19 December 2013

„Херојот со солзи во очите“

Малечка моја. Љубовта никогаш не беше за нас, ете не знаевме како со неа, ни дојде толку неочекувано не оставајќи ни време да размислиме. Но што има да се размислува.. деца бевме, ете таков товар ни беше доделен на нашите рамена што не знаевме како да го износиме.
Таа е толку чудна, толку пати ни ги вкрсти патиштата и не спои во лавиринтот на судбината,
а веднаш потоа не фрли безмилосно на различни страни и небото ни го подели на пола.
Не знаевме кога беше време да останеме, ни кога да заминеме..
Не научивме да ја делиме болката на пола затоа што секогаш ни беше полесно да патиме одвоено. Изгледа така беше најдобро и за двата.. јас никогаш да не го видам твоето кревко срце како се рони од тага, а ти никогаш да не го видиш твојот херој со солзи во очите.
Маскирани со совршени насмевки мислевме дека така побрзо ќе се преболиме. Можеби и ни успеа.. ете поверувавме во нив најпосле, поверувавме на лажната среќа еден во друг, но дали си поверувавме на себеси?
Јас сепак верувам дека си толку совршено среќна колку што изгледаш, зошто поинаку не би знаел што треба да сторам.. Најпосле.. јас никогаш не те заборавив, ете во се успеав.. но во тоа не. Заборавот бил потежок дури и од љубовта, потежок бил дури и од илјада збогувања,
тој е единственото нешто за кое се молам.. а колку повеќе се обидувам да заборавам, толку повеќе се присетувам на се. Почнав да се присетувам и на ситници, некои сосема обични и глупави кои не ги заприметував кога бевме заедно.
Тоа дека кога ме гушкаше толку силно ти го чувствував срцето како забрзано ти бие, дека очите ти се насолзуваа кога ќе го слушнеше тоа „те сакам будало!“, твоите малечки дланки совршено се вклопуваа во моите. Изгледа ете се сетив... сега знам што со љубовта, таа љубов во која не верував a постоела. Таа се криела во тие мали нешта, тоа биле тие нешта за кои вредеше таа, вредеше да го носам тој товар макар и до крајот на светот. Вредеше да останам и кога сите патишта ме водеа на различни страни. Вредеше за сите тие мали нешта кои не успевав да ги видам. Во тоа била љубовта.
А сега малечка моја, биди среќна онолку колку што болувам јас, колку што те немам а те посакувам. Не биди повеќе малечка, биди девојка и верувај му на оној кој во љубов не верува.. тој баш најмногу ја поседува.





04 December 2013

„Еден живот кој вредеше за три“

Го исправи погледот и за прв пат горко се насмевна со доза лутина и иронија.
Навре некоја глупава гордост на лицето и саркастично ги одмери сите неми лица кои ѕвереа во неа како во злосторник кој мачел невини души. Беше спремна да изустри два три збора и да ги удави сите во нивниот плиток очај за осудуваање туѓи животи, но премолчи.
Премолчи за своето его, премолчи за својот инает и гордост. Премолчи во име на своето минато.. Минато од кое не можеше да избега колку и да се трудеше.

Некогаш ќе речеа дека била обична девојка, со насмевнати очи, весел глас и живот во облаци.
Беше девојка полна живот.. таква и остана.
Не ни намеруваше еден ден да скршне од патот кој и навестуваше монотонија и недостаток на адреналин кој беше обратнопропорционален со нејзиниот необичен дух. Во потрага по својата „Пролетна градина“ наиде на нешто кое повеќе наликуваше на онаа градина од „Алиса во Земјата на чудата“ - совршено но нереално.
Падна во бездната на едни очи кои одблеснуваа во бои на нејзината душа, немирна и разнобојна. Во нив се изгуби, во нивиот бес го пронајде оној ритам по кој отчукуваше нејзиното срце, во нив оживеа но во нив и умре.
Тој за кој велеа дека и ѓаволот плачел кога се родил, чие име беше облеано со некои валкани приказни кои сите со неспокој прераскажуваа, баш тој беше нејзината раскрсница на која нивните патишта се споија.
„-И ѓаволот бил еднаш ангел, зошто да не би се дружел со ангелите, нели?“
Така веруваше тој, така се лажеше и таа.
Тој и го подари сонот која таа се плашеше да го сонува, и ги отвори вратите во кои таа се плашеше да зачекори.. и врачи живот на забрзан пулс, широки зеници и крв која зоврива.
Во светот каде што и двата се изгубија, таму и се пронајдоја.. И тука имаше нешто многу повеќе од адреналин, имаше нешто од чие нивните души се растреперуваа. Некоја дива страст, или притаена љубов која ја открија во нивните спротивни битија.
„-Љубовта се крие онаму каде што најмалце очекуваш!“
Така знаеше тој, така раскажуваше и таа.
Имаше мигови кога животот им поставуваше рабови, некои невидливи препреки кои за нив како да не постоеа.. И често ќе речеа „-Што ќе ни е уште еден живот, кога овој ни вредеше за три.“ Тоа беше единствената вистина која сведочеше за сето она што го сторија.
Но секој сведок сноси и своја кривица, а неговата беше токму таа која стоеше на спротивната страна и одмеруваше со осудувачки погледи.. тоа беше иднината.
Онаму каде што таа се наоѓаше пред очите на илјадниците лица кои ја гледаа со разочаруваше,
таму каде што тој го оконча својот живот на пропаст. Таму каде што и двата беа некои за кои сите зборуваа, а немаа што да кажат.
„-Само кожата која еднаш се изгорела, знае колку печи тој оган!“
Со таа лузна се роди тој, со таа лузна умре и таа.
И ни еднаш не ги склопи очите со срам натежнат на нејзините клепки, не.. таа живееше.
Живееше долго.. И се трудеше да ги измие своите гревови кои и ги препишуваа другите, и да стане личност каква што ја знаеа. Но никогаш не се покаја.. ниту призна дека погреши.
Зошто знаеше дека повеќе би се каела доколку би го поминала животот во вистинските прегратки каде ќе нема љубов, отколку во погрешните каде знае дека се место во кое нејзиното срце припаѓа.





28 November 2013

„Двајца што не постоеле“

Ајде дожду, измиј ја тагата од моето лице
овие очи никогаш не плачеле,
овие солзи никогаш не потекле.
Ајде ветру однеси ми ги спомените,
нароси пепел врз таа љубов,
ние никогаш не постоевме.
Ајде небо направи бура,
нека го избрише од минатото, 
нека го искорне од срцево,
тој не припаѓа таму.. таму не смее да живее.
Ајде ѕвезди заборавете,
скријте се низ маглата.. вие нашата љубов не ја видовте.
Ајде месечино изгасни, како што згасна неговиот копнеж,
избриши ги неговите траги од мене.
Ајде огну разгори се,
нека гори душава што по него страда,
нека гори срцево што по него бие,
нека горам и јас со нив..
велат кој еднаш се изгорел, 
втор пат тој оган ќе биде.





26 November 2013

„Како беше љубовта?“

И веќе ми е сеедно. Да сосема сеедно. Не се ни сеќавам кога за последен пат криев бес во градите, кога за последен пат ја голтав горчината од солзите, кога го стегав срцето да не ми писне, да не му се налутам на него, на сиот свет, на ноќта што останав пред прагот на празните ветувања. Не се сеќавам... Не се сеќавам ни кога за последен пат се насмевнував на тмурните утра, на сивите облаци и наросените улици.. не се сеќавам кога сета таа меланхолија за мене беше радост. Не се сеќавам кога за последен пат му се радував на секое заоѓање на сонцето, 
кога со нетрпение ја чекав ноќта да поитам кон улиците кои ме водеа до среќата.. во едно скриено ќоше каде што ме чекаше тој, само мене.. облечена во љубов и негов мирис.
Не се ни сеќавам кога за последен пат образите ми беа накитени со бакнежи, наместо со солзи. 
Кога дланките ми трепереа од неговите допири а јас упорно го обвинував студот.
Не се ни сеќавам на она чувство во градите, кога срцето ми отчукува во грлото.. 
од неспокој, во исчекување да го видам како се приближува накај мене.
Не се сеќавам на тоа чувство кога светот околу мене запира, кога се престанува да се движи, 
да живее.. кога постои само тој пред моите очи.. само мој, вечно припиен до мене.
Не се ни сеќавам како е да бидам изгубена во нечиј поглед, да тонам длабоко и да ги наоѓам сите загубени парчиња од мојата душа.. да се пронаоѓам себеси.
Не се сеќавам какво е чувството кога ќе ми речеше „Те сакам“.. како добивав излив на емоции кои не успевав да ги скротам, како сакав да вриснам на сиот свет и да му покажам колку сум среќна што имам љубов, што го имам него..
Не се сеќавам како е да плачам од радост, како е да се смеам на нив како мало дете, 
да заборавам на сета тага само кога ќе го чујам неговиот глас, кога ќе го видам неговото име на повикот. Не се сеќавам... Не се сеќавам како е да бидеш вљубен толку наивно, како е се да е совршено иако околу тебе светот се руши, како е да не го чувствуваш тлото под нозете.. 
Како е да сакаш безрезервно и таа љубов да ти биде возвратена.
Не се сеќавам, беше одамна.. Многу одамна одкако престанав да бидам малечка, негова малечка. Почнав да се кријам од љубовта која како да ме демнеше во секој агол,
престанав да барам љубов одкако ја изгубив неговата. 
И нема да поверувам во неа се додека од очиве ми врнат солзи..
Љубовта не е создадена да не повредува, туку да не усреќува. 
Јас само таква љубов познавам!
А оваа нашата?? Ха.. потсети ме уште еднаш како беше љубовта?




05 November 2013

„Што е човек без љубов“

И наеднаш како светот да се превртува наопаку. 
Како се да почнува да губи боја. 
Се е само време кое стои во место и како вртлог те заробува во спомените 
кои сеуште мирисаат на сегашност. 
И насмевката боли, како оштрици да ти се зариваат на лицето 
секогаш кога ќе се обидеш лажно да ја провлечеш. 
А во градите дуваат празни ветрови, 
го равлекуваат телото низ места каде мислејќи дека се крие заборавот. 
Дланките не треперат веќе од возбуда, треперат од студ.. од самотија. 
Во стомакот веќе бурата ги убила сите пеперутки, 
пролетта веќе одамна се преточила во крволочна зима. 
 И телото е само леш.. а душата е само празнина.. 
Таква е таа судбина на оној кој тагува.. 
На оној чие срце пресушило од солзи и станало пепел.. 
 Затоа што човек без љубов, меѓу живите не се вбројува.


09 October 2013

„Ми фали“

Ми фалат утра кои мирисаат на свежи бакнежи и топли прегратки.
Утра преспани во чаршави од љубов и нежности.
Утра во кои се будам со него во мислите, утра кои ги дочекувам со радост затоа што реалноста е конечно подобра од соништата. Ми фалат утра кога првото нешто што ќе го чујам е неговиот глас и првото нешто што ќе ми го направи денот посебен е пораката во која пишува дека ме чека со топло кафе и безброј бакнежи.
Ми фали сето она кое сум јас кога сум со него. Тој скриен дел во мене кој само тој знае да го контролира. Ми фали таа возбуда, тој адреналин, тие забрзани чукања на срцето кога ќе го видам како оддалеку доаѓа накај мене и ме заробува во неговите силни дланки.
Ми фалат неговите допири кои ми ја зовриваат крвта, неговите бакнежи кои ми го растреперуваат телото. Ми фали тој тивок шепот на увото кога ќе ми каже „те сакам“
Ми фали таа негова лудничавост, тој негов палав дух кога ќе ме подигне и ќе ме заврти во круг како дете, ми фали кога ќе ми викне малечка и ќе ми ја разбушави совршено наместената коса. Кога ќе зборува бесмислено и ја запее мојата омилена песна која не ја поднесува само да ме насмее.
Ми фали кога ќе изиграва мачо велејќи дека за мене би ги истепал сите мангупи во градот, кога ќе ме зграбчи и ќе извика „моја си“.
Ми фали кога ми се смее дека не можам да го бакнам без да се поткренам на прсти,
кога ми дозволува да ги газам неговите нови патики само да го достигнам.
Ми фали кога ми се смее што плачам на романтични филмови и ме убедува дека ние сме по убави од сите нив заедно.
Ми фали кога ќе му љубомори на моите другарки што повеќе време поминуваат со мене од него. Ми фали неговиот мирис на мојата јакна, неговиот глас кога ќе го изговори моето име, неговите очи кои не гледаат никого околу себе кога сум до него..
Ми фали тој, овде, сега, до мене, засекогаш!



