09 June 2013

„Еден поглед, Илјада зборови“


Знаев дека го изгубив од моментот кога го видов како ја гледа неа. Тој длабок огнен поглед, тој нескротлив пламен кој допираше до сржта како да ги соблекуваше неговите мисли.
Ја гледаше со копнеж, со дива страст, како пред себе да ја имаше потребната доза адреналин која му недостигаше. Знаев дека веќе не е мој. Го погледнав голтајќи ја горчината која ме обземаше, и само ги стиснав очите. Тоа беше начинот на кој некогаш ме гледаше мене.
Тие очи некогаш гореа во пурпурна боја додека се сплотуваа со моите. Во нив се рушеше целиот свет, и останував само јас, само јас постоев во таа длабочина од тајни. Само јас знаев да ги одгатнам со секоја насмевка, со секој здив, со секој бакнеж.
И стоев така со скаменет поглед, гледајќи ја неа.. таа сега живееше во тој свет каде немаше никој друг. Таа го разбудуваше неговиот трепет со само еден поглед, една насмевка.
Таа ги поседуваше тие пурпурни очи кои не наоѓаа излез од маглата на љубовта.
Знаев дека е заљубен, и знаев дека ниту илјада зборови, илјада покајувања, илјада обиди нема да променат ништо. И пак да биде мој, никогаш повторно нема да ме гледа мене како што сега ја гледа неа.



No comments:

Post a Comment