше со копнеж, со дива страст, како пред себе да ја имаше потребната доза адреналин која му недостигаше. Знаев дека веќе не е мој. Го погледнав голтајќи ја горчината која ме обземаше, и само ги стиснав очите. Тоа беше начинот на кој некогаш ме гледаше мене.
Тие очи некогаш гореа во пурпурна боја додека се сплотуваа со моите. Во нив се рушеше целиот свет, и останував само јас, само јас постоев во таа длабочина од тајни. Само јас знаев да ги одгатнам со секоја насмевка, со секој здив, со секој бакнеж.
И стоев така со скаменет поглед, гледајќи ја неа.. таа сега живееше во тој свет каде немаше никој друг. Таа го разбудуваше неговиот трепет со само еден поглед, една насмевка.
Таа ги поседуваше тие пурпурни очи кои не наоѓаа излез од маглата на љубовта.
Знаев дека е заљубен, и знаев дека ниту илјада зборови, илјада покајувања, илјада обиди нема да променат ништо. И пак да биде мој, никогаш повторно нема да ме гледа мене како што сега ја гледа неа.



03 June 2013

„Сега сум јас на ред“


Ќе му речев „Не те сакам“ така ладнокрвно гледајќи го право во очи додека зениците ми се полнеа со гнев, ќе го здрвев погледот и иронично ќе се насмевнев, а срцето ми се топеше додека однадвор станував по студена и од лед. 
Да, ја научив неговата игра. Можеби и касно.. Но сега беше вистинско време. 
Вистинско време да свати дека и љубовта има рок на траење, а на мојата одамна и поминал. Знаев јас да го бакнувам така жестоко како што знаеше и тој, а потоа да заминам и без трага да ме снема заборавајќи на се. 
Знаев да бидам посурова дури и од него, и без ронка покајување да се втурнам во нечии прегратки само да го боли, да го гледам како пати. Заслужи тој, заслужи се... затоа што никогаш не научи да го цени моето присуство, а не знаеше да живее ни со моето отсуство. И ете го сега.. ќе верува во се што ќе му кажам, затоа што знае дека јас никогаш не лажев.. Јас љубовта ја закопав длабоко во себе а врз неа никна желбата за одмазда која расте од ден на ден. 
И нема да ме боли ниту еден збор, ниту една лага.. затоа што и онака јас научив да верувам во нив, а во моите ќе поверувам уште полесно. 
И ќе го лажам се додека не се видам во него јас, додека не ги видам истите тие расплакани очи, тие лути солзи како леат врз неговото лице, додека не го слушнам тој болен крик.. 
И дури тогаш ќе се насмевнам така иронично ќе му прошепотам „ Дојде и мојот ред“!