05 October 2013

„Еве ти слобода“

Еве повели, ти ја враќам слободата назад! Сега можиш да правиш со себе што сакаш.
Ако немаше сила да издржиш покрај за мене, сега ќе имаш сила да бидеш сам, потполно сам..
Ако немаше храброст да ме сакаш онака како што заслужував, ќе имаш храброст да гледаш како тоа го прави некој друг. Некој кој ќе знае да се жртвува за љубовта, и ќе знае да се носи со нејзините окови. Некој за кого нема да бидам толку комплицирана колку што бев за тебе.
Но не знам дали јас бев комплицирана или ти беше толку едноставен во твоите сфаќања.
Еве можеби бев премногу комплицирана за твојот свет затоа се вртеше околу едноставни девојки кој можеше да ги добиеш за една вечер.. Епа бев комплицирана затоа што јас за разлика од нив барав љубов. Љубов која е чиста, искрена, и безрезервна.
Љубов каква што ти никогаш не успеа да ми пружиш.
Можеби бев комплицирана затоа што не знаев да те делам со други, но мене ми беше потребен маж. Маж кој ќе знае на кого му припаѓа.. а не дете кое трча кон оној кој му нуди по шарена играчка. Не барав многу, всушност не барав ништо. Од човек можеш да бараш се само не љубов, оној кој ја чувствува ќе ти ја пружи без да побараш од него.
Се надевам ќе бидеш среќен со својата слобода, ама запамти таа нема да те гушне кога ќе бидеш осамен.. Нема да најдеш топлина во туѓа постела каде што знаеш дека утре треба да заминеш,
нема да најдеш ни рамо за плачење кога ќе ти навираат солзите. Затоа што никој нема да те разбере и утеши подобро од оној кој искрено те сака, а некој таков ти штотуку изгуби.
Еве повели ти ги оставам и спомените, нека ти помогнат во потрагата по нова љубов.. и наредниот пат немој да ја испуштиш. Не грижи се за мене, јас ќе започнам да живеам онака како што не можев со тебе, ќе започнам да бидам среќна.. затоа што заслужив многу подобро,
и подобро штотуку ме очекува.



25 September 2013

„Болки“

Човек цел живот се соочува со тагата, живее со неа.. се навикнува.
Детството беше првиот пат кога ја запознав болката. Во животот немав пролеано погорки солзи од кога на омилената кукла ќе и се скинеше раката, тагував зошто мислев дека никогаш повеќе нема да можам да си играм со неа. А веднаш потоа мајка ми од стар партал ќе и сошиеше нова и ќе измамеше насмевка на моето лице.
А крвавите колена беа најстрашната болка која едвај ја преживував, и за да ме утешат ми велеа дека од Бог ќе добијам нешто многу вредно.
Не знаев ни за скршено срце, тоа најверојатно беше некоја болест од која патеа возрасните, само се молев еден ден кога и јас ќе бидам дел од нив да немам такво срце затоа што мислев дека од тоа се умира. Не знаев дека причина за тоа била љубовта, мислев дека таа е секогаш прекрасна и најубава, во која двајца неизмерно се сакаат.

Но кога пораснав сфатив дека ништо не било така како што гледав низ моите детски очи.
Се уверив дека љубовта вистина била болест од која се умира,
И таа болка од која срцето се распарчува многу повеќе боли од крвавите колен и скинатата кукла.
Само што никој до сега не пронашол парче кое ќе го закрпи тој откинат дел, и таа утеха дека Бог ќе ми прати нешто повредно е само празна утеха. Дури ни насмевката не можеше да ги упие тие солзи кои извираа од душата, од таа болест од која се плашев и полека умирав..
И сега да би можела би се вратила назад и би го заменила скршеното срце за крвавите колена..
би ги заменила пролеаните солзите за него за солзите по искинатата кукла..
Јас секогаш ќе ја разбирам љубовта како прекрасна и најубава, и се додека не стане таква..
подобро да не ја доживеам.



21 September 2013

„Блиска далечина“

Молкум се љубеа со поглед, со допир, со воздишка. Тоа растојание меѓу нив сведочеше за таа блискост која ја имаа нивните срца, стравуваа дека еден до друг би можеле да се предадат,
да му потклекнат на вистината пред која и двата се криеа позади маската на рамнодушноста.
Но баш тоа растојание беше сведок за таа љубов.
Секогаш наоѓаа миг во темнината да погледнат еден во друг, преку очите да си ги соголат душите, да си го издадат шепотот на срцата,и да се пронајдат себеси во нив.. сеуште живи, сеуште вљубени. Божем случајно во толпата да налетаат еден на друг и скришум да се допрат со врвовите на прстите, да го почувствуваат тој трепет на кожата.. таа топлина која им ги грееше телата секој пат кога ќе беа блиску. И тие воздишки кои им се искраднуваа од душите беа само зрак светлина која им го покажуваше патот кон надежта.
Живееа во сон, живееа од копнежи.. Се криеа во туѓи прегратки, самуваа во туѓи постели..
Секоја се по студена, секоја се подалечна.
И бегаа од себеси иако во сржта си беа врежани. Но понекогаш е така..
ни една блискост која ја имаат телата, не може да се спореди со онаа во срцата.



13 September 2013

„Децата со исти очи“

Пурпурно небо и громогласна тишина. Две бледолики силуети се топеа под вжаренана светлина која ја разголуваше ноќта. Во етерот се чувствуваше слаткаст вкус на опојни мириси.
Таа со стиснати дланки под своите колена бледо и занесено ја набљудуваше месечината додека ветрот низ своите прсти и ја галеше свиленкастата коса со медова боја. Зениците беше и пламнале во темносин жар кој полека и ја одземаше ориентацијата и за миг ја губеше од реалноста. Гласот и беше тивок и милозвучен, нежно пееше некоја позната мелодија која за миг и носеше некоја притаена свирепа насмевка на усните.
Тешки воздишки доаѓаа од два чекори непосредно покрај неа. Силуета на момче кое во прстите го премотуваше речиси допушениот џоинт испуштајќи неколку дима. Погледите им се сретнуваа неколку пати и само заблудено ќе го отпревртеа погледот кон небото и повторно ќе започнеше нивното патешествие на мислите. Летаа далеку, живееа во друг свет. Тоа беше нивното бегство од реалноста. Бегаа од секојдневието. Таа од секојдневните осудувања и забрани, а тој од проблемите и незадоволството од светот. И двата имаа толку заеднички а сепак толку спротивни работи.
Таа никогаш не успеваше да го сфати светот, да го гледа онака како другите. Беше премногу софистицирана за нив, имаше длабок поглед во кој можеше човек да потоне и засекогаш да се изгуби. Таа беше налик совршенство, налик перфекционист кој очајно трагаше по нешто несовршено кое ќе и докажеше дека светот е едно совршено несовршенство. Не сакаше некој кој беше совршена копија на нејзиниот Дон Жуан од фантазиите. Неа и требаше спасител кој ќе успее без предрасуди да ја извади нејзината бесна страна на површина, таа несовршеност која успешно ја криеше. А тој.. не беше ни принц од бајките ни осмислен Дон Жуан. Само обично урбано момче кое пораснало без предрасудите на општеството. Во свој филм и своја средина. Тоа беше тој. Со бесмислени соништа и налудничави идеи кои и самиот не ги разбираше. Со нескротлив дух кој бестрашно го покажуваше и живееше. Навидум беа како небото и земјата.. но во себе беа многу слични. А тоа попречуваше се, или тоа им даваше вистинска смисла на нивните различни битиа.
Размислуваа далеку, за големи светови, за далечни патеки.. за иднина која ни малку не им изгледаше како реална. Понекогаш не можеа да пронајдат компромис помеѓу нивните карактери и сфаќања кои беа како црно и бело, но веднаш потоа знаеа да ги избришат тие општи гледишта кои им ги наметнуваше животот и повторно беа бесконечни.
Нивната љубов и лудост немаше граници, и поради тоа на моменти изгледаше страшна.
Како сон, како илузија. Ним им требаше повеќе од соништа, им требаше реалност каде што соништата можеа да оживеат.
Таа не можеше да живее со некој чиј живот нема смисла, а тој не можеше да опстане во место каде постоеа ограничувања. Затоа нив никој никогаш не ги разбра.. не успеа да ги погледне од страната од која тие се гледаа меѓусебно. Нив ги раздвои реалноста, тоа што не успеаја да живеат во неа.. Затоа што таа не беше шарена како нивните соништа.
Што им сторија?
Неа и ги скршија крилјата, и ја ставија во златен кафез каде никогаш не ќе можи да ја отвори својата душа и да полета кон висините кои можеше да ги достигне. А него.. Тој ги имаше крилјата, но сам не знаеше да го обиколи светот. Беа совршено несовршенство, кое не успеа да опстане.. само остана во спомените. Имаа исти очи.. но различни погледи.




11 September 2013

„Љубовта за која нема да признаам“

Не ја сакам, тоа го знам. Ама има нешто посебно во неа. Нешто што не ме остава рамнодушен. Во начинот на кој ме гледа.. Во тие нејзини немирни сини очи, има нешто што не ми дава мир.. некој копнеж кој ми го преплавува срцето.. престанувам да дишам. Понекогаш мислам дека крвта ми зоврива во вените, ќе ме отруе. Понекогаш знам да залутам и да се изгубам во тие очи, знам да се удавам во тој океан полн со бури и тајни.
Има нешто во тој нејзин притаен глас.. кога со кревок шепот ќе го изговори моето име јас се губам себеси.. не се препознавам низ нејзините усни. Јас умирам.. секој пат и повторно се раѓам кога ќе ја почувствувам топлината на нејзините бакнежи. Заборавам на се.
Има нешто во начинот на кој ме допира, како да ми ја жигосува кожата со нејзината нежност..
Само таа го може тоа. Но не ја сакам.. знаеш!
И кога ќе го видам тој нејзин лик имам чувство како таа да е мојот вечен сон. Мојата притаена радост, мојата изгубена љубов. Тогаш имам се и не ми треба никој друг.
Ама знаеш... не ја сакам јас. Љубовта е бесмислица, не сум се заљубил и никогаш нема да се заљубам! Ама неа никогаш нема да ја заборавам. Таа е љубовта на која никогаш нема да и се предадам, или барем... нема да признаам!


06 September 2013

„Кога љубиш сам“

Знаеш ли како е да се чувствуваш празен додека во тебе вријат илјада емоции кои не успеваш да ги контролираш, ти се замотуваат околу градите како јазли, те дават..
Знаеш ли како е да се чувствуваш сам и додека светот е опркужен околу тебе?
Стоиш во место, бараш излез, бараш спас, бараш лик кој ќе те одведе далеку каде таа самотија ќе престане. Тониш во толпата, се завиваш во очај,талкаш помеѓу илјадниците лица, сите ти изгледаат толку непознато, чудно. Се губиш помеѓу нив барајќи го тој лик.
Халуцинираш, го гледаш насекаде и потоа сфаќаш дека го нема.
За миг посакуваш да избегаш од сите, дури и од себеси. Да ја откиниш душата, да го распараш срцето, да ги снема сите тие чувства. Да те снема и тебе.
И повторно бараш..
Бараш место под небото во кое припаѓаш, но ни едно место не ти припаѓа тебе. Ни едно делче од земјата не ти дава топлина и љубов како тоа каде што си бил со некој кој го сакаш..
И тогаш сфаќаш..
Земјата е студена, небото е мрачно, воздухот нема мирис, цвеќињата немаат боја кога си сам.
Се е пусто и празно, без никаква смисла кога си сам.
И тогаш се ти станува познато..
Онаа болка кога не си повреден а душата те боли.
Кога немаш рана а чувствуваш дека крвариш.
Кога очите ти се суви а срцето ти плаче.
Кога вдишуваш длабоко а ти снемува воздух.
Кога врискаш на сиот глас а не испушташ ни крик,
се ти станува јасно.
Тоа е таа болка кога се' во тебе се крши а не слушаш звук, чувствуваш.
Тоа е таа смрт која те убива бавно, ден по ден, минута по минута, но никогаш до крај.
Се вика љубов. Тоа е кога љубиш некого, но љубиш сам.



09 August 2013

„Само уште една“


Ти никогаш нема да го запаметиш она кое што јас никогаш нема да го заборавам.
Се вративме на почетокот, од каде што почнавме.. како двајца странци.
Ти чекориш напред, а јас назад.. Ти кроиш иднина а јас крпам судбина.
Некогаш ја мешам реалноста со соништата, мислам дека уште си таму.. и ништо не се променило, но времето не чека.. Не чекаше ни за мене ни за тебе. Ти немаше време да го чекаш времето, а јас немав трпеливост. А во љубовта не постои време, затоа што се` е вечност.
Секој ден делче по делче го составувам мозаикот од распаднатите желби, соништата кои ти ми помогна да ги изградам а потоа ти самиот ми ги сруши. Живеев во нестварност, живеев во лага која ме кошташе многу повеќе од вистината. Јас и понатаму лутам и барам.. но залудно..
Кога човек ќе го изгуби она што му е драго, не може да го замени ни она што е повредно.
А вредеше ли ти? Вредеа ли сите исплакани солзи по тебе? Вредеа ли сите непреспани ноќи мислејќи во чија прегратка си? .. Не вредеа знам. Да вредеа ќе најдеше начин да ги поправиш..
Изгледа после се, јас ќе сум само уште избледена слика во твојот албум..
Ама знаеш, јас секогаш ќе сум подобра од тебе.. Секогаш ќе бидам над тебе..
И колку да сум паднала ниско што поверував на ништожник како тебе, јас имам нешто кое ти нема да го имаш никогаш. Јас имам срце само за еден, а ти за секоја..
Покрај мене секој ќе биде љубен до болка, тој ќе го има моето срце цело. А ти..?
Каква љубов ќе добиеш за возврат ако го делиш срцето на парчиња?
Таа љубов никогаш нема да ти биде доволна затоа што човек не може да се засити од трошки.
И ете.. времето полека си го прави своето, се гради ѕидот на заборавот.
Наскоро ќе ме нема ни во твоите мисли, а во твоето срце.. Ех не успеав да пронајдам место таму.. Зошто? Од секогаш се прашував.. секогаш си мислев дека не бев доволно убава и добра, или доволно интересна за да те задржам.. Но јас никогаш не се запрашав колку беше лош ти.. Но така е кога некого болно сакаш, мислиш секоја грешка во љубовта е само твоја.
А каде погрешив јас? Погрешив ли што те сакав искрено, што ти го отворив патот до моето срце и ти врачив куршум затоа што имав безрезервна доверба дека ти никогаш нема да ме погодиш.. и ти ме уништи. Но јас повторно живеам, живеам со пустош во мене, таму не остана ништо.. Живеам само со своите мисли, со моите желби и посакувања.. Живеам со спомените..
Со секој збор, секој допир..  Врежани се на мене и си ги носам како лузни. Твоите бакнежи, допирите.. можеби ти не ги гледаш ама јас ги чувствувам, ми ја горат кожата.. ме печат.
Обележана сум од твојата сурова љубов, како клетва ќе ја носам во мене цел живот.. И од неа ќе учам, таа ќе ме потсетува дека секој не ја заслужува таа безрезервна љубов.
Ти си мојата прва лузна, прва рана.. А јас, само уште една твоја жртва.
Ти за мене секогаш ќе бидеш единствен, а јас... само уште една.
Нека.. тркалото се врти, и ти ќе сфатиш еден ден како е да се биде.... само уште еден.



27 July 2013

„Девојка на Светот“


Бев сама и препуштена на ветрот, во градите криев еден немир кој ме равлекуваше на сите страни, во очите криев една бездна каде што бев ги потонала сите болки и рани со кои бев се здобила. Бев залутан патник, паднат борец, имав се а сепак немав ништо.
Бев сама со моите мисли кои понекогаш ми правеа толку бучава што посакував да избегам од себеси. Постоеше еден раздор во мене, помеѓу разумот и срцето, тие двата непрекинато војуваа. А трагав по љубов. Само малку љубов. Ја носев во себеси, ми беше врежана во кожата како лузна а сепак ми недостигаше толку проклето.
Еден дел од мене секогаш припаѓаше таму далеку, заколнато му припаѓаше само нему, а веќе другиот дел од мене му припаѓаше на светот. Можев да љубам како да нема утре, а веќе потоа да умрам ако почувствувам туѓ допир.
Знаев дека ако се завртев назад и го погледнев минатото тоа немаше да ми донесе ништо ново, и затоа чекорев напред.
Јас живеев во иднината но срцето ми живееше во минатото, живееше кај него.
И лутав насекаде, лутав и го барав него.
Го барав неговиот поглед, неговиот глас, неговата насмевка.
Го барав во сечии очи, во сечии усни, се додека не сфатив дека таму некаде имаше илјада како него, со дури и поубави очи, и поубави насмевки, но разликата беше што јас не бев заљубена во нив.
И затоа никогаш не почувствував среќа. Никогаш не успеав да бидам среќна.
Бев жив мртовец кој само лутајќи по светот го копаше својот гроб додека љубовта ја имаше пронајдено одамна, некаде далеку, но беше премногу доцна, во погрешно време.
Мојата и неговата љубов постоеја во различно време, затоа што ако постоеја во исто немаше да бидат толку совршени, толку проклето болни, а без тоа немаше да сфатиме дека биле вистински..

18 July 2013

„Сам“


Ех драг пријателу мој, не ти го имав ова кажано до сега, затоа што те сакав како брат,
ама сега кога и самиот си свесен што изгуби, епа пати пријателу само тоа ти преостана. Што мислеше, зарем некоја друга девојка ќе засака ваков невиден гад како тебе? Зошто и е? Да ја натажува секој ден? Да ја остава во постела од солзи секоја ноќ? Ги има таквите како тебе многу. Лесно е да ја повредиш и да си заминеш, тешко е да ја сакаш и цел живот да и се извинуваш.
Многу лесно си се продал бе пријателе, ја продаде неа за илјада слични како неа. Таа те сакаше вистински, ти се верува ли? Ако постоеше некоја која ти се враќаше без да бара причина зошто си заминал, без да праша каде си бил и зошто си ја оставил во солзи тоа беше таа. И ти се лизна од рацете, па која будала ќе ти простува сто пати? Таа го заслужуваше најдоброто и фала богу го најде, среќна е, заљубена е, има некој до неа кој знае да го цени тоа. А ти? Што имаш ти освен досие на љубовници како телефонски именик, и каде ти се? Епа самувај сега. Среќата не чука два пати на иста врата, чекај си ја сега можеби во наредниот живот, а до тогаш ќе си живееш сам, каков што секогаш беше.



16 July 2013

„Ноќ за збогум“


Една мајска ноќ под темниот чаршав на љубопитните ѕвездички, четири очи во мракот и отчукувања на две срца во ист ритам. Видов како една ѕвезда згаснува, тоа беше мојата желба.. вечерва тука се исполна, да бидам до него.
Заљубена и посреќна од кога и да било, го имав во моите прегратки.. сега и никогаш.
Знаев дека утредента ќе биде веќе нова приказна, знаев дека овие насмевки наредниот ден ќе бидат претопени во солзи.. знаев и го бакнував, се додека усните не ми прокрварија.
Само таа ноќ за прв пат го немаше неспокојот што го чувствував, за прв пат ги немаше тие болни мисли каде е.. беше тука, до мене. Во главата ми се вртеше една позната мелодија, му ги стегнав дланките и го повлеков да танцуваме.. тивко ја пеев мелодијата додека бавно тонев во длабочината на неговите очи.
Тие знаеа се.. во нив спиеше нашата приказна, во нив се криеше и нашиот крај.. го шепотеа кришум.. го знаев и јас, но имаше нешто што не ми даваше да се соочам со него, секој пат кога ќе го насетев дека полека ми го одзема.. се втурнував во неговите прегратки и го држев цврсто. Таа ноќ беше само мој, иако не ми припаѓаше мене..
Збогум љубов, врискаше разумот.. а срцето не го пушташе да си оди. Ние сме само двајца под ова небо кои имале нешто заедничко, страст можеби.. Тајни љубовници за кои само месечината е сведок. Збогум љубов.. носи ме понекогаш во мислите, те сакав повеќе од се.. знај јас ќе те носам во градите.
И онаа ѕвезда што сега паѓа, ќе биде мојата нова желба. Да се вратиш пак.. Некогаш.



„Продолжи напред“


Што ти кажав мила моја? Не е љубов се што почнува со „Те сакам..“ Сега гори во таа твоја љубов, гори се додека не изгориш.. се додека срцето не ти стани пепел, оти поинаку никогаш нема да бидеш среќна. Живеј, радувај се, лудувај.. заборави кога заборавил и тој.
Утре е нов ден, и не му го врти грбот на среќата.. чекори напред, но се додека погледот ти е свртен кон минатото.. никогаш нема да видиш што има во иднината. Тој е можеби првиот кој го отклучи твоето срце, но нема да е последниот.. твоето срце е големо, бери уште многу љубов.. Не наведнувај ја главата, не плачи.. така никогаш нема да ја видиш бистрината на некои нешта. За твое добро.. среќа што барем научи дека љубовта која ги остава очите суви не е љубов.. сега барем знаеш како. И ајде, избриши ги солзите, тргни го тоа натажено лице.. таква никој нема да те сака. Ајде стави ја таа твоја насмевка која зрачи како пролетно сонце, нека блеснат тие твои сафирни очи во тој сјај како некогаш, вдиши длабоко погледни надвор во илјадниците лица, веќе некој се вљуби во тебе.



13 July 2013

„Ти и јас никогаш заедно“


Постои едно место каде што одамна ги зафрлив сеќавањата и спомените кои ме потсетуваа на него. Го затворив и заклучив и си ветив дека еден ден кога ќе помине се, ќе го отворам пак.
Како што минуваше времето така и тие чувства оставени длабоко почнаа да фаќаат прашина, сеќавањата почнаа да добиваат црно бела боја, спомените мирис на минато..
Помислив време е.. Време е да се соочам со нив како што требаше тогаш, да ја отворам таа страница и да ја скинам од книгата на мојот живот, да не ми носи повеќе болка. И се обидов.. барем собрав храброст. Го отворив ормарот од сеќавања, го вперив погледот во се што сум оставила таму..
Се беше како порано, ништо не се сменило.. Тој црно бел свет одеднаш повторно доби боја,
тие слики повторно оживеаја во моите мисли, тој сеуште беше таму.. закотвен во срцето како и првиот ден. Ги отворив спомените и тие глуви ноќи одеднаш почнаа да добиваат звук, го слушав неговиот глас, неговиот кикот.. зборовите ми одѕвонуваат во главата како стара мелодија. Тој беше тука.. поприсутен во мене од кога и да било, се сеќавав дури и на неговиот мирис, алиштата, кожата ми мирисаше на неговите бакнежи.. Очите ми пливаа во тој сјај кој го имав додека го гледав него.. Се беше како некогаш, сурово и тажно.
Одеднаш минатото и сегашноста добија иста димензија, живееја ист живот но во различно време. Ништо не се промени, јас сеуште му припаѓав само него, а тој сеуште не ми припаѓаше мене. Посакав да одлетам до него и да ги направам тие минато и сегашност повторно да живеат заедно, но беше невозможно.
Во животот ништо не се случува два пати, а ни таа љубов нема никогаш да има реприза, може само да се потсетуваме на оние убави моменти, со некој напор можеби ќе успееме да вратиме дел од нив.. како филм.. но залудно. Крајот секогаш ќе биде ист. Ти и јас никогаш заедно.



11 July 2013

„Пеколот во мене“



Љубовта со него беше како илузија, како привидување на невозможното, реалност каква што само јас сакав да видам. Бев сама. Сама со своите соништа кои како кула од карти се распаѓаа пред моите очи а јас пак се надевав дека повторно ќе се издигнат.
Како низ пустина да чекорев и да го барав изворот на љубовта, со пресушена душа и со жедно срце умирав полека но не застанував. Како да се надевав на дожд среде Сахара, како да барав сонце на среде олуја, како да барав топлина во студен камен, барав цвеќе среде тврд бетон.
Така љубев јас. Со крв на нозете изморена од трнливиот пат кој водеше до него. Со жив пекол во мене кој распламтуваше оган и пустошеше дел по дел. Со бура во очите и мрак од кој немаше излез. Со рана која крвареше во градите, со неговото име врежано на усните.
Ден по ден се гледав себеси како се распаѓам од таа љубов која беше како едносмерна улица, не постоеше излез, не постоеше мост кој водеше до него, не постоеше ни мал премин кој водеше до неговото срце.
Бев заробена во сонот за нас двајца заљубени, но беше сон од кој тој одамна беше се разбудил.





06 July 2013

„Само моја“


Од таа ноќ веќе не постоеја утра за мене. Веќе сонцето не изгреваше врз моето лице, бев се затворил себеси во четирите ѕида на самотијата и чекав да дојде ноќ за да ја видам пак.
Заспивав со помислата дека можеби ќе ја пронајдам таму, во моите соништа.
Не ја видов повеќе.. како да исчезна, како сенка која ја осветли зракот на изгрејсонцето..
Ја немаше повеќе, а бев толку очаен да ја видам.. ми требаше повеќе од воздухот кој го вдишував, од мирисот на пролетта кој личеше на нејзиниот. Навидум.. се ме потсеќаше на неа, или се почнуваше да наликува на неа. Таа не беше пролет, пролетта беше како неа..
нејзините очи не беа како сафири, туку сафирите го крадеа нивниот блесок.
Имаше насмевка на која и совршенството паѓаше на колена, ми го грееше срцето кога во него пустошеше и најстудената зима. Таква беше таа.. девојка како и сите други,но беше единствена..
Можеби не беше најубава, ама за мене беше божество, најмилото и најпрекрасно нешто на овој свет.  Ја сакав затоа што не можев да ја мразам..
Како можиш да го мразиш сонцето кое те грее, како можиш да ја мразиш водата која ја пиеш..
како можеш да ја мразиш месечината која ти го покажува патот кога одиш лутајќи..
Како? Како можам да ја мразам неа кога таа сама по себе беше љубов, како ангелите да беше ја створиле. Ех.. кој ли сум јас сега да зборувам вака за неа, кој сум јас да го изговарам нејзиното име толку чисто.. да зборувам за љубов која сам ја уништив, јас бев тој кој реков дека не постои. Ја изгубив засекогаш. Јас сум крив. Сега ќе ми треба цела вечност да ја избришам од мене, од срцево.. таа љубов која ја имаше преливајќи се. А толку ме сакаше..
ме сакаше толку што не можам да си поверувам на самиот себеси.
Зарем заслужувам ли јас љубов? Зарем беше можно баш мене да ми ја подари Бог?
И еве ме сега, дојде ред на мене да ја сакам. Понекогаш мислам ќе ми откажи срцево од овој копнеж, од оваа љубов која од ден на ден како да се преплавува во мене.
Абе џабе ми е.. ваква љубов таа не заслужува.. јас не знам да сакам како што треба да биде сакана девојка како неа, јас можам само да ја расплачам и да ја повредам..
Тоа знам јас, бедник без нималку совест.
И сега што да правам? Каде да одам да ја заборавам, каде? Сум видел многу.. сум љубел многу.. ама џабе ми се.. ни илјада такви нема да ја заменат. Неа ја нема, не се враќа веќе. Доцна е за нас двајца, многу доцна. Јас ја оставив сега јас ќе си патам. Ако ми е.. нека е таа здрава и жива,
сега сигурно е пресреќна што му отстапив место на некој подобар. На некој кој ќе знае да ја цени, некој кој ќе ја чува како капка вода на дланка. Затоа што таков бисер не се остава за празна школка.
И еве ме сега мене... пак чекам.. чекам да падне ноќ да ја сретнам пак, можеби..во соништата.
Барем таму за миг ќе биде се како порано. барем таму повторно ќе биде само моја.

„Последната надеж“


Тој замина и зеде се со себе. Секој дел од мене. Нема веќе враќање назад, нема нов почеток..
Нема ништо кое би можело да врати барем дел од она што е сега изгубено. Така е секогаш во љубовта, најтоплиот почеток секогаш завршува со најстуден крај. И ние завршивме. Јас тука, тој таму. Не дели еден живот во кој нема да припаѓаме еден на друг. Веќе заборавот ни се заканува, ќе уништи се што имавме, секој бакнеж, секоја прегратка, секој спомен кој остана како залог во нашите срца. Понекогаш така е најдобро,велат ќе помине.. времето ќе го избрише..
Но што ми вредат и илјада години, што ми вреди и вечност кога не постои гума за спомените. Нив никој и ништо нема да ги избрише. Велат ќе боли сега ама утре ќе помине. Да, но лузната ќе остане.. Ќе остане горчината која ќе ме труе полека секој пат кога ќе помислам дека сме разделени но под исто небо. А најповеќе ме боли тоа што не знам како му е нему, дали и тој го чувствува истото ко и јас. Дали и тој заборави. Таа дистанца секогаш ќе ги крие одговорите на прашањата од кои ќе зависи љубовта, од кои ќе зависиме ние.. дали ќе има утре некогаш, дали ќе не има повторно.
И додека чекам да пронајдам одговор, се повеќе ме боли тишината.. Ме боли тој молк кој не ми кажува што треба да направам.
И изгледа секогаш ќе биде така, ќе се прашуваме каде застанавме а потоа ќе се сетиме дека крајот одамна почнал, а ние пак ќе се прашуваме кој и зошто е крив.
Јас барем знам дека го чувам во срцето, знам дека никој и ништо не можи да ми го оттргне од таму, а тој.. нема никогаш да дознаам.
И ќе го слушам тоа болно „Ќе помине“ се додека не сфатам дека него веќе го нема, и дека нема да се врати.
Но до тогаш сеуште ќе верувам, макар и лага да е, макар и да сонувам.. Во љубовта кога се завршува, надежта е секогаш единственото што преостанува!

03 July 2013

„Нашите светови“


Грешка беше, да грешка бевме уште од почетокот. Но не знам зошто толку настојувавме да пронајдеме нешто кое ќе го докажи токму спротивното. Јас и онака никогаш не те разбирав потполно, никогаш не успеав да пронајдам сигурно место во тој твој свет каде што имаше и многу други. Уште по фатална грешка беше што мислев дека можам да сменам нешто, дека барем со љубов ќе успеам да те променам.. барем малку. Така викаа сите.. човекот само кога е заљубен можи да се промени. И не знам од каде ми падна на памет таа идеа дека беше заљубен во мене. Изгледа сум ги помешала страста и љубовта. Не се исто.. страста трае мигови, но љубовта е вечна. Ти никогаш не научи како е некој да те сака, никогаш не научи да бидеш покрај некој кој избрирајќи помеѓу  сите места на овој свет каде би можел да биде тој избрал да биде токму покрај тебе.. не правејќи ништо, затоа што му e повеќе од доволно само твоето присуство. Ете таква бев јас, можеби не умеев со зборови да ти опишам колку те сакам, но доволен беше еден поглед во моите очи и да ми го прочиташ срцето.
Не, не се навикнав на тој твој свет кој имаше милион влезови и излези..
секогаш пристигнуваше некој нов, и некој заминуваше.. Јас секогаш останував некаде на средина, не знаев дали е време да одам или да се обидам повторно.
И ти никогаш не научи да останеш, или јас не научив да те задржам. Ама не се ни трудев, барем во тоа останав достојна на мојата гордост што никогаш не те влечев за ракав да останеш покрај мене.. Ете така јас знаев да сакам, да те пуштам да одиш и тогаш да те засакам уште повеќе.. затоа што љубовта и надежта одат заедно, таа ми беше утеха дека пак ќе се вратиш.
Изгледа и двата бевме залутале во погрешни светови, јас во твојот барав љубов.. а ти во мојот утеха. Но барем едно е сигурно, ти целиот свој живот ќе бегаш од себе си и од љубовта, затоа што никогаш не си можел да живееш со тие окови, а јас барем ќе знам дека оној кој вистински сака, не му се ни потребни.

30 June 2013

„Судено било така“


Така е секогаш во животот. Еден доаѓа друг си оди, и секогаш ќе постои таа реченица:
„Судбина било!“. И ете, ќе ги собереш сите твои распаднати парчиња од срцето и ќе му ги подариш нему, надевајки се дека можеби тој е тој кој ќе успее да ги состави. И повторно како дежа ву ќе живееш се од ново. Како во круг се вртат тие емоции, добро познати.. секое чувство ти е толку добро познато но секој пат го чувствуваш како да е нешто ново, си викаш се заљубив, но не, веќе ништо не е исто.
Таа иста приказна се повторува но со различен интензитет на емоциите, секој пат кога од ново сфаќаш дека таа личност не била вистинската повторно се навикнуваш на тоа разочарување, на таа изгубена надеж.. пак таа празнина во тебе останува неисполнета, пак си сама и разочарана во својот свет изграден од надеж и илузии. И ете.. се се случува од ново, ама исто е.
И така секој ден, од ново и од ново.. Среќаваш нови луѓе, случајно или не.. ќе си речеш
„Ништо не е случајно, судбина е.“
Еден по друг, секој различен.. но никој вистински. Продолжуваш и понатаму.. одиш по патот и на секоја попатна станица оставаш парчиња од твоето срце, секаде по малку. И како се приближуваш до крајот сфаќаш дека веќе си се изгубил себеси засолнувајќи се во погрешни прегратки, крајот е блиску а ти веќе си се изморила. Веќе се потрошила сета љубов, се потрошила и надежта..
И тогаш се случува тоа, кругот кој одамна требаше да се сврти.. ти и тој, вистинскиот..
но овој пат немаш веќе што да дадеш, си изгубила се.. љубовта дошла пак, но во погрешно време, во погрешно место, со погрешна личност.. Попусто.
„Судено било така!“



27 June 2013

„Така ме научи тој“


Јас од секогаш бев сама, сама бев и кога сите беа покрај мене. И кога постоеше некој да ми ги стегне дланките, да ме обвие во прегратки и да ме стопли со бакнежи. Сама бев и кога ќе почувствував нечие присуство на другата страна од креветот, и таа топлина за мене беше по студена и од камен. Никој од нив не можеше да ми ја пополни таа празнина во душата која тој ми ја остави. Како да откина дел од мене засекогаш, и сега кој и да проба да го пополни тоа место од таму засекогаш ќе дуваат ветрови.
И да ми ја подари најголемата среќа на овој свет, и да ми подари љубов каква што од секогаш барав мене нема да ме задоволи, затоа што тој ме навикна поинаку. Ме навикна да ми дава љубов а потоа да ми ја одзема за да барам уште. Ме навикна да ме зема во прегратки и веднаш потоа да исчезне, ме навикна да ми симнува ѕвезди а потоа да ме остави во темнина.. Ете така научив да живеам јас, така ме научи тој. Ме научи да бидам сурова, да гледам на љубовта како на игра во која оној кој сака секогаш губи.. затоа сега други ќе патат поради мене, на други ќе му ја продавам таа скржава љубов и потоа скапо ќе му ја наплаќам.Други ќе ги леат неговите солзи, други ќе ја трпат казната за неговите грешки.. Затоа што јас бев таа која секогаш даваше повеќе и пак остануваше должна, сега јас ќе земам се без да давам ништо.. затоа што така ме научи тој!

26 June 2013

„Соништа“


Соништа во боја, соништа црно-бели
сите по еден како низа од слики,
низа од сеќавања и чувства.
Во еден миг толку блиски, во друг веќе далечни
Што ли се тие?
Дали сонуваме желби или сонуваме стварност
едно од нив сигурно е.
Дали сонот е она каде што срцето ни спие,
каде што ни спијат надежта и мечтите.
Дали се тајна која ја криеме и од самите ние,
можеби вистина која и лагата ја крие.
Соништа кои заоѓаат во копнеж,
а изгреваат во разочарување..
Нешто кое потоа ќе го нема.
Ако во ноќта заспиваме мечтаејќи,
во утрото половина во рацете ни стига.
..Сонот е само чекор до целта..



„Празнина“


Се најдов себеси срушена лежејќи на подот толку пати додека во крвта ми зовриваше нескротливиот бес и очајот од пропаднатите соништа. Се најдов себеси како тонам во сопствените солзи, како се давам во тагата која секој пат ме повлекуваше се по длабоко.
Се најдов себеси како си ги преслушувам во мислите неговите зборови, еден по еден..
сите зборови за кои мислев дека биле вистини полека почнале да стануваат лаги.
Се најдов себеси толку пати фрлена во бездната на очајот каде ја сокривав вистната за лажната љубов.. ја криев од сите, ја криев и од себеси, и пак продолжував.
Секој пат кога ќе се најдев на раскрсница помеѓу светлата иднина и темното минато јас избирав да го следам минатото, затоа што таму беше тој..
Одбирав да одам по пат од трња наместо по пат од рози само за да бидам среќна, па макар и петиците да ми крварат барем срцето да ми цвета.
Надежта ме водеше додека очите ми беа преврзани од љубов, не верував никому, му верував него. Ме скрши толку пати но секогаш постоеше некој мал дел во мене кој мислеше дека наредниот пат повторно ќе ме состави, и затоа повторно му се враќав.. и тој ме кршеше повторно, и повторно.. се додека еден ден не ме направи пепел.
Се најдов себеси пак како лежам врз урнатините од мојата љубов, таа во која се колнев и се молев да не заврши. Таа за која мислев дека посовршена не постои, беше пепел во кој беа претопени сите солзи,зборови и празни ветувања.. во нив беа сите делови од мене, во нив беше и срцето.. Го нема веќе.
Сега чекам повторно да дојде тој, повторно да ме натера да му верувам, затоа што сега веќе немам што да изгубам. И ќе му се вратам пак.. помина се, овој пат нема што да боли,ми остана само празнина.



21 June 2013

„Дежа ву“


За мене тој секогаш остана ист, секогаш. И после сите лаги и солзи не успеав да го гледам со други очи. Сеуште пред него треперам како исплашена срна, сеуште зениците ми пламнуваат кога ке го видам од далеку, сеуште неговиот допир ми ја зоврива крвта.
Не се промени ништо. Или можеби уште повеќе го засакав, зошто којзнае.
Можеби затоа што знам дека никогаш нема да биде само мој, можеби затоа што никогаш не ме засака онака како што го сакав јас. Можеби затоа што со него секогаш постоеше таа дистанца, тој немир дали утре ќе не има повторно. Со него секогаш бев на раскрсница помеѓу враќањето во минатото и продолжувањето кон иднината. Тој секогаш стоеше помеѓу нив, но никогаш не остануваше засекогаш.
И ете го, повторно не е тука. Повторно ме остави сама, како дежаву повторно се кршат илјадниците парчиња во мене, повторно ми го прободуваат срцето и пак не крварам. Пак не чувствувам гнев, не чувствувам ни болка, се ми е исто, како никогаш да не се променало. Зошто? - Затоа што љубовта ме направи слепа. Чудна е на моменти, знае така да ме воздигне високо што во еден момент се станува бесконечно, се е безгранично и совршено.
А во друг момент да ме сруши врз студената земја. И тогаш се станува реално, дури тогаш сфаќам дека се било плод на фантазијата, на таа љубов која ја гледам онака како што ми одговара. Тогаш ми е јасно дека уствари се било уште одамна срушено само додека се рушело јас сум гледале кон облаците, наместо кон земјата..
Јас одамна сфатив дека нема ништо да се смени, ни со него, ни со мене.
Тој нема да научи да ме сака, а јас нема да научам да го заборавам!

„Мојот свет Лага“


И тогаш и сега. И пред него и после него. И денес и утре. Ништо не се промени, нема ни да се промени. Јас сеуште сум истата таа. Во душата и на лик, на моменти знам да одглумам друга личност.. знам да ги заледам очите и да изгледам по студена и од карпа, ама таа сум..
сеуште ме боли, сеуште срцето ми крвари.Сеуште истите чувства, истата љубов, истиот тој, сеуште може со една лага да ме купи, да ме маѓепса со една насмевка, со тие два збора да ми го преврти светот наопаку, и јас пак да му поверувам.. пак како мало девојче кое живее со розовите очила да живеам повторно во таа совршена бајка како ништо да не се случило.
Како да не сум била скршена на парчиња, како да не умирав секогаш по малку кога ке ме оставеше сама, како да не сум заспивала на мокра перница, како да не сум си ветила себеси дека нема да дозволам пак да ме повреди.. Ете во тоа сум иста, и порано кога бев мало девојче.. верував секому и во сешто, затоа и толку пати сум се разочарала од светот дури и од себеси, и еве ме и денес.. тоа мало наивно девојче го носам во мене, секаде..
Но барем сега знам да го сокријам, можеби сега нема да им простам, можеби ќе им вратам ако ме повредат, можеби сум свесна дека светот е суров.. можеби на моменти знам да бидам бездушна и безчувствутелна.. но јас сеуште верувам во љубовта, во таа слатка лага... сеуште се лажам дека е вистинска.. затоа што ја прифатив таква каква што е, затоа што мислам дека таква ја заслужувам.И затоа се лажам, целиот свој живот,
и сеуште се лажам.. се лажам дека пак ќе се врати, се лажам дека се ќе биде како порано, дека пак ќе постоиме ние, се лажам дека можеби повторно... можеби ќе ме засака. баш онака како што јас го сакам него.. Се лажам, за да не бидам скршена уште еднаш.. вака е се поубаво!



14 June 2013

„Ноќи..“


Има ноќи кога спијам со солзите на мојата перница, ноќи кога заборавам на сиот свет и потонувам длабоко во сонот каде што сме само ние. Има ноќи кога срцето ми се разделува на два дела од тага од спомените.. има ноќи само кога тој ми е во мислите..
Една по друга се нанижани..
Понекогаш така посакувам... да не изгрее сонцето, да не заврши ноќта.
Посакувам да не дојде утрото.. да не ме разбуди таа тага повторно.
Се плашам ноќта повторно да ме обвитка во постела од самотија, се плашам од солзите повторно да ги пролеам.
Секој ден со тој ист страв, да не се повторува минатото.. секоја измината ноќ.
Се плашам дека нема да можам да издржам, дека нема каде повеќе да барам утеха..
Секое утро ми ја носи надежта, а потоа ноќта ми ја одзема. Се будам со празнина, со празнина и заспивам. Тој ми недостига.
Секој ден одново горам во огнот на оваа сурова љубов, горам и од пепелта повторно се раѓам.
Се плашам од иднината.. дека ништо нема да се смени. Дека сеуште ќе бидам истата јас живеејќи во мојата тажна приказна. Затоа не сакам ноќта да заврши.. не сакам ѕвездите да изгаснат.. Барем тука да ги оставам сите таги, сите солзи и болки. И да нема веќе ноќ за мене..
Да можам да оставам се во ноќта, да ја испратам и да го дочекам утрото со мирис на среќа.Да не ме смрзнува таа празна постела..  Ако постои барем малку утеха нека не ме враќа пак таму..
таму јас нема да преживеам. Ако постои сонце, ако постои светлина..ако постои надеж,
нека постои и за мене.



13 June 2013

„Крај!“


Тмурна ноќ. Затишје. Молкот како да навестуваше некој крај кој одамна веќе пристигнал на прагот само се двоуми дали да влези. Јас и тој, погледите беше ни се закотвиле еден во друг. 
Се гледавме како да имаме нешто да си кажиме, но ниту еден од нас не можеше да се осмели.
Во грлото ми навираше горчина која упорно ја потиснував во себе. Знаев дека е ова наша последна ноќ, знаев по неговите бакнежи, по неговите прегратки во кои постоеше некоја носталгија.. притаен трепет кој криеше толку емоции. 
Не сакав ништо друго на светот туку само да вриснев на сиот глас и да му кажев дека го сакам и потоа да се втурнев во неговите прегратки и да го преколнував да не оди. 
Но знаев.. залудно ќе беше. Затоа и премолчив. Ја премолчив сета таа љубов која можеше да донесе повеќе болка одколку утеха. Знаев дека повеќе не е мој, повеќе во гласот ја немаше таа милозвушност, во очите го немаше тој пламен.. Залудни беа и илјада зборови кога неговиот еден беше посилен од нив.
Крај. Си прошепотив во себе и го прегрнав силно. Солзите ми капнаа на неговото рамо но брзо ги сокрив, не сакав да ме види скршена, не сакав да мисли дека ме боли. 
Го ставив безгрижното насмеано лице над лицето распарчено од тага и тивко му прошепотив:
„Барем сеќавај се на мене, секогаш.. вака насмеана.“
И го пуштив..Замина пред моите очи, замина без еднаш да се заврти. Го чекаше овој момент одамна.. ете и го доби. Си реков, и да не ме сака.. барем насмевната ќе ме запамети, и ќе се присети.. понекогаш.. на девојката која го сакаше повеќе од се.



12 June 2013

„Јас - девојката од памук “


„-Рано ти е за љубов, малечка.. Премногу си млада за таа болка“ - ќе ми речеа. А јас навидум не ја разбирав длабочината на тие зборови, тежината на тие срца кои со болка ме советуваа.. 
Не знаев да гледам низ сјајот на нивните очи, не знаев да им прочитам од усните.. не знаев ништо за таа љубов.. а толку копнеев по неа. И понекогаш ќе ги затворев очите и ќе одлетав во едно мало ќоше каде постоев само јас и мојот сакан. Не знаев кој е.. ама знаев дека еден ден ќе се појави,таму некаде и ќе биде мое парче душа.. ќе бидеме едно срце во две тела, и ќе си речам дека вредело да го чекам. Знаев, го чувствував тоа.. и го чекав.
На моменти мислев дека срцето ќе ми застанеше од копнеж да го пронајдам, но не го барав.. туку сакав тој да ме пронајде мене. И се случи, кога најмалку очекував... а не ни бев свесна за тоа. Бев убедена дека не е тој. Ги имаше сите мои спротивни карактеристики, тој црно јас бело, тој есен јас пролет.. И ете некако патиштата ни се вкрстија. Тој со срце од челик, а јас со срце од памук. Реков не е за мене, реков нема да се заљубам.. и токму тогаш се случи,се вљубив за прв пат.
Тоа чувство како полека да ме опседнуваше, полека продираше во моите вени и потекуваше до срцето. Знаев... се заљубив, тоа беше тој. Секој пат кога ќе го погледнев.. ѓаволот со ангелски очи. Тоа што  бевме толку различни не правеше како да сме створени еден за друг.
Покрај него ги добивав тие мои ангелски крилја и можев да го опколам небото, можев да го освојам светот. Не можев да се борам против себе, против него во мене.. против срцето кое откажуваше послушност и полека му се покоруваше него. Немоќна бев. 
А тој знаеше се... ја имаше прочитано мојата душа уште од првиот пат кога ме погледна. И не попушти да ја допре со неговите валкани раце. Не пропушти да го извалка секој кристално чист дел од неа, да го ми го згмече срцето без ни малку грижа и срам. 
Сакаше да биде првиот кој ќе остави трага врз мене... кој ќе го претвори невиниот ангел во грешник За сега да сум ова што сум...
Првата љубов ми донесе и прва болка, и први солзи... го скрши тоа порцеланско лице, тие бистри ангелски очи.  Не сум веќе малечка, не сум веќе кукла од порцелан.. 
Се скршив, тој ме скрши. И сега сваќам, љубовта не била за слабите.. 




11 June 2013

„Време“


Време. Само тоа беше одговорот на секое прашање, само тоа беше лекот, само таму се криеше заборавот. Велеа само тоа ги има одговорите на секое прашање, и само тоа може да не спаси од се. Секоја рана, секоја лузна.. секој јад само тоа можеше да ја избрише. Но никој не знаеше каде е, што е, никој не знаеше колку..никој не знаеше каде почнува и каде завршува.
Колку треба да се испие од тој лек за да почне да дејствува. Еве поминува..
А дали вредеше да се чека да помине, дали тоа време навистина ќе ми го даде одговорот... или ќе биде премногу доцна. Велат, ќе помине... со себе ќе однесе се.. ама болката не можи да чека, тука е.. во градиве, полека се продлабочува.. како да длаби делови од мене.
Секое утро се будам со таа помисла дека треба да помине време да заборавам.И еве.. минуваат денови, минуваат недели, месеци... а како да било вчера. Тоа време скапо ме кошта,
ме кошта солзи, ме кошта разочарувања, ме кошта надеж која полека тони во таа тага која ја чувствувам. Тоа минува.. ама љубовта не. И илјада години да поминат, времето нема да ги избрише спомените.. нема да заборавам ни една секунда среќа, ни една насмевка, ни еден бакнеж.. врежани се во моето тело и во моите мисли.
Како да заборавиш некој кој ти дарил толку за паметење, како да ги избришеш од себе сите тие нешта кои ти ги оставил... па и ранетото срце.. како да го утешиш, со што..
Времето нема да го замени него..и илјада да се појават, ништо нема да биде исто како порано..
Времето минува, но тоа не ја лечи раната од болната љубов.. таа секогаш ќе стои таму, врежана во срцето. Неа ја лечат новите шанси, новите надежи, новата љубов..
можеби..



09 June 2013

„Еден поглед, Илјада зборови“


Знаев дека го изгубив од моментот кога го видов како ја гледа неа. Тој длабок огнен поглед, тој нескротлив пламен кој допираше до сржта како да ги соблекуваше неговите мисли.
Ја гледаше со копнеж, со дива страст, како пред себе да ја имаше потребната доза адреналин која му недостигаше. Знаев дека веќе не е мој. Го погледнав голтајќи ја горчината која ме обземаше, и само ги стиснав очите. Тоа беше начинот на кој некогаш ме гледаше мене.
Тие очи некогаш гореа во пурпурна боја додека се сплотуваа со моите. Во нив се рушеше целиот свет, и останував само јас, само јас постоев во таа длабочина од тајни. Само јас знаев да ги одгатнам со секоја насмевка, со секој здив, со секој бакнеж.
И стоев така со скаменет поглед, гледајќи ја неа.. таа сега живееше во тој свет каде немаше никој друг. Таа го разбудуваше неговиот трепет со само еден поглед, една насмевка.
Таа ги поседуваше тие пурпурни очи кои не наоѓаа излез од маглата на љубовта.
Знаев дека е заљубен, и знаев дека ниту илјада зборови, илјада покајувања, илјада обиди нема да променат ништо. И пак да биде мој, никогаш повторно нема да ме гледа мене како што сега ја гледа неа.



03 June 2013

„Сега сум јас на ред“


Ќе му речев „Не те сакам“ така ладнокрвно гледајќи го право во очи додека зениците ми се полнеа со гнев, ќе го здрвев погледот и иронично ќе се насмевнев, а срцето ми се топеше додека однадвор станував по студена и од лед. 
Да, ја научив неговата игра. Можеби и касно.. Но сега беше вистинско време. 
Вистинско време да свати дека и љубовта има рок на траење, а на мојата одамна и поминал. Знаев јас да го бакнувам така жестоко како што знаеше и тој, а потоа да заминам и без трага да ме снема заборавајќи на се. 
Знаев да бидам посурова дури и од него, и без ронка покајување да се втурнам во нечии прегратки само да го боли, да го гледам како пати. Заслужи тој, заслужи се... затоа што никогаш не научи да го цени моето присуство, а не знаеше да живее ни со моето отсуство. И ете го сега.. ќе верува во се што ќе му кажам, затоа што знае дека јас никогаш не лажев.. Јас љубовта ја закопав длабоко во себе а врз неа никна желбата за одмазда која расте од ден на ден. 
И нема да ме боли ниту еден збор, ниту една лага.. затоа што и онака јас научив да верувам во нив, а во моите ќе поверувам уште полесно. 
И ќе го лажам се додека не се видам во него јас, додека не ги видам истите тие расплакани очи, тие лути солзи како леат врз неговото лице, додека не го слушнам тој болен крик.. 
И дури тогаш ќе се насмевнам така иронично ќе му прошепотам „ Дојде и мојот ред“!





30 May 2013

Дневник - 2 ДЕЛ: „Разделени под исто небо“


„Дождлив ден со мирис на спомени ме врати назад во едно заборавено време. Си реков да излезам и да прошетаам, можеби ќе престанам да живеам во минатото, од заборав не се бега, ама барем болката ќе ја оставам таму некаде под расплаканото небо.. дождот ќе ми ја измие тагата која наврнала на моето лице..
Чекорев бавно по улиците, со погледот кон облаците. Сивото небо како да ми ја отвораше својата душа и ми ги разголоуваше своите тајни. Гледав кон нив како да бев потонала во некој длабок сон, додека чекорев мислев на судбината.. толку чудно.
Кои бевме вчера, кои ќе бидеме утре. Денес сме само двајца странци со заедничко минато.
Имавме толку да споделиме, а сепак молчевме..
-Ќога ќе заврши ова? -си помислив додека капките дожд ми ги ублажува солзите..
Не случајно се најдов на таа раскрсница помеѓу грешките од минатото и искушението, не случајно му подадов рака на судбината да ме вовлече пак во таа црна јамка. А знаев дека нема утре.. За нас никогаш не постоеше светло утре, тоа беше само еден долг темен ходник кој никој не знаеше кај води и никој не знаеше што крие. Нашето утре беше мистерија која никој неможеше да ја одгатне, зависеше од нас а ниту еден од нас немаше смелост да прозбори за неа.. зошто никогаш не дознав.
Патот некако како да ме водеше во некој толку познат правец додека чекорев по дождливите улици со мирис на болка, не смеев да одам а сепак одвнатре ми врискаше тој притаен глас да продолжам да чекорам.
И наеднаш добро познато место, добро позната улица, познати дрвја, клупи.. Се беше исто како некогаш.. само многу осамено и тажно.
Каде и да се свртев се гледав себеси и него, гласниот кикот, бакнежите, прегратките, ја гледав љубовта која сеуште како да постоеше во етерот. Неговиот мирис како сеуште да стоеше закотвен на клупата и очекуваше нечија прегратка.
Во ветрот сеуште го слушав неговиот глас, неговите очи како сеуште да ја кршеа темнината..
И таму покрај стубот каде што секогаш стоеше тој го гледав со тој препознатлив став, рацете во џебовите и цигарата на десната страна од усните. Наеднаш потрчав и викнав... но во тишината одекна само мојот глас, неговиот го немаше. Почувствував тапа болка во градите, како да се сруши нешто во мене.. Не бев навикната да седам сама на тоа место, не бев навикната да бидам тажна затоа што само таму јас можев да ја пронајдам среќата, а сега ми се лизгаше од раце.
Самотијата ме гушеше што за миг помислував дека ќе полудам. За миг почувствував ладен млаз на моето лице, не знаев дали тоа беше дождот или солзите, знаев само дека ни двете не можев да ги запрам. Таа ноќ и двата плачевме.. Бевме разделени, но сепак под исто небо кое плачеше за двата.“

- Кукла од Памук 2013



29 May 2013

„Не можев со неа, а сега не можам без неа“


Заминав. Не и реков ни збогум, не и реков ништо.. само ја прегрнав силно и ја бакнав.
Чувствував како срцето да ќе ми излеташе. Длабоко во себе чувствував некоја горчлива среќа, која ме влечеше на друга страна каде што таа не припаѓаше. Не беше ни прва ни последна која сум ја оставил, ама беше единствена која остана во мене после тоа.
Бев сам и среќен, живеев како што сакав, немав никој до мене да ме притиска и измачува, ама си реков подобро да ме измачуваше таа отколку вака самиот јас.
Излегував секоја ноќ во различен бар, се враќав кога утрото ќе ме пречекаше со мамурни раце,
се потпишував на туѓи усни, тонев во туѓи очи.. Несвесно ги барав нејзините.
Јас не бев заљубен, никогаш не сум бил.. ама имаше некое чудно чувство кога ке помислев на неа како да ми го притискаше срцето, некоја чудна еуфорија.. изгледа тоа беше.
Да сватив.. кога се погледнав себеси, поосамен од кога и да било. Имав слобода, но зошто ми беше... Таа не можеше да ме прегрни кога ми беше тешко, не можеше да ме насмевне кога ми навираше болката во душата. Само таа го можеше тоа.. А јас не можев со неа, сакав слобода...
ете ми ја, секој ден полека ме убива.. се гушам во самотијата и тагата, копнежот ми натежнал како планина. Не ми треба никој, ми треба таа.. повеќе од никогаш!

28 May 2013

„Не ме остави да го сакам“


Можев да го сакам, дури и повеќе одошто заслужуваше. Можев јас да живеам со неговиот тежок карактер, можев да се носам со сите негови каприци и лудории. Тоа беше тој, тоа бев и јас.. И двата бевме деца заљубени во ветрот да не разносува на сите страни, светот на едната а ние на другата страна. Не ми пречеше тоа што не беше како другите, што не знаеше да ме лиши од болката,што ми дофрлуваше за се нешто, можеби изговараше тешки зборови, можеби заминуваше секогаш кога ќе се прелиеше чашата.. но на крајот од денот јас пак бев неговата малечка. Не го осудував за ништо, напротив.. го сакав токму таков каков што беше, со тој негов бесен нарав, див карактер.. го сакав затоа што не ми симнуваше ѕвезди, туку ме носеше сама да си изберам. Ете затоа.. ама тој не ми дозволи да го сакам, не ми дозволи да му покажам дека постои личност која го разбира и која ке биде до него и во неговите најлоши моменти.
Не ми дозволи да му подадам рака и да зачекорам со него на дивата страна, не ми дозволи да бидам до него кога и светот ке му го заврти грбот, не ми дозволи да го сакам баш таков.
Сега нека биде сам, сам против сите како што одсекогаш беше. Џабе е целиот живот да му помине лутајќи, тој нема да ја најде љубовта.. затоа што веќе одамна ја избришал од себе.

-Се додека човекот има љубов во себе, ќе знае да биде среќен и со малку.

27 May 2013

„Гордоста која уништи се“


Потребен беше само еден миг, само еден глас, еден збор да се уништи се. Да се сруши се што заедно изградивме, да се претвори во пепел, во магла.. и да го снема низ ветрот.
Да, само тој миг ни беше доволен и да се превртат нашите светови и да ни се разделат патиштата, тој миг смени се.
И залуден беше секој обид да се вратиме назад, да бидеме старите ние кога во нашите очи веќе бевме вистинските личности, оние на кои им паднаа маските пред вистината.
Што чувствувавме ни самите не знаевме, дали горчината беше послатка од љубовта, дали тој бес беше посилен од таа страст.. Никогаш не откривме.
Длабоко во себе бевме свесни дека згрешивме, но гордоста веќе не раздвои, таа не уништи...
Немавме многу, ама тоа што го имавме беше доволно да изградиме цврст мост на доверба,
но едноставно тој еден збор беше по тежок одколку што мостот можеше да издржи.
И сега сме тоа што остана од нас, странци кои секогаш кога ке се погледнат во себе ги стискаат емоциите да не вриснат на сиот глас „Те сакам“, странци кои ги ќе го свртат погледот пред да почнат да им навираат солзите.. Затоа што сме свесни дека имавме се, и изгубивме се..
Сега немаме ништо, освен гордост и парче љубов која е нејзин роб.

23 May 2013

„Малечка..“


„-Главата горе, малечка. Светот не застанува за едно скршено срце!
И не е тој за тебе, никогаш не ни беше.. Ваков нежен редок цвет во саксија не вреди да стои покрај пластично цвеќе во вазна. Тој е можеби сега единствениот на овој свет кој го сакаш, но само ја гледаш надворешната убавина, тој нема срце мила моја. Погледни и сама што ти стори..
Така кревка и наивна ти го рани срцето, те обвитка во солзи наместо во љубов, не казнувај се уште повеќе.. А знам дека боли, знам дека ќе треба време, ама верувај ми ќе се исплати.
Стегни го срцето, затвори го и не пуштај никого.. Тој вистинскиот сам ќе најде начин и клуч како да го отвори. Само биди трпелива и чекај, на вистинската љубов и треба време.. затоа не брзај, кога ќе дојде ќе трае вечно!“




22 May 2013

Дневник - 1 ДЕЛ: „Срцево го избра, не јас“


„Утрото се разбудив со мокра перница, а солзите беше ми се засушиле на образите.
Уште од мигот кога ги отворив очите ме пречека болката во градите, натежнала како планина. И лежев така во неподвижна состојба, гледав накај таванот додека во мислите ми прелетуваа разни сеќавања од минатата вечер, на дланките сеуште стоеше неговиот мирис, неговите зборови сеуште ми одѕвонуваа во главата.. Се прашав зошто? .. Зошто се изневерив себеси, зошто не го одржав своето ветување.. реков нема пак, реков нема да му се вратам.. и на колена да моли, нема.
Реков ќе го заборавам, но Зошто? И за миг срцето како да ќе ми излеташе, го врискаше одговорот на сиот глас.. Го знаев и јас, го знаев многу добро.. но не сакав да го кажам, ни во себе. Знаев дека ќе биде така, знаев дека после таа вечер пак секој ден се подлабоко ке тонам во таа љубов, знаев дека нема назад..
Ние никогаш нема да бидеме заедно, а тоа беше најболното од се.. Како бавно во себе да ја пречекував смртта. Сама бев свесна дека нашето нема да биде никогаш, знаев дека го сакав повеќе одколку што можев да замислам, од колку што можев да си дозволам и да издржам.
И знаев дека тој не ме сака ни половина од тоа.
Еве сега стојам во место, нашето нема ни напред ни назад. Тој секогаш се појавуваше кога пробував да го заборавам, и се почнуваше од ново и од ново.. а се вртеше во круг, истата приказна, истата среќа, истата тага, се исто.. Само интензитетот на емоциите посилен.
Секој пат јас се повеќе тонев во таа љубов, и ќе тонам се додека не се удавам.
Знам дека нема назад, сама сум крива што патам, и ако ми е.
Јас нема да сакам никој друг, и да сакам нема да биде како што го сакам него.. и сега боли, и допрва ќе боли.. затоа што не знам да застанам, не знам како да се откажам.. а од љубовта нема лек. Ќе го сакам додека не се изморам, додека не ме уништи и ме остави распарчена на илјада делови, тој тоа го умее најдобро. И ќе ми речат, сама го избра него.. а имаше многу други.
Не, не го избрав јас него.. срцево го избра,а него можиш ли да му наредиш?
Можеш ли на заљубениот да му судиш? .. Тој нема очи да види, нема уши да слушне.. нема глас да кажи, за него пресудува само тоа.. -Срцето.“

- Кукла од Памук
посветено 21.05.2013



„Тајна“


Ја чував во себе, само за себе. Таа беше моја малечка тајна која не сакав да ја споделам со никој.
Не зборував за неа затоа што не сакав да го валкам нејзиното име, зарем би имал смелост..
Јас гадот од кој плачат сите девојки, глумев љубов на која ќе посакав не сакав и таа да ја мешам помеѓу нив, таа не беше како нив, беше посебна.. единствена. Затоа и толку ја криев.
Таа беше мојот ангел, не заслужуваше да биде извлакана од црна дамка како мене, и затоа и ја оставив и побегнав. И сега еве ја кријам во себе, мислејќи дека ке ја заборавам..
Името ми застанало в грлото и се плашам да го изустам, се плашам да не откријам дека сеуште ја сакам. Се плашам да не ја отворам таа рана..
Ја преболив, или се лажам дека ја преболив.. ама подобро ми е вака, сам со спомените,
неа ја нема а јас ја чувам во себе, нека ќе помине.. и раната полека ќе зарасне, но што ако.. лузната од неа секогаш ќе остане.

„Љубов или Судбина“


Зошто повторно се враќавме еден на друг? - Ех тоа можеби никогаш нема да го дознаам.
Тој можеби да преболи некоја друга, а јас да го преболам него. Да, него... и со него и без него иста беше болката, но барем кога беше покрај мене беше слатка болка.
Знаев дека повторно ке замини, знаев дека не му бев единствена, ама го чекав затоа што немав каде, немав кај кого. Никој друг не можеше да ми го пружи тоа чувство како тој, знаев дека само нему му припаѓам, срцето само кај него можеше да се засолни.
Ни самата не бев свесна колку ме кошташе таа љубов, сите те измачувања, солзи... колку скапо ја плаќав и пак не се откажував од неа. Затоа што го сакав, го сакав со секој распарчен дел од него, ја сакав дури и таа болка, ги сакав дури и тие солзи...
Го сакав кога ќе беше до мене, а уште повеќе кога не беше... но едно знаев, ќе се врати...
Ние не бевме еден за друг, бевме створени еден за друг.. И сеуште не бевме свесни за тоа,
ниту јас ниту тој..И ќе се оддалечевме да се заборавиме, но попусто.. пак завршувавме на иста адреса.
Љубов или Судбина, не дознав никогаш... ама ете едно од тие две сигурно беше.





20 May 2013

„Погрешната Принцеза“


Јас со него ја запознав љубовта, да тој ме натера да се напијам од тој отров.. а наместо тоа во вените ми протече лек. Јас со него научив дека не ми треба принцот на бел коњ за да живеам во бајка, нити тој беше принц а нити јас принцеза но живеевме во палата која ја изградивме од нашата среќа и љубов. Ама ете на крајот таа палата некако се сруши, се сруши и тој свет од фантазии..Во тој свет живеев само јас. Велат на секоја бајка и доаѓа крајот, ама не секоја има среќен крај. И од сонот мораш еднаш да се разбудиш, кога реалноста те повикува да ја осознаеш вистината. А вистината беше таа, мрачна и сурова...
Можеби во нашата бајка тој беше мојот принц но јас не бев неговата принцеза..

15 May 2013

„Во погрешно време“


Зошто ја оставив?- Затоа што се плашев дека ќе ја засакам, секој пат кога ќе ме погледнеше со тие нејзини сафирни очи како да ми ја разголуваше душата, зборував нешта за кои не бев свесен.. Јас за прв пат некому ги кажав тие проклети два збора гледајќи го право во очи,
за прв пат почувствував како да ми излетуваа од душата.. тоа ме исплаши.
Ме исплаши љубовта.. Јас не бев спремен да сакам никоја, а посебно не неа.. таа заслужуваше чиста и искрена љубов, а јас можев само да ја повредам...
Толку мила и невина, зарем би можел волкот да се вљуби во јагнето.. Немав срце да дозволам да се уништи покрај мене, не можев да и ја дарам љубовта која таја ја заслужува.. И затоа избегав, како кукавица.. Без збор ја оставив додека таа рушеше планини да биде со мене,
и покрај зборовите на другите ја прегазуваше и својата гордост и ми веруваше мене.
Ме сакаше толку наивно и чисто, а јас го згазив тоа нејзино срце од кристал за да ги соберам камењата.
А сега.., што сега.. Би ги заменил сите ноќи без број кои сум ги поминал покрај други за една со неа, барем уште еднаш да ги видам тие сафирни очи за последен пат.. Да и кажам дека ја сакам а потоа ќе продолжам пак да бидам кукавица, и пак ќе заминам..
За мене секогаш ќе е доцна за нова шанса, можеби љубовта дојде во погрешно време..
Ама барем овој пат постоеше.





„Љубовта која се потроши“


„Еј срце мое, уште ли не се измори? -
Ти кажав да бидеш разумно, 
ти кажав не се вљубувај во него, ќе те изгори.. 
Ти кажав илјада пати а ти не ме послуша. 
Ајде барем уште малце издржи, или откажи се засекогаш
тој не те заслужува.
Се потроши сета надеж во нашата љубов,
ми се потроши и силата да верувам.. доста е.
Еј срце мое уште ли не прокрвари? -
После сите негови остри зборови, 
после неговите лаги отровни,
уште ли тече крв во тебе? 
Зарем уште љубов отчукуваш? 
И кажав на љубовта да си оди, 
веќе таа нема сопатник, неговата одамна се потроши..
Зошто тогаш сеуште тлее во мене, 
кога неговиот жар одамна изгасна?
Еј љубов оди си, тој одамна замина.. 
Што ќе правиш ти во мене кога немам кому да те подарам..  
Знаеш, јас немам храброст друг да љубам, 
не можам ова срце пак да го повредам.
Оди си љубов доцна е, твојот херој одамна се откажа, 
нема веќе кој за тебе да војува..
Оди и пресели се во неговото срце, 
зароби му го како некогаш, 
можеби тој повторно ќе ме засака..“


12 May 2013

„Нашето Нешто“


Не, не се трудам да ја дознаам причината за неговото заминување, не ни ми треба.
Не барам кривица ни во него, ни во себе.. едноставно си викам така требало да биде.
Понекогаш во животот двајца се среќаваат, се заљубуваат, доживуваат нешта заедно и се разделуваат.. понекогаш ете патиштата им се разидуваат и завршува приказната.
Среќна сум што ние бевме едни од тие, среќна сум што нашата постоеше и беше вистинска.
И на крајот мислам дека доволно е и тоа што остана, тоа нешто убаво и посебно..
нешто на кое и двата ќе се сеќаваме, тоа се тие спомени од таа љубов и тоа време кои не се случуваат секој ден.

„Кога би знаел..“

Сега сакам да кажам многу нешта, на него а и н себеси. Ама немам храброст.. 
Сакам да имав шанса да му кажам колку ми недостига, да му кажам колку работите после него се променија, колку се променив јас. 
Да му кажам дека откако замина веќе никогаш не бев истата јас, не можев да бидам и колку да се трудев, ама ете успевав да го сокријам тоа.. барем во тоа успеав. 
Да му кажам како после него бев изгубена, несреќна, скршена.. ама затоа пак после се успеав да се пронајдам и сега сум среќна колку толку, но што ако, кога никогаш нема да е доволно. После него изгубив еден дел од себе, еден дел кој секогаш ќе биде празнина во се, и никогаш нема да биде пополнет. 
Сакам да кажам дека сега не сум толку силна како порано, го немам тоа трпение, не гледам на нештата како што гледав порано.. го нема тој оптимизам, како да го изгубив чувствто на реалност.. Ама ете пак успевам да живеам некако. И не, не ми фали љубов.. можам да најдам јас некој, некој што ќе знае да ме сака како што тој не знаеше, ама џабе е, не ми треба кој било, ми треба тој.. 
И сега ми паѓаат толку работи на памет, толку зборови кои ме печат во грлото и посакувам да беше тука и да му ги кажев.. ама и кога би имала шанса знам дека не би кажала ништо, 
зборовите би останале во грлото а јас само би заплакала и би го гушнала..  И зошто? -Зошто немам храброст, да имав барем малце.. немаше ништо од ова да се случи, можеби нешто, барем нешто ќе се сменеше.. ако тој знаеше.



10 May 2013

„Мојата малечка..“


После се дознав дека не ме заборавила, дека сеуште го споменува моето име, дека сеуште со радост се сеќава на секој миг со мене.. и не знам дали тоа ме прави среќен или тажен..
Си викам -Како можи да ме сака после се што и сторив, како можи да не ме мрази?
Таа заслужуваше љубов а јас и дарував само болка.. во нејзините очи само солзи знаев да оставам, ја бакнував неа а во мислите ми беа многу други.. И таа пак ме гледаше со насмевка,
со толку љубов, со толкава среќа. Сега е многу доцна, можеби премногу доцна сватив што оставив. Сега ми е срам дури и да ја погледнам.. а знам ако и се вратам ќе биде најсреќната девојка на светот, ама не можам.. не ја заслужувам јас, ништо од тоа не заслужувам..
Барем некој друг нека ја прави среќна, некој кој ќе биде достоен за неа, и солза да видам на нејзиното лице барем да знам дека плачела по некој што вреди..
Мојата шанса помина, многу одамна..
Јас и дарив среќна љубов која не беше реална,
сега и да живее со тажна но барем нека биде вистинска.

„My kind of love“


После се налик случајно ќе ме прашаат како сум, и како низ шала ќе ме прашаат дали сум среќна и дали го заборавив. Без ни малку срам ќе го споменат неговото име, и повторно ќе ми ја отворат таа стара рана и со голи раце ќе ги оттргнат конците кои ги зашивав толку време.
Без ни ронка совест ќе ги раздробат сите спомени пред моите очи,  и ќе ми го влепат минатото во образ само да ме боли.
А јас ќе се засрамам во себе, ќе ја проголтам сета горчина, ќе ги згмечам сите емоции и ќе поверувам во сопствената лага. И така ладнокрвно ќе се насмевнам,ќе климнам со главата и
ќе премолчам. Тие никогаш нема да разберат.. никогаш нема да ја видат длабочината на тагата се додека сами не потонат во неа, никогаш нема да ја почувствуваат тежината на солзите се додека не се стркалаат по нивното лице, нема да го разберат тој оган се додека не и нив не ги изгори.. тие никогаш нема да ја разберат мојата љубов.. затоа што таква љубов нема никогаш повторно да се роди.

http://www.youtube.com/watch?v=0pyyL6acoLY

„Нашата бајка“


Од таа ноќ не ми остана ништо.. само еден куп прашања, разлетани мисли, горки солзи, и болка.. толку болка. Највеќе ме боли тоа што не можам да најдам лек за нив, ме боли неспокојот, ме болат зборовите што останаа некажани. И сеуште се обидувам да најдам причина, да најдам барем еден знак кој сведочеше за нашта разделба, еден збор позади кој се криеше тоа 'збогум', но залудно. Да знаев дека тоа беше нашата последна ноќ ќе те гушнев посилно, ќе се стуткав во твоите прегратки се додека не го градиве не се наполнеа со твојот мирис, ќе те бакнував се додека усниве не го добиеа твојот вкус.. ќе гледав во твоите очи се додека не потонев во нивното синило.. ќе танцувавме на нашата песна се додека не заспиевме.
И утрото кога ќе се разбудев ќе плачев толку силно се додека да исфрлам се, се што ќе ме потсеќа на тебе.. Така помалку ќе болеше, одколку вака да живеам во надеж дека ќе се појавиш повторно, дека ќе се вратиш со одговор.. со утеха.. И не ме боли разделбата, ме боли тоа што никогаш не беше кажана.
И после се секоја приказна заслужува крај, а на оваа нашата и фали последната страница.. можеби е знак дека сеуште можеме да напишеме среќна завршница....






06 May 2013

„Кога неа и стана сеедно“


„Ја сакав, а не ни бев свесен за тоа, си велев можам јас да живеам и без неа, нема да ме боли, сеедно ќе ми е.
И затоа секогаш и се враќав, мислев дека можам во секое време да ја оставам, ама се лажев.
Таа ме гледаше како да не постоеше никој друг, ме сакаше толку што веднаш штом ќе ме видеше забораваше на се', на сите лаги, на сета болка која и ја нанесував.. толку многу ме сакаше.
И знаеш што.. баш тогаш сфатив, кога заминав.. кога реков дека ќе оставам и ќе ја заборавам, мислев за неа времето ќе застане, ама уствари моето застана..
Поминаа месеци, година и ја видов, а таа не ме ни погледна, како да ме немаше..
и тогаш сфатив колку сум ја сакал.. кога неа и стана сеедно.“

„Ние двајца“

А тој, баш како и јас чекаше некоја да го промени.. 
И тогаш ние двајца, барајќи го баш спротивното
од она кое што го пронајдовме еден во друг,
се сретнавме немајќи појма кои сме и што бараме, што сакаме..
И се враќавме еден на друг, секоја ноќ, стално. 
Се до оној миг кога сфативме дека неможе понатаму, барем не така. 
Или се или ништо. 
А не бевме спремни за чувства, јас скршена после него, а тој после којзнае која. 
И двајцата продолживме онаму каде што застанавме,
се оддалечивме еден од друг на ист начин на кој се сретнавме.
Бевме две лоши души кои и понатаму трагаа по некоја добра која ќе не промени,
не мислејќи дека можеби баш еден за друг сме створени.


05 May 2013

„Кукла“


Гледајќи ја однадвор, така нежна но сепак толку груба, како порцеланска кукла, 
и ќе си речеше човек.. зарем постои некој кој би можел да ја расплаче? 
Имаше поглед кој скаменува, толку длабок што можеше и крвта да ти ја замрзни, лицето како да и беше од кристал.. немаше емоции, немаше ништо. 
Беше си го обвила нејзиното срце во школка, и ништо не дозволуваше да продре до него, животот ја научи никому да не верува, и не беше смела повеќе да ризикува.
А нејзината душа, не постоеше сведок за таа мистерија, беше се затворила себеси зад ѕидините на тоа порцеланско лице и тие сафирни очи.. далеку од се', се сокри од светот, за никој да не можи повторно да ја повреди. А која беше таа?
Светот ја гледаше како девојката за која љубовта беше нешто сосема непознато,
а таа имаше љубов во себе, имаше надеж,но залудно.. веќе ги имаше потонато длабоко во својата душа, ги имаше заборавено... 
Да, таа можеби најдобро од сите ја познаваше љубовта, го знаеше тој отров кој сите го пиеа без да знаат дека од него никој не успеал да се спаси, но таа го пронајде против отровот, 
го пронајде во себе.. во илјадниците исплакани солзи, во безбројните срушени надежи, во срцето кое постојано и беше повредувано.. Љубеше и простуваше, патеше и забораваше.. 
и од сето тоа свати, човек кој љуби со разумот, а не со срцето.. никогаш нема да биде повреден.
И така заборави, ги избриша солзите, провлече насмевка и наздрави.. 
за тие кои сакаат без да љубат!





03 May 2013

„Посветено на една љубов“


И наеднаш како да се будиш, како да се враќаш назад во реалноста, како се изминато да било само сон а ти да си бил заробен во него.
Наеднаш ја нема таа топлина, го нема тој жар, покрај тебе веќе ја нема таа личност,
и тогаш се случува тој мрак, таа самотија, студенило..
Се е по далечно одколку што некогаш било, се е само сеќавање,
а во градите уште чувствуваш тапа болка, како да недостига дел од тебе.
И потоа повторно се обидуваш да се вратиш назад,
да продолжиш од каде што застана, но сфаќаш дека нема почеток, нема ни крај..
И тогаш ти е јасно, во животот некои работи не се случуваат по втор пат,
сфаќаш дека љубовта доаѓа многу пати, но онаа вистинската - само еднаш!



„Што имаше тој што немаа другите“


Ќе и речеа, малечка тој не ги заслужува твоите солзи, ти си толку скапоцена за еден ништожник како него, живеј го животот млада си, ќе има и други љубови.
Но солзите кои извираа од нејзините блескави сини очи сведочеа за нејзината љубов, толку тажна љубов.
Имаше срце од памук, срце во кое можеше да се скрие и најголемиот бедник и да стане крал.. а тој беше еден од тие.. еден и единствен.
И ветуваше кули и дворци а се што и остави беа голи пустини,
и ветуваше вечност, и замина за еден миг, но таа пак го сакаше.
Не беше ни самата свесна што ја влечеше толку кон него, дали неговата лудничавост, неговата нексротлива енергија, тој бесен дух, дали тоа еуфорично екстазично чувство кое го добиваше секој пат кога ќе се најдеше во неговите прегратки, дали таа скржава љубов кој тој и ја подаруваше и веднаш и ја одземаше за да бара уште..  сето тоа ја правеше толку зависна од него..
И токму тоа го правеше поразличен од другите, тој и беше како дрога.. дрога која не смееше никако да ја вкуси, ја доведуваше во делириум, ја разбеснуваше, и го спушташе целиот универзум во дланка, и веднаш потоа исчезнуваше.. го снемуваше, ја оставаше сама во фантазиите кои ќе ги градеа заедно, и тоа ја доведуваше до лудило.
Едноставно не знаеше да живее без него, не умееше.. секој пат кога ќе ја оставеше го сакаше се повеќе и повеќе, и затоа никогаш не го заборави. Затоа што никој не знаеше да ја расплачи,насмее,повреди и излечи во исто време.